Топ
Странски државјанки без документи затекнати во казина и угостителски објекти во Тетово

Ноќеска во Тетово и околината полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за гранични работи и миграции, Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, Единицата за стратешко планирање, стандарди и контрола на квалитет , Единицата за службени кучиња и СВР Тетово во координација со Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Трудовиот инспекторат спроведоа акциска контрола во повеќе угостителски објекти и казина.
При контролата, во угостителски објект во с.Жеровјане, општина Боговиње, биле затекнати 13 вработени странски државјанки без соодветни документи, еден гостин странски државјанин со нерегулиран престој и две лица како обезбедување без лиценца за обезбедување.
Истовремено како што соопшти полицијата, во акциската контрола во угостителски објект на излезот од Тетово биле приведени И.А.(20) од Тетово и А.Б.(26) од скопско Рашче кои не поседувале документи за идентификација.
Во угостителски објект на улица „Димо Гавровски-Кара” во Тетово бил приведен 37-годишниот тетовец В.Н., кој се однесувал агресивно кон полициски службеници додека преземале службени дејствија.
Додека, во угостителски објект на улица „ЈНА” во Тетово бил приведен 26-годишниот А.З.од Тетово поради нарушување на јавниот ред и мир. Во истиот објект било затекнато и малолетно женско лице од Република Косово кое консумирало алкохол, по што му било предадено на нејзин роднина.
Против сите лица, кои направиле прекршоци, ќе бидат поднесени соодветни пријави. При контролата, исто така, од УЈП, ДПИ и ДИТ во повеќе објекти биле констатирани повеќе неправилности за што од нивна страна биле изречени соодветни санкции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ тврди дека Јанев и Тошковски знаеле сè, а се сомневаат и во уништување на докази

Приведените полициски службеници за трагедијата во Кочани се истите за кои СДСМ со месеци наназад алармираше, објавуваше факти и аргументи во серијалот „Вистината за Кочани“, соопшти денеска партијата, предупредувајќи на сериозни пропусти во истрагата и можноста дека во меѓувреме биле уништени важни докази.
„Јавноста мора да знае колку докази исчезнаа додека Тошковски и Јанев ги штитеа своите полициски кадри. Месеци наназад негираа вина, манипулираа со родителите и создадоа услови истрагата да биде компромитирана. Тоа е недозволиво“, соопшти СДСМ.
Од партијата велат дека уште од првиот ден предупредувале дека полициски службеници имаат директна одговорност за пожарот во кој животот го загубија 62 деца, а над 200 беа повредени, но надлежните институции молчеле сè до јавниот и медиумскиот притисок.
„Да не беше нашата упорност, гласот на родителите и дел од медиумите, ништо од ова немаше да се случи. Затоа бараме итна институционална, политичка и кривична одговорност“, порача СДСМ.
Партијата директно го посочува Александар Јанев, директорот на Бирото за јавна безбедност, како лице кое „ги поставил, штител и им давал наредби“ на приведените полициски службеници.
„Јанев мора веднаш да си поднесе оставка, за да не влијае врз истрагата и расчистувањето на случајот“, наведуваат од СДСМ.
Истото, според нив, важи и за министерот Панче Тошковски кој, како што велат, „тврдеше дека нема вина кај полицијата, додека ги штитеше своите кадри“.
„Христијан Мицкоски пак ја злоупотреби трагедијата за политички напади, свесно лажеше и ги манипулираше родителите, додека вистинските виновници од неговата власт беа заштитени“, обвинуваат од СДСМ.
Партијата завршува со ставот дека „без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски – нема да има правда за Кочани. А без правда, нема мир за родителите, граѓаните и државата“.
Свет
Две лица загинаа, а 19 се ранети во четвртиот ирански напад врз Израел

Иран утрово започна четврти бран ракетни напади врз Израел, во рамки на Операцијата „Вистинско ветување 3“, соопшти иранската државна телевизија. Ова претставува одмазда за претходните напади на израелските воздухопловни сили врз ирански цели во четвртокот навечер.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека детектирале ракети истрелани од Иран и веднаш активирале одбранбени механизми. Во неколку израелски региони се огласија сирени, а жителите беа повикани да се засолнат.
„Израелските воздухопловни сили се во моментална операција за пресретнување на ракетите. Граѓаните мора да ги следат инструкциите и да останат во засолништа додека не се елиминира опасноста“, соопшти прес-службата на ИДФ.
Израелските медиуми известуваат дека експлозии се слушале во Тел Авив и Ерусалим. Медицинските служби потврдија дека најмалку две лица загинале, а 19 се ранети откако ракета погодила станбена зграда во централен Израел.
„Најмалку една жена е во сериозна состојба, а неколкумина се уште се под урнатините“, изјави Ели Бин, директор на „Маген Давид Адом“, израелската верзија на Црвениот крст.
Од друга страна, според израелскиот весник „The Jerusalem Post“, најмалку 63 лица се повредени од гранатирањето, додека поголемиот дел од иранските ракети биле соборени или не стигнале до целта.
Македонија
Денеска топол ден низ цела Македонија

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека денеска нѐ очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер, а долж Повардарието повремено ќе дува и засилен северен ветер.
Минималните утрински температури се движат од 8 до 18 степени, додека максималните ќе достигнат од 26 до 33 степени Целзиусови. Метеоролозите најавуваат стабилни услови во текот на целиот ден.
Во Скопје, времето исто така ќе биде сончево и топло. Ќе дува умерен, а во одредени делови од котлината и повремено засилен северен ветер. Температурата во главниот град ќе се движи од 14 до 31 степен.
„Очекуваме стабилно време и во следните денови, со претежно сончеви периоди и температури кои ќе останат високи за овој период од годината“, велат од УХМР.