Македонија
АСОМ: Бараме итно повлекување на законот за игри на среќа и негово носење во редовна постапка

Асоцијацијата на спортските обложувачници (АСОМ) одржа брифинг со новинари со цел да побара поддршка во борбата за дебата при носењето на новиот закон за игри на среќата, кој Владата сака да го донесе на брза лента со европско знаменце. Асоцијацијата ги повика новинарите да ги отворат прашањата што се од јавен интерес, од интерес на демократските процеси и правичноста.
„Веќе неколку години имаме состојба на целосно политичко своеволие и насилство од страна на Владата кога станува збор за нашата работа и нашата индустрија. Наместо дебата, конструктивна соработка со одговарање на предизвиците со кои се соочуваат играчите и индустријата, наместо градење партнерство, имаме целосно игнорирање, непрофесионален третман и скриени интереси, што ги промовира Владата“, истакна Васко Илијевски, претседател на АСОМ.
Од АСОМ посочија дека предлагањето на законот за игри на среќа со европско знаменце за кој нема ниедна основа да биде со такво знаменце е само доказ дека идејата не е да се донесе подобар закон, туку на мала врата да се протне закон, кој има друга заднина.
„Како е можно, Владата, без дебата, без основна финансиска анализа и импликации од законот, без конкретни докази за ефектите од законот, да сака да протурка нешто што ќе биде колапс на индустријата? Овој закон ќе има страшни последици врз буџетот и вработувањата, односно ќе значи оставање на улица 10.000 вработени, играње на црно и враќање на сивата економија на голема врата и ова го имаме како доказ од регионот, конкретно од Албанија“, констатира Илијевски.
Од АСОМ потенцираа дека тие се сериозна организација, која во текот на годините понуди многу предлози како да се унапреди целата индустрија по европски терк. Тие истакнаа дека имаат решенија, сериозен правен тим и искуство од европските земји, каде што нивните членки работат и дека се понудиле вистински да ѝ помогнат на Владата да дојде до подобар закон, но таа останала глува на нивните барања.
„Точно знаеме како да се одговори на сите предизвици за евентуални штетни појави бидејќи за тоа има светски докажани пракси. И за ова со години се бориме бидејќи ова е, пред сè, наш интерес. Наш интерес е самата индустрија да напредува, а легислативата да се европеизира. Ова што го прави Владата не е тоа“, рекоа од АСОМ.
Тие посочија дека само во последниот месец откако Владата ги прифати измените на Законот за игрите на среќа на предлог на Министерството за финансии на разни начини преку отворени писма до Владата, јавни повици преку медиумите, писма до Делегацијата на Европската Унија во земјата, писма до Собранието итн., се обиделе да ги повикаат на дијалог, но, велат од АСОМ, институциите тенденциозно ги игнорирале.
„Владата доби јасна порака и од евроамбасадорот Гир дека не смее да се злоупотребува ЕУ-знаменцето за носење закони без дебата. Во комуникација со пратеници и политички групи сите потврдуваат дека нема основ за европско знаменце на овој закон, но сè уште не е повлечено. Бараме итно повлекување на законот за игри на среќа и негово носење во редовна постапка“, потенцираа од АСОМ.
Од АСОМ порачаа дека до крај ќе се борат против закон кој значи затворање на легалната индустрија на игри на среќа, која постои секаде во светот и која во нашата земја во буџетот годишно носи прилив од 250 милиони евра.
Доколку институциите останат глуви на нивните апели и покрај сите обиди за дијалог, од АСОМ најавуваат и масовни протести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Околу 500 невработени се пријавиле да гаснат пожари за 24.000 денари месечно, огласот истекува денес

Денес истекува огласот за владината мерка за справување со пожарите на кој се бараат 400 невработени за помош при гаснењето на пожарите низ земјава за 24.000 денари месечно. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вели дека во Скопје има малкумина пријавени.
„Во овој момент имаме нешто помалку од 500 пријавени кандидати на територијата на државата. Нам ни беа потребни 400, за жал бројката во Скопје е нешто помала, под 50, а очекувавме 80. Денес истекува огласот, овие лица во наредните два-три дена ќе бидат контактирани, ќе бидат повикани во локалните територијални противпожарни единици. Некои до нив, особено оние во Дирекцијата за заштита и спасување ќе почнат со најмалку дводневна обука, период во кој е се изврши селекција на оние кои ќе можат да продолжат понатаму да се развиваат во насока на пожарникари“, вели директорот Ангелов.
Оние кои ќе се покажат како најдобри ќе добијат можност да бидат вработени во локалните противпожарни единици, а најдобрите меѓу најдобрите, пак, ќе можат да бидат дел од новата специјална единица на ДЗС. Директорот Ангелов вели дека по вработувањето, оние невработени кои ќе се покажат како најдобри меѓу најдобрите, ќе земаат поголеми плати и од пожарникарите.
„Специјалната единица ќе има повисока плата и од пожарникарите, затоа ќе бидат во помал број, но ќе бидат користени секаде онаму каде што е најтешко вклучително и на тешко пристапни терени каде што обичен човек или просечен пожарникар не би можел да се движи. Затоа што еден од приоритетите е да имаме луѓе кои се физички многу подготвени и можат да се пробијат секаде. Зборуваме за единица во која сите би биле помлади и физички поспремни за да можат да одговорат на најсложени задачи“, рече директорот Ангелов.
Сегашниот ангажман за 24.000 денари според него е форма на доброволно приклучување на владината мерка со цел да се направи селекцијата и да се изберат оние кои ќе бидат вработени во противпожарните единици во кои платите се над 40 илјади денари.
Македонија
Грција ја повтори поддршката за ЕУ интеграцијата, со порака за почитување на Преспанскиот договор

Поддршката од Грција за европскиот пат на Северна Македонија останува силна, но придружена со порака за целосна имплементација на Преспанскиот договор. Ова го истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на заедничката прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој престојува во прва официјална посета на Атина.
„Дозволете ми да ја подвлечам важноста на целосната и bona fide имплементација на Преспанскиот договор, вклучително и користењето на уставното име на земјата за севкупна употреба (ерга омнес)“, изјави Герапетритис.
Двајцата министри разговараа за продлабочување на билатералната соработка, регионалната стабилност и заедничките економски и енергетски проекти. Станало збор за проекти, како Коридорот 10 и за гасниот интерконектор. Реафирмирана е заедничката посветеност во рамките на НАТО и потребата за блиска координација. Поддршката за Украина мора да остане, заклучија министрите.
Муцунски ја нагласи важноста на меѓусебната почит: „Длабоко и искрено верувам во нашите односи и во силата на дипломатијата заснована на почит.“
Муцунски изрази благодарност за грчката помош по трагедијата во Кочани и пожарите во близина на Дојран.
Македонија
Гаши имал интестинална опструкција на тенкото црево, неговата состојба е стабилна, соопшти МЗ

Министерството за здравство информира дека претседателот на Собранието, Африм Гаши е во стабилна здравствена состојба.
Тој околу полноќ бил хоспитализиран на Клиниката за дигестивна хирургија со болки во стомакот.
„Веднаш му се направени потребните радиолошки и лабораториски испитувања, утврдена е интестинална опструкција на тенко црево.
Задржан е на болничко лекување и е под постојан лекарски надзор. Во моментот е на конзервативен, медикаментозен третман, без поставена индикација за оперативно лекување“, соопштија од ресорното министерство.