Македонија
Родителите на 16 – месечното дете од Струга со хематом на главата и скршеници ќе одговараат за запуштање и малтретирање
Струшката полиција поднесе кривична пријава против родителите на 16-месечното дете кое минатиот месец со хематом на главата и скршеници на градите и на едната рака беше донесено во специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, а од таму итно беше префрлено на Детска хирургија во Скопје. Полицијата соопшти дека за родителите, А.М. (25) и неговата вонбрачна сопруга А.И.(21), двајцата од Струга постои основано сомневање дека сториле кривично дело запуштање и малтретирање дете.
„На 12 февруари годинава околу 11 часот, во СВР Охрид добиена е пријава дека во болницата ’Св.Еразмо’ со тешки телесни повреди било донесено 16-месечно дете од Струга. По преземени мерки констатирано е дека во домот на пријавените врз малолетникот паднал дел од мебел“, извести полицијата.
Тешко повреденото 16-месечното дете со возило на струшка Итна помош било однесено во „Св. Еразмо“, а откако таму било дијагностицирано и му била пружена помош, со истото возило веднаш било испратено на Детска хирургија во Скопје.
Директорот на „Св.Еразмо“, Ацо Велески за „Макфакс“ изјави дека детето било примено кај нив со фрактури на градите, хематом на главата и други повреди по телото. Случајот го пријавиле во полиција, а истовремено биле ангажирани и социјалните служби поради сомнежот дека детето е жртва на семејно насилство.
На Клиниката за детска хирургија 16 – месечното дете беше сместено на интензивна нега и веднаш му беше закажана операција на левата надлкатица. Директорката на Клиниката, Славица Литајковска за „Макфакс“ изјави дека при прегледите кај детето откриле и стари хематоми, покрај оној на главата.
Полицијата и стручните служби од Центарот за социјални работи по насоки од јавен обвинител четири недели работеа на утврдување дали се работи за случај на семејно насилство и не откриваа како се повредило 16-месечното дете.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.

