Македонија
Заев молчи, Гаши реагира: Нема ништо мистериозно во средбата со експремиерот, по чиј налог ме следат службите?
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, ја потврди средбата со експремиерот и експретседател на СДСМ, Зоран Заев. Детали за тоа што се разговорите – нема. „Макфакс“ побара став и од Заев, но тој до моментот на објавување – не одговори на пораките. Гаши пак, обвинува дека фотографијата е направена од службите на СДСМ и ДУИ.
„Како лидер на Алтернатива, имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќавам, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ?“, прашува Гаши.
„Макфакс“ го праша и Заев за тоа што се разговарало на средбата, но и кога истата се одржала. Тој до моментот на објавување не одговори на прашањата, меѓу кои беше и тоа, дали истата се случила откако Алтернатива излезе од Владата. Меѓу другото, побаравме став и за шпекулациите дека Заев со Гаши ќе ја уриваат Владата во која влезе и Алијансата на Албанците.
Фотографијата протече во јавност утринава. Таа беше објавена на социјалните мрежи. Со неа се критикуваше Гаши и Алтернатива, дека и откако се исфрлени од Владата по ултиматумот од СДСМ, тие седнуваат на маса со владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

