Македонија
Петровска и Рамадани: Евро-атлантскиот совет е столбот на атлантизмот во државата

Денеска, во Министерството за одбрана, министерката Славјанка Петровска и претседателот на Евро-атлантскиот совет на Северна Македонија, Исмет Рамадани, го потпишаа меморандумот за соработка, кој предвидува голем број заеднички активности со една основна цел – развој на демократијата и зацврстување на евро-атлантските вредности во македонското општество.
Министерката Петровска на состанокот порача дека невладиниот сектор има значајна улога во развојот на општеството и порача дека како и досега Министерството за одбрана останува посветен партнер во реализацијата на активностите на оваа организација.
„Евро-атлантскиот совет е столбот на атлантизмот во државата. Вашата посветена работа во ширењето на евро-атлантските вредности, особено кај младите, кои се и нашите идни лидери, е од круцијално значење за развојот на нашето современо, европско и демократско општество“, рече министерката и додаде дека Евро-атлантскиот совет секогаш на Министерството може да гледа како на партнер и силен поддржувач.
Претседателот на Евро-атлантскиот совет, Рамадани, се заблагодари за континуираната поддршка од министерката Петровска и Министерството и порача дека заедно и здружени можеме да ги внесеме евро-атлантските вредности кај младата популација, која покажува силен интерес за сето она што претставува алијансата и за нејзината улога во заштитата на безбедноста и стабилноста на територијата на НАТО.
„Се согласивме да ги обединиме силите за промоција на евро-атлантските вредности, јакнење на капацитетите и забрзување на реформите, како и целосна поддршка на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Во наредниот период ќе се работи на многу заеднички проекти, тренинзи и иницијативи преку неколку програми за разни групи граѓани. Веќе од крајот на март 2023 предвидено е заедничко одржување неколку настани по повод членството во НАТО и денот на НАТО“, истакна Исмет Рамадани, претседател на Евро-атлантскиот совет за време на потпишувањето на меморандумот.
Меморандумот за соработка опфаќа поголем сет заеднички активности, меѓу кои и меѓусебна поддршка во активностите за справување со хибридни закани, особено борбата со дезинформациите, кои имаат потенцијал да ги поткопаат демократските вредности и слободи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го потпиша Договорот на ОН за заштита на водите и обезбедување нивен одржлив развој

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на третата конференција на Обединетите Нации за океанот којашто се одржува во Ница, го потпиша Договорот според Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (Договор BBNJ).
Целта на Договорот е преку зајакнување на меѓународната соработка и координација, да се сопре губењето на биолошката разновидност и деградацијата на екосистемите.
Истакнувајќи дека иако сме континентална држава направивме извонреден потег со тоа што пристапивме кон овој Договор, како и многу други држави, Сиљановска-Давкова рече – затоа што кога зборуваме за водите, мислиме на водите од потокот, од изворот, па до океанот и затоа е важно што повеќе држави да го потпишат Договорот.
Таа укажа дека Договорот ни наметнува и сериозни обврски кои треба сериозно да ги сфатиме затоа што сме должни како држава да сториме сè за заштита на водниот биодиверзитет и за одржлив развој на водите.
Оценувајќи дека состојбата со океаните и со водите воопшто не е сина, претседателката нагласи дека нештата мора да се менуваат во интерес на нивната заштита, затоа што добробит од тоа имаат сите држави на светот без оглед дали се на море или не – тоа значи дека и нашата држава ќе има само корист од заштитата на водите.
Во рамки на Конференцијата којашто се одржува во Ница, претседателката Гордана Сиљановска Давкова имаше и кратка средба со францускиот претседателот Емануел Макрон.
Македонија
Велковски за Денот на социјалните работници: Вие не само што ги менувате животите на луѓето, вие го менувате духот на нашето општество

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, присуствуваше на настан по повод двојно одбележување на социјалната работа, Денот на социјалните работници – 10 Јуни и Денот на социјалната работа кој беше неодамна.
Настанот насловен: „Ја славиме социјалната работа – за трајна благосостојба, заедничка иднина и силна солидарност!“ беше во организација на Здружението на социјални работници на Македонија – ЗСРМ, а на него покрај социјални работници присуствуваа и професори од Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет, Скопје.
Целта на одбележувањето на овој ден е да се афирмира значењето на социјалната работа и улогата која ја имаат социјалните работници во различни подрачја на делување во нашата држава.
Во оваа прилика Велковски изрази благодарност до социјалните работници за нивната пожртвуваност во работата за која што потенцираше дека „не постои подобар начин да се опише оваа професија освен со зборот хуманост“.
„На терен, ние знаеме дека предизвиците со кои се соочувате не се мали. Но вие не се откажувате, не се повлекувате. И секојдневната комуникација со вас ми покажува дека вие сте оние што ги имате решенијата, вие сте оние кои можат да најдат начин дури и кога изгледа дека нема начин. И во тоа, вашиот труд е непроценлив. Вие не само што ги менувате животите на оние кои ви се обратат, вие всушност го менувате духот на нашето општество, градите мостови меѓу луѓето, ја обезбедувате шансата за утре за оние кои сега се изгубени“, истакна Велковски.
Тој се осврна на заложбите на Министерство, за создавање на систем кој ги поддржува социјалните работници во вршењето на нивната мисија.
„Да обезбедиме подобри услови за работа, да обезбедиме ресурси и обуки кои ќе ви овозможат да се соочувате со сите предизвици кои се појавуваат. Вие сте вистинските херои на ова општество. Ви благодарам од срце и ви посакувам многу успех во вашата хумана работа,“ порача Велковски.
Македонија
Студентите ќе добијат по 250 евра за набавка на електронски уреди од септември, најави Мицкоски

Премиерот, Христијан Мицкоски денес изјави дека Владата планира ученички стипендии за наредната година, а во однос на новинарското прашање за најавата на Владата за помош на студентите за набавка на електронски уреди, изјави:
„250 евра за електронски уреди. Тие пари се предвидени во буџетот. Процедурата во рамките на Владата, односно Генералниот секретаријат е отпочната. Се дефинираат критериумите и нормално е дека чекаме да отпочне новата студентска година затоа што еден од критериумите е да студентите имаат заверен семестар. И ги чекаме овие бруцоши коишто сега ќе се запишат за да го заверат семестарот и да може да ги добијат тие 250 евра помош од државата за купување на електронски уреди. Така што веќе во септември месец, јас сум сигурен дека тоа ќе се случи“.
Тоа што ВМРО и оваа Влада ветуваат, во којашто се политичките партии ВРЕДИ, коалицијата ВРЕДИ, политичката партија ЗНАМ и нашата коалиција, додаде тој, тоа што ние го ветуваме, тоа го испорачуваме, но се разбира во зависност од приоритетите, бидејќи многу приоритети има, мора многу дупки и многу лоши работи од минатото да се санираат коишто ги наследивме.
„Така што еве, за овие година дена мислам дека успеавме многу од тие лоши работи, еден од тие е и овој објект, да ги санираме. Така што мислам дека последната бројка е на приватните и државните универзитети, некаде околу 55 илјади студенти, со заверка на семестар ќе може да ги користат овие 250 евра за набавка на електронски уреди од септември“, изјави Мицкоски.