Македонија
Ковачевски ги пречека Борел и Вархељ: европска поддршка за следниот исчекор во европските интеграции

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Скопје ги пречека и имаше средба со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, и комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархељ.
На состанокот е разговарано за важноста од следниот исчекор на Република Северна Македонија во европските интеграции, како прашање од значење за перспективите на нашата држава и за стабилноста на регионот и на Европа.
Ковачевски се заблагодари на високите европски претставници за нивниот придонес, како и на европските партнери за заедничкиот успех во отворањето на преговорите на Северна Македонија со Унијата лани во јули.
Владата на Република Северна Македонија, како што нагласи Ковачевски, е фокусирана на европската агенда, работи на имплементацијата на реформите, на унапредувањето на соседските односи во духот на европските вредности и е посветена на успех и во следниот исчекор во евроинтеграциите.
Средбата на премиерот со европските претставници се реализира пред почетокот на шеснаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, што ќе се одржи денеска во Скопје, на кој претседавач ќе биде претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, а копретседавач од страната на Европската Унија, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Борел, а ќе присуствува и комесарот за соседска политика и проширување, Вархељ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
„Уапсени се полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер“: СДСМ ја поздрави акцијата на ОЈО ГОК за Кочани

„Ја поздравуваме вечерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција во која се лишени од слобода полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер на 16 март во т.н. дискотека Пулс во Кочани“, соопшти СДСМ.
„Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на Пулс и тоа го одобрувале.
Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници би требало веднаш да си поднесат оставки.
Одговорност мора да има и за Александар Јанев, директорот на БЈБ. Тошковски и Јанев не смеат повеќе да ја попречуваат истрагата ниту да влијаат некој да не сноси одговорност.
Вистината за Кочани која цела недела ја објавуваше СДСМ е точна. Се покажа дека без силен притисок на јавноста, на дел од медиумите и на СДСМ нема да има правда за Кочани. Време е за одговорност, време е за оставки“, се додава во соопштението на СДСМ.