Македонија
Средба Адеми – Лудва: Чешка со поддршка за нашите евроинтеграции

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Арбер Адеми, имаше средба со амбасадорот на Чешката Република во нашата земја Јарослав Лудва.
На состанокот Адеми го поздрави засилениот ангажман на ЕУ во регионот на Западен Балкан, од аспект на напредокот и нашите подготовки за ЕУ членство, за што сведочи и денешната посета на нашата земја од страна на Високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, се истакнува во соопштението.
Притоа Адеми ја нагласи потребата за што поскоро изгласување на уставните измени во Парламентот, за што ќе биде потребно двотретинско мнозинство, за кое во моментов се преговара со сите партии застапени во Собранието. Но посочи, дека треба да се има во предвид дека и понатаму ќе биде потребно двотретинско мнозинство за изгласување на другите обврски кои произлегуваат од нашата Преговарачка рамка.
Во тој контекст, истакна дека Парламентот на крај секако ќе треба да ги усвои амандманите на Уставот, со внесување на бугарската, но и на црногорската, хрватската и на другите заедници, кои живеат во земјава.
Секое пролонгирање значи и губење на време и пропуштање на позитивниот моментум за почеток на преговорите во ЕУ.
Амбасадорот Лудва, ја повтори чешката поддршка за нашите евроинтегративни процеси, како и подготвеноста на неговата земја да ги сподели чешките искуства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекинато водоснабдување во дел од Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека денеска на ул. Будимпештанска 26А поради дефект во шахта (промена на вентил од ф 3/4), со прекинато водоснабдување ќе бидат ул. Осло, Хашка, Будимпештанска и дел од Женевска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.(општина Карпош)
Македонија
Денес втора седница на Советот за безбедност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја свика втората седница на Советот за безбедност што ќе се одржи денес, 1 август, со почеток во 12 часот.
Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Македонија
Сончево време со температура до 34 степени

Времето денес ќе биде потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 33 степени, јавува УХМР.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Ќе има услови за локална појава на пороен дожд и грмежи. Во понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а од вторник се очекува стабилизирање на времето.