Македонија
Грковска: Сајбер безбедноста во администрацијата е клучна за заштита на граѓаните

„Паралелно со дигиталната трансформација на општеството, сајбер безбедноста треба да биде третирана како највисок приоритет. Во спротивно, изложеноста на ризици ќе го надмине бенефитот кој го добиваме со дигитализацијата, што е ситуација која мора да ја избегнеме по секоја цена, затоа што би имала несогледливи импликации за севкупниот развој”, истакна заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска на меѓународната конференција „Сајбер интегритет во јавната администрација“.
Во своето воведно обраќање, вицепремиерката Грковска се осврна на можностите кои ги дава дигитализацијата за подобрување на пристапот до услуги за граѓаните, што е една од стратешките цели на Владата и е во основите на доброто владеење. Во таа насока, според неа, клучно е градењето отпорност на сајбер напади, заради заштита на податоците на граѓаните и за зголемување на нивната доверба во институциите.
Во однос на механизмите што ги создава Владата за подобрување на знаењата, вештините и информациите со кои се јакне сајбер интегритетот на администривниот кадар, вицепремиерката Грковска се осврна на сетот мерки за зголемување на безбедноста на информациските системи кои минатиот месец беа донесени од страна на Владата. Во рамки на споменатите мерки, Владата ги задолжи сите институции да им наложат на сите вработени задолжително да се регистрираат и да завршат една од онлајн обуките на Националниот центар за справување со компјутерски инциденти.
Во однос на понатамошното јакнење на капацитетите на државата за справување со овој вид ризици, Грковска информираше дека од ноември минатата година Северна Македонија стана членка на Глобалниот форум за сајбер експертиза (GFCE – Global Forum on Cyber Expertise) во кој членуваат и соработуваат владите на најразвиените земји во светот.
„Во рамките на GFCE Владата ќе работи на четири теми: политики и стратегии, менаџмент на инциденти и заштита на инфраструктурата од сајбер напади, сајбер криминал, сајбер култура и градење на капацитети“- истакна таа, додавајќи дека покрај сето ова, клучно е да се постигне повисока свест за значењето на сајбер безбедноста и улогата која ја има секој од нас во нејзиното унапредување.
Конференцијата посветена на справувањето со заканите за сајбер безбедноста во јавната администрација е организирана од ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување, со поддршка на Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој при Обединетото Кралство и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, а во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: По седум години раст на платите во здравството, ВМРО-ДПМНЕ го запре

Ова власт секој ден покажува и докажува дека работи само за големите компании, за големите приватни болници, додека здравствениот систем тоне во хаос, а за граѓните ништо не се прави, изјави вечерва од Струмица, претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Се отвора прашањето за кого крои политики министерот за здравсто, за доброто на јавното здравство, на болниците, клиниките, здравствените установи или за доброто на приватните болници под влијање на неговите најблиски советници. Но тоа не не изненадува“, рече Фиипче.
Во изјавата за медиуми,Филипче посочи дека во секоја област од здравството има проблем кој директно го чувствуваат на свој грб граѓаните.
„Голем проблем во изминатиот период се закажувањата на термините за различни снимања, хируршки интервенцији на пациентите. За жал, морам да кажам дека во здравствениот систем има огромни проблеми и огромни пропусти“, рече Филипче.
Тој додаде дека младите здравствени работници се оставени сами на себе, а здравстениот систем е без контрола.
„Се соочуваме со една ситуација во која што млади лекари и специјализанти се оставени сами на себе, без никаква подрошка, без никаква супервизија, и кога тие се впуштаат сами без контрола во работата, а здравствениот систем и министерството не прават ништо да го воспостават тој систем на контрола, се случуваат големи грешки“, рече Филипче.
Како што кажа Филипче, Владата на ВМРО ДПМНЕ не направи ништо за подобрување на статусот на здравствените работници, за разлика од времето кога Владата на СДСМ вложуваше и во здравствената инфраструктура и во покачување на платите.
„Жалам што после оние политики во седумте години на владењето на СДСМ кога направивме се, да ги зголимиме платите, примањата кај лекарите, медицинските сестри, оние коишто деноноќно работат за доброто на пациентите и успеавме да ги дуплираме, некаде да ги зголемиме и два и пол пати, сега овие година и пол власт на ВМРО-ДПМНЕ здравствените работници немаат никакви зголемувања. Тоа е еден доказ дека оваа власт не се грижи за доброто на работниците, ниту пак за државата. Жалам што во Министерството за Здравство, во главниот советнички тим на министерот, има лекари од приватните болници“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Мицкоски од Струмица: По 7 години кочење, започнува доизградбата на стариот театар

По седум години кочење, започнува доизградбата на стариот театар во Струмица, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Како Влада продолжуваме да ги поддржуваме општините, се сеќавате Струмица во првиот повик од Министерството за локална самоуправа не поднесе тогаш проект, односно поднесе еден проект којшто не ги исполнуваше условите. Додека пак сега во вториот повик поднесе неколку проекти, улици генерално за асфалтирање и реконструкција и сите тие проекти беа одобрени од страна на Владата и ќе ги финансираме во периодот којшто следи“, рече Мицкоски.
Како Влада, додаде тој, сакаме да пратиме порака дека ние сме Влада на цела Македонија, на сите општини.
Македонија
Утре променливо облачно и посвежо време со врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со грмежи и засилен ветер.
Дневната температура ќе опадне за 8 до 10 степени во однос на денешната.