Економија
Се стабилизира банкарскиот сектор, европските берзи растат втор ден по ред
На европските берзи утринава цените на акциите пораснаа втор ден по ред, најмногу во банкарскиот сектор, кој закрепнува по серијата мерки на централните банки за стабилизирање на секторот.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9.30 часот порасна 0,9 отсто зајакнувајќи втор ден по ред. Лондонскиот FTSE-индекс порасна 1,14 отсто, на 7.488 поени, франкфуртскиот DAX зајакна 1,29 отсто, на 15.126 поени, а парискиот CAC -1,43 отсто, на 7.113 поени.
Благодарение на низата мерки на централната банка за подобрување на ликвидноста, банкарскиот сектор се стабилизира последните денови.
Така, утрово, во европскиот банкарски сектор цените на акциите поскапеа во просек 1,8 отсто, при што цената на акцијата на UBS порасна 3,5 отсто, а Credit Suisse стагнира по вчерашниот остар пад. Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на Азиско-пацифичкиот Регион, без Јапонија, беше околу 9,30, што е раст од 0,6 отсто.
Во исто време цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Австралија и во Хонг Конг пораснаа меѓу 0,4 и 1,4 отсто. Во Јапонија денеска нема работа поради празникот.
Азиските берзи го следат вчерашниот раст на Волстрит, каде што Dow Jones зајакна 1,2 отсто, S&P 500 порасна 0,9 отсто, а Nasdaq-индексот 0,4 отсто.
Растот на пазарот е благодарение на стабилизацијата на банкарскиот сектор поради што стивнаа стравувањата од банкарска криза, која преовладуваше на пазарот по неодамнешниот колапс на двете американски банки – онаа во Силиконската Долина и банката „Сигначр“ – и поради проблемите на неколку другите банки, вклучително и „Кредит Свис“.
Швајцарските монетарни власти успеаја да склучат договор според кој UBS ќе го купи „Кредит Свис“ за 3,2 милијарди долари, но со огромни отписи од втората по големина банка во Швајцарија, што доведе до големи загуби за акционерите и сопствениците на обврзници на „Кредит Свис“.
Тоа предизвика цената на акцијата на „Кредит Свис“ нагло да падне вчера, но ги увери инвеститорите, кои стравуваа од прелевање од таа банка на други.
На пазарот позитивно влијаат и шпекулациите дека поради проблеми во банкарскиот систем и олеснување на инфлаторните притисоци, американската централна банка би можела да го забави темпото на зголемување на каматните стапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

