Македонија
Ѓорѓиевски: Кисела Вода е првата општина што вработи лице со Даунов синдром
Стефан Трпковски од Скопје денешниот ден го почна малку поинаку од досегашните. Со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го потпиша договорот за негово вработување и со тоа Кисела Вода го вработи првото лице со Даунов синдром. Видно возбуден, Стефан му раскажа на градоначалникот за своите таленти, за кошарката, која била негова прва љубов, за модерните танци и освоеното второ место на Специјалната олимпијада за танцови игри, за пливањето, кое веќе 10 години е негово хоби. Рече дека се подготвува да плива на Параолимпијада во Берлин, каде што задно со уште три други деца ќе ги брани боите на Македонија. Посака и во својата земја да постојат такви натпревари. Истакна дека може да го постигне сето она што силно го посакува и дека е многу среќен што од денес ќе запознае нови колеги во Општина Кисела Вода, ќе извршува работни обврски, ќе почувствува дека општеството и нему му дава еднакви можности како и на другите.
![]()
Градоначалникот Ѓорѓиевски денес ја отвори Општината и за други лица со Даунов синдром. Десетина од нив им беа достојна помош на вработените на шалтерот, каде што има најголема фреквенција на луѓе. Издаваа документи, го следеа процесот на подготовка и архивирање на предметите, разговараа со странките… Сите тие се дел од здружението „Трисомија 21“ од Скопје, кое веќе десет години работи на подобрување на квалитетот на живеење на лицата со Даунов синдром, чиј ден светот го одбележува токму денес.
![]()
„Денес сме тука заедно со Стефан и уште десетина лица со Даунов синдром, кои на практичен начин покажаа дека може да бидат рамноправни фактори во системот, дека може да совладуваат вештини и да постигнуваат резултати. За жал, Дауновиот синдром, кој светот денес го одбележува, во Македонија сè уште е табу-тема. На овие простори преовладуваат стереотипи, кои овие лица ги држат на маргините на општеството. Интересно и крајно полезно е да ги запознаеме, да видиме каква е желбата кај нив, со каква трудољубивост настапуваат кога треба да совладаат некаква вештина. Како локална самоуправа, која прави сериозни чекори во овозможувањето еднакви услови за сите, Општина Кисела Вода презема крупни чекори во надминувањето на предрасудите и препознавањето на способностите на луѓето со Даунов синдром.
Од денес Стефан Трпковски е наш вработен. За него, ова е шанса да се афирмира како рамноправен член на заедницата. За другите наши вработени и за нас како институција, ова е можност да се надминат евентуалните заблуди и самите да дадеме свој придонес во изградба на општество во кое е обезбедено еднакво уживање на човековите слободи и права, општество во кое се почитува и уважува човековото достоинство. Воедно, како претседател на ЗЕЛС сакам да упатам апел до сите други единици на локалната самоуправа, но и до институциите од централната власт, да го следат нашиот чекор и да овозможат вработување лица со Даунов синдром. Заложбите за еднаков третман на различностите не смее да бидат само декларативни. Со дела да покажеме дека сме подготвени да го менуваме светот на подобро“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски по средбата со лицата со Даунов синдром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

