Свет
Ѕид од куќа падна и усмрти девојче во Пакистан – неколку загинати и стотина повредени по земјотресот

Најмалку две лица загинаа во земјотресот со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала што вечерва го погоди северен Авганистан.
Земјотресот силно се почувствувал и во соседен Пакистан, каде што 13-годишно девојче загинало кога врз него се урнал ѕид во семејната куќа, а најмалку 150 лица се повредени во областа Сват на северот на Пакистан, поради што локалните болници прогласија итна ситуација, пренесува „Ројтерс“.
Авганистанските власти најавија дека засега немаат прецизни податоци за жртви.
Портпаролот на авганистанското Министерство за вонредни ситуации, Шафиула Рахими, изјави дека две лица загинале во источниот дел на провинцијата Лагман и потврдил дека земјотресот бил многу силен, дека е почувствуван во Бадакшан и во северниот дел на Авганистан, но и во Њу Делхи , главниот град на Индија.
Земјотресот бил на длабочина од 194 километри со епицентар во планинскиот венец Хинду Куш, во близина на оддалечената провинција Бадакшан во северен Авганистан, се вели во соопштението на ЕМСЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.