Македонија
Трипуновски да престане да манипулира, инспекциските контроли непречено се спроведуваат, велат од Агенцијата за храна

Политикантски и тенденциозни се последните обвинувања на Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ дека во прашање е доведено спроведувањето на инспекциските контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство поради нерегистрирани возила алудирајќи дека поради тоа се доведува во прашање безбедноста на храната и здравјето на граѓаните, велат од Агенцијата.
Трипуновски, додаваат од таму, да не се грижи. „АХВ е институција што досега докажа дека се грижи за безбедноста на храната и здравјето на граѓаните. Место нагаѓање и манипулирање, Трипуновски нека си ја гледа партиската агенда, но не на штета на граѓаните.
„Одговорно тврдиме, граѓаните јадат безбедна храна, контролите, редовните, вонредните и оние по мониторинг-програмите редовно се спроведуваат и ниеден момент ниту било ниту ќе биде доведено во прашање нивното извршување. Агенцијата располага со 117 службени возила, од кои 79 во моментот се регистрирани, а за остатокот во тек е јавна набавка за избор на осигурителна компанија“, се истакнува во демантот.
Во функција на немање застој во спроведувањето на инспекциските контроли, направен е, како што потенцираат, распоред за најрационално искористување на регистрираните возила и тој беспрекорно функционира.
„Повлекувањето производи од маркетите, што за Трипуновски е сомнеж, за АХВ е само потврда дека инспекциските контроли беспрекорно се спроведуваат и дека граѓаните јадат безбедна храна.
Паушалното тврдење дека во државава беснее свинската чума е само уште една потврда во низата непознавање на состојбите од страна на Трипуновски за кои, ако сака, може да се информира. Состојбата со болеста африканска чума кај свињите кај домашната популација е мирна и потврда за тоа е фактот дека последниот позитивен случај кај домашните свињи во земјата АХВ официјално го потврди на 29 ноември минатата година“, се истакнува во соопштението од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Целосна реконструкција и модернизација на пругата од Скопје до Кичево

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги започна подготвителните активностите за целосна реконструкција на пругата, односно железничката линија од Скопје до Кичево, која е дел од Коридорот 8, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај целосната реконструкција на постојната пруга, која сега е во многу лоша состојба, додаваат од партијата, работните активности опфаќаат целосна модернизација и нејзина електрификација.
„Во прва фаза, преку Европската Унија ќе се обезбеди грант од 5,3 милиони евра за физибилити студија, а носечка институција ќе биде Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ќе избере консултант за изработка на студиите согласно највисоките европски стандарди.
По завршување и изработката на анализите, кои според највисоките европски стандарди траат 18 месеци, започнува втората фаза на изведување на работните активности на терен за целосна реконструкција, модернизација и електрификација на пругата.
Оваа инвестиција во железничката инфраструктура, освен економски придобивки за бизнисот ќе значи и подобро и поефикасно поврзување помеѓу главниот град Скопје и општините Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево.
Овој проект уште еднаш ја потврдува посветеноста на Владата за унапредување на инфраструктурата и Македонија да ја направи центар на патни, енергетски и железнички коридори во регионот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Од шумскиот пат кон езерото, се води жестока битка за да се спречи ширењето на пожарот кај Јасен

Пожарот кај Јасен и натаму се заканува, откако во текот на ноќта започнал да се шири од шумскиот пат пред објектите на ловиштето кон ресторанот Козјак. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Анеглов, изјави дека пред неколку дена патот бил внимателно исчистен од вегетација со блудожер и сега претставува појас кој спречува ширење на огнот.
„Се води жестока битка со огнот, но надлежните служби не дозволија пожарот да се префрли на спротивната страна. Денес продолжува оперативната акција, со чистење на гребенот до езерото за да се стопира ширењето на огнот. Истовремено се дејствува и од воздух“, изјави Ангелов.
Како што додаде, покрај овој пожар, има уште неколку, но тие се безопасни во споредба со она што се случува во Јасен. Ангелов најави повеќе информации околу 13 часот.
Македонија
Антикорупциска брои службени возила пред изборите – институциите не ги пријавиле сите во рокот

Во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија и други правни лица со државен капитал при Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се пријавени 1.916 возила, иако институциите располагаат со околу 6.500 возила.
Податоците за бројот, марката, годината на производство, регистарскиот број и возната состојба требаше да се достават најдоцна до 18 август. Доколку правните лица не ги поднесат информациите навремено, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот.
Евидентирањето на возилата има за цел да спречи нивна употреба за потребите на изборните кампањи. Владата донесе одлука сите службени возила да добијат специјални црвени таблички најдоцна до 15 септември, а ќе се воведе и специјален регистар за нивно следење.