Македонија
(Видео) Андоновски: Извештајот на Стејт департментот е најкритички, Владата е најкорумпираниот елемент на државата
Последниот извештај на Стејт департментот на САД за заштита на човековите права во Македонија е најкритичниот во последните години во врска со гарантирањето на човековите права од страна на Владата и, генерално, властите, изјави Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, јасно е дека Владата е најкорумпираниот елемент на државата.
„И ако ги анализираме и претходните извештаи, јасно е дека ставот на Стејт департментот од опоменувачки во последните три години стана осудувачки за работата на оваа Влада и од умерена и внимателна критика прерасна во директна осуда на она што Владата го прави“, рече Андоновски.
Тој додава дека корупцијата стана неизлечива болест за оваа Влада.
„На 47 страници 22 пати извештајот зборува за висока корупција во сите ешалони на власта. И ако во 2020 или 2021 година државни службеници биле сметани за корумпирани, сега корумпирани се цели слоеви на владејачката елита. Во судството, од одредени примери на погрешно судиско однесување, сега неправдата и корупцијата прераснаа во проблем број 1 и на граѓаните и на меѓународните партнери. Отсуството на судска независност и драстично намалената доверба – најниско измереното ниво на доверба во правосудниот систем од независноста на земјата, односно четири отсто, само ги покажува вистините што сите ние ги живееме секој ден.
Извештајот ја лоцира и одговорноста. Екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција затоа што судиите намерно ги одложуваат судењата или апелациските разгледување за да овозможат стапување во сила на институтот застареност. И за ова не е виновно само правосудството, јасно е дека е виновна Владата“, нагласи тој.
Андоновски наведе делови од извештајот: „Владата не секогаш ги почитувала судската независност и непристрасноста. Владата не ја почитувала. Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок на судиите“ се дел од причините за мизерната состојба во судството. Затоа, Ковачевски, ако почнува ветинг, тој треба да почне од себе. Да се прочисти себе од Владата затоа што тој е оној што владее со непотизам, купување услуги, лична корист и судир на интереси.
Извештајот алармира и за директни злоупотреби од страна на припадниците на безбедносните сили, извештаи дека полицијата злоупотребувала притвореници и затвореници и употребувала прекумерна сила, полициски распити на новинари за т.н. информативни интервјуа. Извештајот забележува и нечовечко и понижувачко постапување и тешка пренатрупаност во одредени затворски одделенија. На крајот, новинарските слободи се сериозно засегнати“, рече Андоновски.
Јасно е дека сите гледаат оти корупцијата ја јаде Владата на ДУИ и СДСМ, заклучи Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За вакцинација против сезонскиот грип досега пријавени над 76 илјади граѓани, почна и вакцинацијата со комерцијалните вакцини за 700 денари
Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонскиот грип за ризичните категории населени досега се пријавени над 76 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 43 илјади лица во државата.
„Заинтересираните граѓани сè уште имаат можност да се пријават за вакцинација против сезонскиот грип преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар. Превентивни тимови продолжуваат и со теренска вакцинација во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Исто така, почната е и вакцинацијата со комерцијалните вакцини во Центарот за јавно здравје Скопје, а во текот на неделата ќе почне вакцинација и во другите центри за јавно здравје во државата.
Екипите на Центарот за јавно здравје – Скопје вршат вакцинација секој работен ден од 7.30 до 14.30 часот. Цената на комерцијалните вакцини изнесува 700 денари.
Македонија
За еден месец 138 санкции за непрописно вградени фолии
Во периодот од 01 до 31 октомври, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајни контроли на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.
При контролата санкционирани се 138 учесници во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Пецаков: Охрид не само што ќе изгледа поинаку туку ќе има и многу подобри услови за сите жители и за сите туристи
Кирил Пецаков го почнува вториот мандат како градоначалник на Охрид. Тој најави дека Охрид не само што ќе изгледа поинаку, туку ќе има и многу подобри услови за сите жители и сите туристи
„За мене е голема обврска и чест да продолжиме заедно по патот на успехот и да работиме за подобра иднина за нашите поколенија. Реализиравме многу проекти кои што значат за Охрид и стратешки го менуваат, а така продолжуваме и во вториот мандат. Имаме 10 нови капитални проекти на кои ќе се надополни и финиширањето на четири проекти, кои беа ветени во претходниот мандат. Станува збор за сериозна промена на сето она што ние го перцепираме во Охрид, првично за охриѓани и за сите оние кои што доаѓаат и уживаат во неговите убавини. Пред нас следува инвестициски период кој верувам дека ќе заврши успешно, односно за многу работи за кои што охриѓани разговарале, побарувале и било како насушна потреба во изнинативе 30 години, ќе се остварат, ќе се завршат и сметам дека Охрид не само што ќе изгледа поинаку, ќе има и многу подобри услови за сите жители и сите туристи кои го посетуваат“, рече Пецаков.

