Европа
Поранешната секретарка на Зоран Милановиќ оди во затвор, украла државни пари за скапи чевли
Сандра Жељко, поранешната секретарка на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, ќе мора да оди во затвор четири и пол години бидејќи проневерила најмалку 130.000 евра од државната каса заедно со тогашниот шеф на кабинетот на Милановиќ, Томислав Сауча, пишуваат медиумите во регионот. При претресот на нејзиниот стан полицијата во плакарот за чевли пронашла повеќе од 80 пара луксузни чевли, вредни 50.000 евра.
Тие двајца беа осудени на затворска казна уште во 2020 година, но Врховниот суд во Хрватска дури сега ја прогласи за конечна. За оваа одлука Жељко дознала сосема случајно бидејќи никој од институцијата претходно не ја известил.
„Случајно го видов написот на еден портал, барав нешто, веќе не знам точно што. И кога ја видов конечната пресуда, помислив дека тоа е некаква грешка. Дека можеби е погрешна формулацијата или нешто. Не разбрав, бев шокирана. Влегов во статијата и го видов датумот, 21 март. Бев изненадена, во неверување, не знам што да кажам“, изјави Жељко за локалните медиуми.
Покрај затворската казна, забрането им е да извршуваат јавна функција во следните пет години. И двајцата треба да ја вратат незаконски стекнатата имотна корист, при што Сауча платил 50.000 евра, а Сандра Жељко 80.000.
Според пресудата, Жељко проневерилa многу повеќе пари од нејзиниот тогашен шеф.
По изрекувањето на пресудата, таа за хрватските медиуми изјави дека не е виновна и дека само си ја работи својата работа.
На судењето, во текот на претходните години, за хрватската јавност секако најинтересна беше полемиката за нејзината колекција чевли. Имено, во нејзиниот стан биле пронајдени дури 80, а сите биле брендирани.
Жељко се бранеше дека ги купила во претходните 30 години од кариерата, најмногу на попусти, и дека ги чувала внимателно.
„Тоа беше главната атракција за полицајците, моите чевли“. Ако мојот криминал се тие чевли… дојдов од Вуковар, останав без ништо. Морам да напоменам дека немам деца, сама сум и со платата си купував што сакав. А ако има некакви брендови, тие секогаш се купуваат со попусти од 50 до 70 проценти. Ако моите чевли се проблем во целата работа, не знам што да кажам. Затоа што, ако имало нешто во мојот стан, тогаш ќе го покажале, немало да се занимаваат со моите чевли“, рече Жељко.
Таа за време на својата одбрана изјавила дека највисоката цена што ја платила за чевлите била околу 2.150 евра, а некои од нив ги дели со мајка си и со сестра си, со кои и живее.
Исто така, во нејзиниот стан бил пронајден патен налог, кој, како што тврди, ѝ бил подметнат. Зад тоа, смета таа, стои нејзиниот поранешен шеф, кој, како што тврди, носел одлуки за кои сега е одговорна.
„Не сум била важен човек, ниту сум имала функција да можам самоиницијативно некому да му давам наредби. Јас само си ја вршев работата“, заклучила таа и додала дека сè правела по наредба на шефот.
Сепак, на судењето нејзиниот шеф изјави дека таа е таа што крадела и ја искористила дупката во системот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шефот на украинската војска: Охрабрувачки информации доаѓаат од Купјанск
Врховниот командант на украинските вооружени сили, Олександр Сирски, изјави дека украинските сили значително ја подобриле својата тактичка позиција во градот Купјанск во Харковскиот регион.
„Работев со единиците на групата за пребарување и удар и тактичката група Купјанск. Беше одржан суштински разговор со командата на групата за пребарување и удар. Разговаравме за мерките за стабилизирање на ситуацијата во областа Купјанск. Слушнав извештаи за оперативната ситуација. Информациите се охрабрувачки.
Нашите единици успеаја значително да ја подобрат својата тактичка позиција директно во градот. Рутите што ги користат непријателските саботажни и извидувачки групи за инфилтрација се блокирани. Во тек е операција за расчистување на руските окупатори во Купјанск. Нивните единствени „успеси“ се во областа на пропагандата“, рече Сирски.
Тој тврди дека украинските сили сега работат на „постепено оттурнување на непријателот од неговиот мост северно од градот, како и од голем број други области каде што руските сили сè уште одржуваат присуство“. Сирски претходно објави дека продолжува работата за идентификување на руските војници кои „се инфилтрирале низ украинската одбрана“ во Купјанск.
На 21 ноември, рускиот претседател објави дека руските сили целосно го освоиле градот Купјанск и ја предупреди Украина дека ситуацијата таму наводно може да се повтори и на други места. Ова тврдење беше демантирано од Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија не спровела никакви успешни офанзивни операции на фронтовските линии во последните недели. „На пример, нашите сили имаа поголем успех на Купјанскиот фронт. Иако Русија тврди дека го освоила Купјанск, ние речиси целосно го исчистивме градот од нивните сили“, рече Зеленски.
Патем, Купјанск е стратешки важен град во Харковската област бидејќи се наоѓа на раскрсницата на клучните транспортни патишта, вклучувајќи ја и железничката мрежа што ја поврзува Русија со источна и јужна Украина. Руските сили го освоија на почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, но украинските трупи го вратија подоцна истата година.
Европа
(Видео) Уште едно фијаско на најсмртоносното оружје на светот на Путин
Руската интерконтинентална балистичка ракета „Сармат“, попозната како „Сатана II“, доживеа уште еден неуспешен тест. Хиперсоничниот проектил, честопати опишуван како најсмртоносното оружје на светот и способен да носи нуклеарни бојни глави, експлодира и се урна само неколку секунди по полетувањето од полигонот „Јасни“ во рускиот регион Оренбург, објавија странските медиуми.
The Sarmat ICBM had a failed launch. So much for Russia’s so-called wonder weapon. They’d end up blowing themselves up. pic.twitter.com/Pvbun7AYRq
— PaulC (@PaulConRO) November 29, 2025
„Сармат РС-28“ наводно скршнал од курсот исфрлајќи црни облаци од чад пред огнените остатоци да се срушат на земјата. Ракетата се урнала во близина на лансирната рампа создавајќи огромна огнена топка и исфрлајќи необичен чад во небото.
Ова е петтиот неуспешен тест лет за стратешката ракета, што ѝ предизвикува главоболки на Москва. Да потсетиме дека за време на претходниот тест во септември 2024 година ракетата експлодира во космодромот „Плесецк“, речиси 800 километри северно од Москва, оставајќи зад себе огромен кратер.
Европа
Кремљ: Го освоивме Покровск
Руската армија го зазеде украинскиот рударски град Покровск во источниот регион Донецк, кој беше под напади околу една година, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите.
Песков рече дека претседателот Владимир Путин бил информиран. Нема потврда од Киев. Руските сили наводно го окупирале и градот Вовчанск во соседниот Харков. Тврдењата не можеа да бидат независно потврдени, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посетата на Париз изјави дека интензивните борби продолжуваат околу Покровск и во Харков.
Набљудувачите сугерираат дека руското соопштение за воените придобивки би можело да биде темпирано пред очекуваната посета на американскиот специјален претставник Стив Виткоф на Москва утре, додека Кремљ се обидува да покаже напредок пред разговорите за евентуален мировен план.

