Македонија
Обвинители, полицајци и инспектори влегоа во битолската болница за Јана, директорот не може да каже дали има лекарска грешка

Обвинителство, полиција, Инспекторат – ова се трите институции кои од се влезени на контрола во Клиничката болница – Битола откога завчера почина петгодишно девојче. Потврда за ова даде и директорот Александар Обедниковски за „Макфакс“, кој ќе бара да се направат проверки и од Министерството за здравство преку посебна комисија. Директорот Обедниковски посочува дека не може да ги коментира обвинувањата дека на девојчето му била дадена гликоза иако шеќерот му бил покачен на 9, како што тврди семејството.
„Тоа не можам да го кажам тоа. Тоа го проверуваат. Дојдоа и од Обвинителството и од полиција. Штом постапува Обвинителството – не можам да коментирам“, рече тој.
Прашан дали тој се сомнева во лекарска грешка, посочи дека за тоа ќе одлучат институциите.
„Не можам тоа да го кажам. Тоа го одлучуваат Министерството за здравство и Инспекторатот. Затоа и ќе барам да дојде комисија од Скопје да не излезе потоа дека ние криеме некакви докази итн. Нека си дојдат од Скопје“, додаде Обединковски.
За случајот, директорот ќе има средба и со новиот министер за здравство.
„Јас одам кон Скопје на состанок во Министерство за здравство за да се договориме како да постапиме понатаму. Ќе побарам од министерот за здравство да направи комисија да дојде и да ја испитаат состојбата“, додаде директорот за „Макфакс“.
Девојчето починало по примањето инфузија.
„Девојчето е донесено во болницата во 10 часот вчераутро, а почина во 14 часот. Родителите го донесоа дехидрирано, со покачена температура, повраќање и со оток на очите. Кај нас беше само рехидрирано пред да почине. Телото сега е на обдукција, а за случајот го известив Обвинителството“, рече вчера директорот Обедниковски.
Сведоштво за последните моменти на Јана имаше и татко ѝ за „Макфакс“. Тој и неговата сопруга се убедени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузијата, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Влен“: ДУИ партнер на Левица, за власт ги гази Албанците

„ДУИ падна толку ниско што повеќе не се крие зад сцената, туку отворено се појавува како политички партнер на најалбанофобната партија во земјата, ЛЕВИЦА на Димитар Апасиев. Кандидатурата на Јована Мојсовска во Струга е печат на срамниот договор што го смислија луѓето на Али Ахмети со ЛЕВИЦА, со единствена цел да ја спречат победата на Менди Ќура во првиот круг“, велат од „Влен“.
„Денес, исто како во „соба 161“ кога се откажаа од претседателот на парламентот само за да останат на власт, ДУИ избра да ги здружи силите со Левица за да ги спречи промените.
Овој договор меѓу ДУИ и Левица е јасен доказ дека се отуѓиле и се откажале од секоја потреба на стружани. За Ахмети и неговите емисари, власта е повредна од достоинството на Албанците, иднината на Струга или слободното гласање.
ДУИ избра да стане партнер на Левица. Но, граѓаните на Струга избраа да бидат партнери во промените. И на 19 октомври, оваа промена ќе се случи. Струга ќе стави крај на ерата на корупција и ќе отвори нов, чист и чесен почеток со Менди Ќира“, се додава во соопштението на „Влен“.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 11:00 часот, корисниците од селата: Рашче, Бојане, Копаница, Горно и Долно Свиларе, Радуша и Кондово (Општина Сарај ) и дел од нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од с. Таор. (Општина Зелениково)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците на дел од ул.Благоја Гојан и ул. Рилски конгрес.(општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. Коле Неделковски, (од ул. Ленинова до Градинката). (Општина Центар)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од ул. Домазетовска во с. Драчево. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Осло. (Општина Карпош)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците во околината на објектот на ул. Козле бр. 149. (Општина Карпош)
· од 09:30 до 12:00 часот, корисниците од улиците: Речиште и Герника во с. Драчево. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево

Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, времето денеска ќе биде сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст. Особено топло ќе биде во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица.