Свет
Нуклеарната актовка е секогаш кај Путин: во Европа расте загриженоста од оружјето на рускиот претседател
Најавата на Путин дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија предизвика загриженост во цела Европа.
Оружјето што Путин го распоредува во Белорусија не е стратешко нуклеарно оружје, тоа не се интерконтинентални балистички ракети, кои може да го уништат животот на Земјата, пишува „Ал џезира“.
Тактичкото нуклеарно оружје (TNW) се преносливи, нестратегиски нуклеарни бојни глави, кои се користат за специфични тактички придобивки од првата линија. Аналитичарите го опишуваат тактичкото нуклеарно оружје како наменето за победа во битки, а стратешкото оружје е наменето за победа во војни.
Тактичкото нуклеарно оружје има помала експлозивна моќ од стратешкото оружје, што би можело да ги направи воено покорисни и помалку политички неприфатливи, а со тоа и поголема е веројатноста да се користи. Иако тактичкото нуклеарно оружје има помала експлозивна моќ од стратешкото оружје, употребата на само една нуклеарна бојна глава би имала катастрофални хуманитарни последици.
Атомската бомба што САД ја фрлија врз јапонскиот град Хирошима во 1945 година беше моќна околу 15 килотони и уби 140.000 луѓе. Тоа е со големина на едно од најмалите оружја во сегашниот руски арсенал.
Малкумина знаат точно колку TNW има Русија. Сепак, јасно е дека Русија има огромна нумеричка супериорност во однос на сојузниците на САД и НАТО кога станува збор за тактичкото нуклеарно оружје. Вашингтон верува дека Русија има околу 2.000 такви нуклеарни бојни глави, 10 пати повеќе од САД.
САД имаат околу 200 такви оружја, од кои половина се наоѓаат во базите во Европа. Овие нуклеарни бомби Б61, кои се движат од 0,3 до 170 килотони, се распоредени во шест воздушни бази низ Италија, Германија, Турција, Белгија и Холандија.
Според руската нуклеарна доктрина, рускиот претседател е крајниот одлучувач кога станува збор за употребата на руското нуклеарно оружје, без разлика дали е стратешко или тактичко. Таканаречената нуклеарна актовка е секогаш кај Владимир Путин.
Се верува дека такви актовки имаат и рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, и началникот на Генералштабот на руската армија, Валериј Герасимов.
Актовката е поврзана со специјален комуникациски систем со кодно име „Кавказ“, кој поддржува комуникација меѓу високи владини претставници во моменти кога се носат одлуки за употреба на нуклеарно оружје. Ако Русија верува дека се соочува со стратешки нуклеарен напад, Путин би можел да користи актовка за да испрати директна наредба за лансирање до командата на Генералштабот, која ги има нуклеарните шифри.
Путин се закануваше на можноста за нуклеарна војна во изминатата година, речиси секојпат кога неговата воена операција во Украина ќе попушти. Тоа би можело да објасни зошто токму сега реши да распореди оружје во Белорусија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.
Свет
Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски не е задоволен
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни гаранции, но Украина сака повеќе и смета на период од најмалку 30 години, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Според него, Украина работи со сите партнери за безбедносни гаранции.
„Општо земено, ние сме блиску до тој проект. Имавме средба со американски сенатори. Рековме дека навистина сакаме да ги продолжиме безбедносните гаранции, за да бидат поефикасни за инвеститорите на кои им се потребни гаранции повеќе од пет до десет години“, рече Зеленски, пренесоа украински медиуми.
Тој додаде дека американската страна синоќапредложила гаранции од 15 години, додека Украина сака да додаде 20 години на тоа, за периодот да биде помеѓу 30 и 50 години.
„Зависи од тоа што ќе одлучат администрацијата и Конгресот, ќе видиме“, рече Зеленски.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.

