Свет
Германски тенкови Леопард 2 пристигнаа во Украина
Контингент од 18 борбени тенкови од типот „Леопард 2“, кои Германија вети дека ќе ги испрати во Киев за да ја поддржи Украина во војната против Русија, е предаден на украинската граница, објави денеска Шпигел, повикувајќи се на неименувани извори.
Според медиумот, на Украина и се предадени и околу 40 пешадиски борбени возила од типот Мардер.
На 25 јануари германската влада одобри испраќање тенкови „Леопард 2“ во Украина, како и нивен повторен извоз од земјите партнери.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус по таа одлука изјави дека тенковите ќе бидат испорачани пред крајот на март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нетанјаху побара од својот син да ја одложи венчавката поради безбедносни причини
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара од својот син Авнер да ја одложи венчавката закажана за 26 ноември наведувајќи ги безбедносните причини како клучен фактор во одлуката.
Церемонијата требаше да се одржи на фармата „Ронит“ во регионот Шарон, недалеку од Тел Авив, место познато по организирање семејни прослави.
Како што пишува „Тајмс оф Израел“, Нетанјаху разговарал со своите соработници за можните безбедносни предизвици што би можеле да произлезат од собирањето на ваков јавен настан, особено поради неодамнешните инциденти со беспилотни летала во регионот. Еден таков инцидент се случи пред неколку недели кога дрон лансиран од позиција на Хезболах го оштети прозорецот на резиденцијата на премиерот. Овој настан дополнително ги истакна можните ризици поврзани со големите собири, пренесуваат медиумите во регионот.
Медиумите неколкупати се обидоа да добијат официјален коментар од кабинетот на Нетанјаху во врска со ова барање, но премиерот сè уште не одговорил на овие прашања.
Оваа одлука за одложување на венчавката доаѓа во време кога Израел е соочен со зголемени тензии и потреба од дополнителни безбедносни мерки, што е тема од особен интерес на јавноста и домашната политичка сцена.
Свет
Лавров: Резултатите од самитот на БРИКС ја покажуваат неспособноста на Западот во обидот да ја изолира Русија
Резултатите од самитот на БРИКС во Казан ја покажуваат неспособноста на западните земји да ја изолираат Русија на меѓународната сцена, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
„Земјите од светското мнозинство не го следат примерот на Западот, тие ги зајакнуваат односите со нас во разни формати и области. За тоа сведочат резултатите од самитот на БРИКС во Казан под руско претседателство“, изјави Лавров на отворањето на осмиот светски конгрес на Русите што живеат во странство, пишува весникот „Известија“.
Според него, народите што живеат на југот и на истокот на светот разбираат дека силната Русија е важен фактор во формирањето праведен мултиполарен светски поредок, кој се заснова на принципите на Повелбата на ОН.
Лавров додаде дека овој светски поредок ќе ги одразува интересите на целото човештво, а не само на земјите од таканаречената златна милијарда. Заменик-шефот на руското Министерство за надворешни работи, Андреј Руденко, вчера изјави дека по самитот на БРИКС во Казан, одредени земји набргу ќе ја изгубат својата доминација во светската политика.
Според него, самитот покажал дека ставовите на земјите од таканаречената златна милијарда се разликуваат од значаен дел од светското општество. На 27 октомври, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, го истакна значењето на самитот на БРИКС, на кој присуствуваше, за решавање на глобалните проблеми. Гутереш оцени дека значењето на состанокот на лидерите на БРИКС лежи во единството на земјите учеснички.
Самитот на БРИКС во Казан се одржа од 22 до 24 октомври. Претходниот самит на ниво на шефови на држави се одржа во Јоханесбург во август 2023 година и како резултат на тоа членките на БРИКС одлучија за историско проширување. На Бразил, Русија, Индија, Кина и на Јужна Африка на 1 јануари годинава им се придружија Египет, Иран, Етиопија и ОАЕ, пренесува „Танјуг“.
Регион
Вучевиќ: Приказната за ЕУ не е целосна без Србија
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, вчера изјави дека секогаш е добро да се слуша гласот на вистината за Косово во Обединетите нации, но дека не очекува големи заклучоци од денешната седница на Советот за безбедност на ОН со оглед на поларизирани ставови на земјит -членки кога станува збор за Косово. Вучевиќ рече дека е сигурен оти секоја дискусија за Косово во Советот за безбедност на ОН ќе доведе до јасна поларизација кон земјите што го признаваат Косово и оние што го признаваат суверенитетот на Србија во согласност со меѓународното јавно право и Повелбата на ОН.
„Оние што мислат дека Косово е независно, веројатно, ќе ги величаат или оправдуваат постапките на Курти и Приштина. Оние што го почитуваат меѓународното јавно право ќе укажат на кршењето на основните човекови права и слободи, што, за жал, секојдневно се случува врз Србите и врз неалбанското население на територијата на Косово“, изјави Вучевиќ, пренесе „Танјуг“.
Вучевиќ рече дека „Отворен Балкан“ е добра иницијатива, но дека е пропуштена можноста да му се приклучат и Црна Гора и Босна и Херцеговина и на тој начин да го завршат проектот. „Тоа би било идеално и тогаш ќе ја добиеме полната слика на овој простор и ќе ѝ покажеме на Европа, но пред сè на нас самите, дека можеме да соработуваме. А не дека постојано се обвинуваме за нешто, затоа прифатете ме, но не прифаќајте ги во ЕУ“, рече Вучевиќ и додаде дека се добива впечаток дека „Отворен Балкан“ во моментот не е на дневен ред на соседните земји. На прашањето дали „Отворен Балкан“ е сè уште жив и потребен по Берлинскиот процес, Вучевиќ рече дека оваа иницијатива е жива во смисла дека се почитуваат постигнатите договори, но дека му се чини оти Албанија веќе не е заинтересирана за тој процес. Тој потсети на изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, дека процесот „Отворен Балкан“ е завршен и дека ја исполнил својата мисија.
„Очекуваме поблиско определување на новата Влада на Северна Македонија во однос на ова прашање, но премиерот Мицкоски не ја отвори оваа тема кога бев во Скопје. Очигледно е дека тоа не е на ничија агенда“, рече Вучевиќ. Тој додаде дека Германија се обидува да му даде нова сила и енергија на Берлинскиот процес и дополнително да го заживее во заднина на 10-годишнината и посочи дека не е важно како се вика иницијативата ако води кон мир и стабилност во регионот. Тој нагласи дека нема успех за одделни земји доколку целиот Западен Балкан не влезе во Европската Унија и дека без Србија како најголема земја во регионот, приказната за ЕУ нема да биде целосна.
Тој посочи дека треба да се води дијалог за договори за полесно движење луѓе, стоки и капитал и како граѓаните што помалку да се задржуваат на границите. „Да направиме навистина unstop shop на граница, а најдоброто нешто е да нема застој. И, пред сè, за товарниот сообраќај, камионите треба да доцнат што е можно помалку. Ова е важно за економијата на сите земји во оваа област“, нагласи Вучевиќ.