Свет
Руски војници: Командантите не ни дозволуваат да се повлечеме, се закануваат дека ќе не убијат

Членови на новоформираната руска јуришна единица рекле дека нивните команданти распоредиле војници за да ги спречат да се повлечат откако претрпеле огромни загуби во источна Украина и им се заканиле со смрт.
„14 дена бевме под отворен минофрлачки оган и артилерија. Имавме огромни загуби. 34 луѓе беа ранети, а 22 загинаа, вклучувајќи го и нашиот командант“, рече рускиот војник Александар Горин.
„Нашите команданти се криминална организација“
Друг војник рекол дека единицата на почетокот имала 161 војник. Тој раскажа како војниците решиле да се вратат во рускиот штаб, но дека претпоставените не им го дозволиле тоа. „Ни поставија војници зад грб и не нè оставија да ја напуштиме нашата позиција. Се закануваат дека ќе не уништат еден по еден и како единица. Сакаат да не погубат бидејќи сме сведоци на целосно несовесно криминално раководство“, додаде тој.
„Нашите команданти се криминална организација. Не можете да го наречете тоа поинаку“, рече друг руски војник, кој се претстави како Сергеј Молданов. Гардијан идентификуваше осум мажи. Кога ги контактирале, тројцата потврдиле дека се припадници на единицата „Бура“.
Мажите, кои побарале да останат анонимни, рекле дека во меѓувреме биле евакуирани од фронтот. Единицата „Бура“ беше формирана од руското Министерство за одбрана во јануари специјално дизајнирана да навлезе во најсложените и најразвиените одбранбени сектори на вооружените сили на Украина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се нуди награда од 50.000 долари за осомничен за двојно убиство во Минесота

Американските власти во Минесота и натаму трагаат по 57-годишниот Венс Лутер Бетлер, осомничен за убиство на демократската пратеничка Мелиса Хортман и нејзиниот сопруг, како и за ранување на сенаторот Џон Хофман и неговата сопруга.
Државното Биро за кривични дела на Минесота објави дека Бетлер е висок 195 см, тежи околу 100 килограми, има кафеава коса и очи, и последен пат бил виден вчера во Минеаполис, облечен во светол каубојски шешир, темна кошула со долги ракави и светли панталони, носејќи темна торба.
– Не знаеме дали има соучесници, можно е да бил со други лица. Сакам да ги сослушаме сите што можеби биле во контакт со него, изјави полицискиот претставник Дру Еванс.
ФБИ објави фотографија од Бетлер како стои пред домот на еден пратеник маскиран како полицаец, и понуди награда од 50.000 долари за информации што ќе доведат до негово апсење и осуда.
Бетлер живее во округот Сибли, близу градот Грин Ајл, и работи како директор за безбедносни патроли во приватна фирма. Во минатото бил генерален менаџер во синџир продавници и фабрика за храна.
Во 2016 година бил назначен од тогашниот гувернер Марк Дејтон за претставник од приватниот сектор во Советот за развој на работната сила, организиран од гувернерот. Во истиот совет членувал и сенаторот Хофман, жртвата на нападот.
Засега не е јасно дали Бетлер и Хофман имале лична поврзаност.
Американските власти нападите ги опишаа како „чинови на политичко насилство“.
Свет
Германија, Франција и Велика Британија нудат итни преговори со Иран

Германија, Франција и Велика Британија се подготвени веднаш да започнат разговори со Иран околу неговата нуклеарна програма во обид да се намали тензијата на Блискиот Исток, изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
– Се надевам дека ова сè уште е можно, изјави Вадефул за германската јавна телевизија АРД, додавајќи дека Техеран претходно ја пропуштил можноста за конструктивни разговори.
Тој нагласи дека деескалацијата и долготраен мир во регионот се можни само ако Иран престане да биде закана за регионот, Израел и Европа.
Свет
Еден загина откако се урнаа два воздушни балони над долината Ихлара, дел од познатата туристичка област Кападокија

Два воздушни балони се урнаа во централна Турција, при што загина најмалку едно лице, а 19 се повредени, јави турската државна телевизија ТРТ.
Загинатиот бил еден од лицата што управувале со балоните.
Несреќата се случила при лет над долината Ихлара, дел од познатата туристичка област Кападокија, која е позната по балонските летови и живописниот пејзаж.