Македонија
Муцунски: Зголемувањето на платата целосно ќе го донирам во хуманитарни цели и за семејствата на уставобранителите

Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, на својот фејсбук-профил објави дека според последната одлука на Уставниот суд, сите носители на јавни функции ќе добијат зголемување на својата плата, а разликата во покачувањето тој ќе го донира во хуманитарни цели на семејствата со ниски месечни примања и за семејствата на уставобранителите.
Муцунски истакна дека одлуката е донесена од највисокиот орган што ја штити уставноста во Македонија и е одлука што мора да се почитува, но разликата може да се донира.
„Јас сум растен, воспитуван и образован во духот на позитивни вредности. Сметам дека меѓусебната поддршка и помош се важни. Среќата не зависи од тоа колку имаме, туку од тоа колку можеме да помогнеме и да направиме за другите“, напиша Муцунски на својот фејсбук-профил.
Тој воедно ги повика и другите носители на јавни функции од сите политички партии да го следат неговиот пример.
„Имајќи ја предвид тешката економска и финансиска состојба во која живееме, почнувајќи од следниот месец, разликата во платата ќе ја донирам за хуманитарни цели. Ова е само мал гест од моја страна, кој се надевам дека ќе помогне на голем број семејства што секојдневно се борат со разни предизвици и се справуваат со економски, финансиски и здравствени проблеми. Воедно, ги повикувам и другите мои колеги од сите политички партии, доколку се во можност, да го следат овој пример“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мојсоска: Домување за жртвите на семејно насилство е приоритет во програмата на Левица

„Иако локалната самоуправа има законски обврски и надлежности во заштитата од семејно насилство, фактите се дека општина Струга целосно заостанува во тој поглед. Податоците покажуваат дека сѐ повеќе жртви се охрабруваат да ги напуштат насилниците, но економската зависност е коренот на проблемот, поради кои жртвите остануваат да трпат семејно насилство“, истакна Јована Мојсоска во дискусијата одгранизирана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во Струга.
На настанот на која присуствуваше и Климе Карамитриески, носителот на советничката листа на Левица за Струга Мојсоска презентираше и дел од програмата на Левица во кој се предвидува изградба на шелтер центар за жртви на семејно насилство, финансиска поддршка за домување за жртви на семејно насилство како и предност при вработување на самохрани мајки и жртви на семејно насилство.
На крајот од своето обраќање Мојсоска истакна: „Мојата главна порака е дека игнорантноста и неспособноста на институциите не смее да кошта човечки животи“.
Македонија
Андоновски: Бесплатни WI-FI зони за граѓаните во повеќе од 60 општини низ Македонија

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес во посета на Ѓорче Петров, заедно со градоначалникот на општината, Александар Стојковски го најави проектот за нови бесплатни WI-FI зони низ државата, со што се става акцент на граѓаните, со тоа што ќе можат да користат бесплатен интернет во овие зони, а првата ваква зона ќе биде токму паркот во Ѓорче Петров.
„Поставуваме бесплатни WI-FI зони за граѓаните, Ѓорче Петров е една од првите општини каде што ова ќе се реализира, со проект поддршка од ЕУ, преку планот за Западен Балкан, односно WI-FI за Западен Балкан. Освен во Ѓорче Петров, имаме апликации во повеќе од 60 општини низ државата“, најави Андоновски.
Овој проект кој е во соработка со ЕУ во интерес на државите од Западен Балкан, како што беше појаснето е од големо значење и поддршка на сите држави кои партиципираат, затоа што ќе се зголеми пристапноста до интернет и ке се подигне дигиталната писменост.
Андоновски најави исто така дека во Скопје ќе има десетина вакви зони, кои како што рече тој, младите ќе бидат најголеми корисници на овој проект.
„Во Скопје ќе имаме повеќе од 10 локации каде што ќе бидат поставени овие WI-FI зони, каде граѓаните, особено младите ќе имаат пристап до бесплатен интернет овозможен од овој проект во соработка со ЕУ”, рече Андоновски.
Градоначалникот Стојковски изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството за дигитална трансформација и најави целосно дигитализирање на општинските услуги, бидејќи како што рече дигитализацијата нуди подобри и поефикасни услуги за граѓаните.
Македонија
Злоупотребен профилот на основно училиште во општина Аеродром за политичка кампања, МОН и ДИК да реагираат, бара СДСМ

СДСМ Аеродром реагира на, како што велат, скандалозниот чин во кој основното училиште „Браќа Миладиновци” споделило видео-спот од политичка кампања за локалните избори.
„Ова претставува директно прекршување на законите, принципите на непристрасност и професионалност, и претставува срамно партизирање на јавните институции.
Училиштата се место за образование, воспитување и градење на вредности, а не алатка за партиска промоција.
Злоупотребата на училишните профили и, уште полошо, можната злоупотреба на деца во политичка кампања е крајно недозволива и опасна“.
Бараат итна реакција од Министерството за образование и наука и од Државната изборна комисија.
СДСМ Аеродром, нагласуваат од оваа партија, ќе поднесе соодветна пријава до надлежните институции за да се утврди одговорноста и да се санкционира овој обид за партизирање на образовниот систем.
„Јавните институции се на граѓаните, не на партиите. Ќе се спротивставиме на секој обид децата и училиштата да се користат како средство за политичка пропаганда“.