Македонија
(Видео) Велјановски: СДС и Левицата во коалиција од финансиски интерес, се бетонизира Карпош со нов ДУП за нови згради

На вчерашната седница на Советот на Општина Карпош со изгласувањето на ДУП за Градска четврт ССЗ 01, блок 10 од четврт ССЗ 01, општина Карпош, се случи промоција на Левица како евтин приврзок на Социјалдемократскиот сојуз во општина Карпош. Оваа новоформирана коалиција помеѓу Левица и СДС нема ниту логична, ниту практична, ниту идеолошка основа, оценува Роберт Велјановски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Општина Карпош. Основата, како што вели, е во финансискиот интерес и концесиите кон определени моќници.
Одамна е познато, додава тој, дека СДС во Карпош има концесии кон бизнис-моќниците од „градежната мафија“, но во периодот пред нас треба да откриеме какви и колкави концесии има Левица.
„Како и да е, Левица Карпош своеволно се стави во функција на извршител на договорите на СДС со „градежната мафија“.
Повеќе од 100 изградени објекти на повеќе од 100 семејства кои постојат на терен, а не се вцртани во овој ДУП, СДС и Левица не ги гледаат, за нив тие не постојат. Крајно дрско и безобразно, тие 70% од опфатот на ДУП-от кој го изгласаа, во иднина го гледаат како рамна зелена површина. Значи, интересот и проблемите на овие граѓани се неважни, нема потреба од градинки, нема потреба од училиште, нема потреба од спортски игралишта, паркинзи, велосипедски патеки. Но, имаат потреба максимално да ги испочитуваат барањата и нарачките на „градежната мафија“.
Одвојте само 10-тина минути за посета на веб страната на Катастарот на Република Македонија и по кратко истражување на парцелите на кои што се вцртани зградите и деловните објекти во овој ДУП, ќе откриете исклучително интересни совпаѓања. Затоа гласно прашуваме:
Дали се ова имотните листови на истите фирми и истите личности за кои што Обвинителството на Република Македонија веќе има отворено обвинителни акти за можен сторен криминал и злосторства направени кон животната средина во Канцер паркот во Карпош 4?
Дали се работи за истата фирма за која е нарачано и вцртано бетонското чудовиште во ДУП-от за Влае 2?“, прашува тој.
Потсетува дека и граѓаните гласно негодуваа и протестираа за овие проблеми. И во трите случаи, како што рече, истите луѓе, истите фирми и истите сомнежи за криминал, вреден милиони евра.
„Со жалење констатираме дека Левица и СДС во Карпош повеќе се грижат за интересите на градежната мафија, отколку за интересите и потребите на жителите на Карпош.
Бидете уверени дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за „Обнова на Македонија“ цврсто стои во одбрана на јавниот интерес и интересот и барањата на жителите на Карпош. Затоа веќе разгледуваме неколку опции за понатамошно делување и ќе ги искористиме сите постоечки легални правни механизми за спречување на имплементацијата на овој штетен ДУП и исполнувањето на концесиите на СДС и Левица, кои очигледно ги имаат кон градежната мафија“, рече Велјановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Македонецот кој спречи терористички напад во авион: „Реагирав инстинктивно“

На летот од Лондон до Глазгов се случи инцидент, откако еден од патниците извика дека има бомба, со слогани „Смрт за Америка, смрт за Трамп“ и „Алах акбар“. Патникот кој се закани дека ќе постави бомба беше совладан од Зоран Настески, по потекло од Македонија и Србија, кој живее во Велика Британија.
Настески го собори човекот на подот за време на летот и го држеше до слетувањето, кога го презеде шкотската полиција. Во меѓувреме, во Велика Британија е започната истрага за терористичкиот напад. Индискиот „Јутуб“ канал „НДТВ“ објави видео од инцидентот, на кое се гледа моментот кога Настески совладува патник кој извикува дека има бомба и го навредува американскиот претседател Доналд Трамп.
View this post on Instagram
„Вчера наутро тргнав на одмор во Глазгов. Десет минути пред слетувањето, еден човек помина покрај мене држејќи кафе и телефон во рацете. На почетокот се плашев дека ќе ми истури топло кафе, па се засолнив. Потоа почна да вика дека има бомба и дека ќе го собори авионот, за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна“, вели Настески, пренесува „Телеграф.рс“.
Патниците паничеа, додаде Настески, децата врескаа, а екипажот беше видливо вознемирен.
„Само реагирав инстинктивно, сакав да ги заштитам другите. Станав, го соборив, му го зедов телефонот и го држев за раце додека не слетавме. Набрзо ми помогна друг патник, не сум сигурен дали беше Англичанец или Шкотланѓанец“, рече Настески.
По слетувањето на аеродромот, пожарникарите и полицијата дојдоа на пистата и уапсија 41-годишен маж. Целиот настан го снимила патничка. Видеото набрзо станало вирално на социјалните мрежи.
По десет години работа во Велика Британија, Настески планира да се пресели со својата партнерка во Србија, каде што има семејни корени. Неговиот татко е Македонец, роден во Скопје, а неговата мајка е Србинка.
„Се селам во Белград затоа што ја запознав најпрекрасната жена на светот, Сандра“, рече Настески.
Авиокомпанијата „Изи џет“ објави дека човекот што го предизвикал инцидентот бил уапсен веднаш по слетувањето во Глазгов и дека персоналот на авионот бил обучен да се справува со вакви ситуации, за да не биде доведена во прашање безбедноста на сите во авионот.
Македонија
Започна изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Битола

Во општина Битола, денес беше одржан состанок, со кој се означи почетокот на реализацијата на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води.
Во присуство на претставници на Министерството за животна средина, Министерството за финансии, изведувачот на пречистителната станица конзорциумот Лантаниа-Стентон градба-Карканиас, избраниот надзор- фирмата Ептиса, претставници на КЈП „Нискоградба“ и претставници на општинската администрација, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посочи дека овој стратешки еколошки проект е многу значаен чекор кон заштитата на животната средина.
Основната цел на проектот е да се подобри инфраструктурата за собирање и третман на комунални отпадни води, во согласност со директивата за третман на отпадни води и националниот закон. Според договорот, времетраењето на градба е 2 години и една година гарантен период. Со помош на ЕУ, се гради одржлив систем за отпадни води за идните генерации, преку инвестирање во чиста вода и зелени решенија што ќе обликуваат поздрава и поодржлива иднина.
Македонија
Дожд и грмежи вечерва и во раните утрински часови, јавува УХМР

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, во западните делови западен, а долж Повардарието северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Кон крајот на денот во северозападните делови облачноста ќе се зголеми и во текот на ноќта и во раните утрински часови ќе има локален дожд, повремено пороен со појава на грмежи и услови за краткотрајно невреме.
Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степеним јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, во раните утрински и претпладневни часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 33 степени.