Македонија
Муцунски: Лицата со аутизам ја имаат нашата поддршка, осветлувањето на објектите во сина боја е важно за подигнување на свеста

Зградата на детската градинка „Буба Мара“ беше обоена во сина боја, со што Општина Аеродром даде симболична поддршка во одбележување на Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот.
Градоначалникот Муцунски на својата фејсбук страна потенцираше дека на ваков начин тој како градоначалник и општината праќа силна порака за поддршка на лицата со аутизам и покажуваат подготвеност заеднички да ги надминеме сите предизвици и пречки.
„Осветлувањето на објектите во сина боја е важно за подигнување на свеста за овој проблем, но и начин преку кој даваме поддршка за лицата кои живеат со аутизам и нивните семејства. Сите заеднички неопходно е да правиме многу повеќе – преку инклузивно образование, еднакви можности и средина каде сите ќе бидат еднакво почитувани“, истакна Муцунски во својата објава.
Преку секојдневните активности и проекти, Општина Аеродром активно работи на создаваање институции и заедница кои ќе бидат целосно инклузивни и ќе овозможат еднаков пристап и третман за сите граѓани кои живеат во општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Државниот секретар Петрушевски на средба со амбасадорот на Црна Гора Миљаниќ

Вчера државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски оствари работна средба со амбасадорoт на Црна Гора во Р.С.Македонија Н.Е. Зоран Миљаниќ.
На средбата заеднички беа потврдени одличните односи помеѓу двете земји и високото ниво на политички дијалог и соработка, како и посветеноста за натамошно продлабочување на истата, извести МВР.
Државниот секретар во МВР Петрушевски се заблагодари за постојаната поддршка од страна на Црна Гора, потенцирајќи ја важноста за продолжување на билатералната и регионалната соработка кои се од особено значење за двете држави.
Во фокусот на состанокот беа актуелните политички состојби во двете земји, можностите за продлабочување на соработката преку учество во регионалните и меѓународните иницијативи, со цел зајакнување на истата во контекст на справување со безбедносните предизвици и борбата против секаков вид на криминал, соопшти МВР.
Македонија
„Дали криминалот во Глобал тежок 8 милиони евра, за кој Заев беше амнестиран, е дело на кое Филипче се воодушевува и од кое народот треба да учи“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Владеењето на Зоран Заев, како на локално, така и на централно ниво беше проследено со криминални и корупциски скандали. Во слободното време, кога не ги распродаваше националните и државни интереси, Заев тераше разработени криминални и рекет шеми“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Потрагично од криминалот на Заев е што неговиот наследник во СДС, Венко Филипче се воодушевува од него, вели дека нема друг како него и смета дека народот треба да учи од него и од неговото работење.
Една од криминалните афери на претходникот на Филипче, Зоран Заев, беше криминалната аферата Глобал, тешка осум милиони евра.
Заев требаше да заврши зад решетки затоа што жив беше фатен во криминал од 8 милиони евра, но од затвор се спаси затоа што беше амнестиран од Бранко Црвенковски.
Кога Филипче се воодушевува од Заев и вели дека народот треба да учи од него, дали мисли и на ова, како да се направи криминал тежок осум милиони евра и за тоа да не се одговара?
Венко Филипче треба да каже дали се воодушевува на криминалот на Заев, кој му донесе милиони евра, а благодарение на СДС остана неказнет.
Дали Филипче е воодушевен и од тоа и дали и на тоа мислеше кога го фалеше Заев? Или, пак, тој криминал и неказнивост можеби ќе го осуди?
Но, како вика народот, во секое зло, добро. Па така, во се ова, добро е што Венко Филипче призна и кажа се. Сега народот нема простор за двоумење и знае што Венко Филипче сака. Тој сака да ги следи криминалните стапки на Зоран Заев, кој е и негов водич и учител.
Со ова признание, Филипче уште еднаш се покажа СДС беше и останува симбол на криминал, корупција и предавства“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Мерките на Владата за намалување на цените беа неуспешни, граѓаните плаќаат највисоки цени во регионот

„Економската криза сè повеќе го погодува џебот на граѓаните, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не само што не успеа да ја стабилизира ситуацијата, туку ја влоши со низа неефикасни и задоцнети мерки. Наместо системско решение за спречување на ценовните шокови, добивме маркетиншки трикови и привремени потези кои немаат реален ефект“, велат од СДСМ.
„Најдобар пример за тоа е таканаречената „новогодишна кошничка“, која се претстави како мерка за намалување на трошоците, но заврши како обична медиумска манипулација. Во реалноста, потрошувачката кошничка секој месец расте. Во април порасна за 836 денари – алармантен податок што покажува колку се неефикасни владините интервенции. Цените на основните прехранбени производи остануваат високи, а платите – особено во јавниот сектор – со месеци не мrdнаа од место.
Граѓаните денес живеат полошо од било кога во последната деценија. Северна Македонија има најниски плати во регионот, а истовремено плаќа едни од највисоките цени. Владата нема стратегија, нема визија, нема план. Наместо суштински политики, се сведоци сме на декларативни изјави и обвинувања кон опозицијата.
СДСМ уште пред месеци предложи пакет од седум закони кои директно ќе влијаеја на стабилизација на пазарот и на раст на платите. Да беа прифатени, денес ќе зборувавме за реални подобрувања во животниот стандард. Ќе се зголемеа платите, ќе се стабилизираа цените, а семејствата ќе имаа повеќе пари на крајот од месецот. Но владејачката партија ги игнорираше сите предлози, избирајќи да продолжи со популизам и политичко калкулирање наместо со конкретна акција.
Ако не се преземе ништо суштинско, животниот стандард ќе продолжи да паѓа. Граѓаните заслужуваат стабилност, достоинствени примања и достапни основни производи – нешто што оваа влада очигледно не е способна да го обезбеди“, соопшти СДСМ.