Регион
Вучиќ: Не е фер сопственикот на Информер да издржува затворска казна
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска оцени дека е „нефер и неправедно“ што сопственикот на весникот „Информер“, Драган Ј.Вучиќевиќ издржува затворска казна.
Вучиќевиќ утрово влезе во Окружниот затвор во Белград на отслужување на шестмесечна казна, бидејќи одбил да ја плати казната која му е изречена за навреда на новинарот Југослав Ќосиќ, која автоматски била преиначена во затворска казна.
Претседателот на Србија изјави дека Вучиќевиќ поради затворската казна ќе биде третиран како осудено лице, наведувајќи дека тоа е само затоа што „одговорил на нечии навреди“.
Вучиќ „го замоли Вучиќевиќ да размислува за своите деца и да дозволи неговата сопруга или бранителот“ да го плати износот на неговата парична казна, која беше преиначена во затворска казна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Тенк вреден 25 милиони евра? Треба да лета“: Милановиќ шокиран од цената на возилото што сака да го купи Хрватска
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, денеска учествуваше на церемонијата на доделување чинови и прием на питомци на воена служба, а по тој повод ги коментира цените на најмодерните германски тенкови „Леопард 2А8“, кои Хрватска има намера да ги купи со цел ги замени своите застарени тенкови „М-84“, произведени за време на поранешната држава.
„Кога станува збор за одбранбената индустрија, секаде каде што е можно, што не е секаде и не често, треба да се обидете сами да ги развивате работите“, вели тој.
„Опремата е незамисливо скапа, проклето е скапа, необјасниво скапа. Дека тоа се екстремни суми, кои денес се бараат и се добиваат од одредени борбени системи, и дека тоа е реалност. А тоа што сте насочени кон многу ограничен број доставувачи, а не дека е мантра или поговорка да се каже околу 2 отсто од БДП за одбрана, е само пресметковна ставка“, рече Милановиќ.
„Затоа што за тие два отсто или милијарда, милијарда и пол евра може да купите илјада тенкови, а можете да купите два пара чевли или една пушка „репетитор“. Тоа е клучната работа.
„Ако тенкот чини 25 милиони евра. Единственото нешто што на овој тенк му треба е да лета за тоа да биде вистинската цена на тој тенк. Не можеме да си дозволиме сè што би сакале и никогаш нема да можеме во такви услови, но треба да бидеме, ќе кажам, пресметани и себични и добро да размислуваме пред секоја одлука бидејќи тие се долгорочни. Бродот што се гради, дај боже да се довршат тие што се градат, да пловат, а тие што ќе дојдат, се градат со многу, многу добро осмислен буџет, каква способност добивате, колку чини, дали можете да го одржувате и слично“, рече Милановиќ.
Регион
Вархељ: ЕУ го задржа и зајакна моментот на проширување во текот на 2024 година
Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархељ, денеска соопшти дека го претставил Пакетот за проширување за 2024 година. Тој посочи дека ЕУ го задржа моментот на проширување во текот на оваа година и го зајакна со дополнителни алатки. Колеџот на комесари денеска одржа состанок посветен на Пакетот за проширување, кој се состои од соопштенија и извештаи на Комисијата за десет кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ.
„Го претставив пакетот за проширување за 2024 година. Во 2019 година имавме седум партнери за проширување, сега имаме 10. Во 2019 имавме пет земји кандидати, сега имаме девет. Го задржавме моментот на проширување во текот на 2024 година и го зајакнавме со дополнителни алатки“, рече Вархељ на социјалната мрежа „Икс“.
Вархељ денеска заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на прес-конференција во Брисел треба да го презентира пакетот за проширување, кој ќе содржи и извештаи за Северна Македонија, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Турција и за Украина.
Пакетот за проширување го оценува спроведувањето на политиката за проширување на ЕУ, ја разгледува позицијата на земјите во спроведувањето на клучните политички и економски реформи и дава јасни препораки за секој од партнерите. Овој пакет ја оценува усогласеноста на партнерите со критериумите за пристапување во ЕУ, таканаречените критериуми од Копенхаген, и ги дефинира реформите што треба да ги преземат партнерите кои се подложени на процесот на проширување за да станат членки на ЕУ, пренесува „Танјуг“.
Регион
Вучевиќ: Приказната за ЕУ не е целосна без Србија
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, вчера изјави дека секогаш е добро да се слуша гласот на вистината за Косово во Обединетите нации, но дека не очекува големи заклучоци од денешната седница на Советот за безбедност на ОН со оглед на поларизирани ставови на земјит -членки кога станува збор за Косово. Вучевиќ рече дека е сигурен оти секоја дискусија за Косово во Советот за безбедност на ОН ќе доведе до јасна поларизација кон земјите што го признаваат Косово и оние што го признаваат суверенитетот на Србија во согласност со меѓународното јавно право и Повелбата на ОН.
„Оние што мислат дека Косово е независно, веројатно, ќе ги величаат или оправдуваат постапките на Курти и Приштина. Оние што го почитуваат меѓународното јавно право ќе укажат на кршењето на основните човекови права и слободи, што, за жал, секојдневно се случува врз Србите и врз неалбанското население на територијата на Косово“, изјави Вучевиќ, пренесе „Танјуг“.
Вучевиќ рече дека „Отворен Балкан“ е добра иницијатива, но дека е пропуштена можноста да му се приклучат и Црна Гора и Босна и Херцеговина и на тој начин да го завршат проектот. „Тоа би било идеално и тогаш ќе ја добиеме полната слика на овој простор и ќе ѝ покажеме на Европа, но пред сè на нас самите, дека можеме да соработуваме. А не дека постојано се обвинуваме за нешто, затоа прифатете ме, но не прифаќајте ги во ЕУ“, рече Вучевиќ и додаде дека се добива впечаток дека „Отворен Балкан“ во моментот не е на дневен ред на соседните земји. На прашањето дали „Отворен Балкан“ е сè уште жив и потребен по Берлинскиот процес, Вучевиќ рече дека оваа иницијатива е жива во смисла дека се почитуваат постигнатите договори, но дека му се чини оти Албанија веќе не е заинтересирана за тој процес. Тој потсети на изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, дека процесот „Отворен Балкан“ е завршен и дека ја исполнил својата мисија.
„Очекуваме поблиско определување на новата Влада на Северна Македонија во однос на ова прашање, но премиерот Мицкоски не ја отвори оваа тема кога бев во Скопје. Очигледно е дека тоа не е на ничија агенда“, рече Вучевиќ. Тој додаде дека Германија се обидува да му даде нова сила и енергија на Берлинскиот процес и дополнително да го заживее во заднина на 10-годишнината и посочи дека не е важно како се вика иницијативата ако води кон мир и стабилност во регионот. Тој нагласи дека нема успех за одделни земји доколку целиот Западен Балкан не влезе во Европската Унија и дека без Србија како најголема земја во регионот, приказната за ЕУ нема да биде целосна.
Тој посочи дека треба да се води дијалог за договори за полесно движење луѓе, стоки и капитал и како граѓаните што помалку да се задржуваат на границите. „Да направиме навистина unstop shop на граница, а најдоброто нешто е да нема застој. И, пред сè, за товарниот сообраќај, камионите треба да доцнат што е можно помалку. Ова е важно за економијата на сите земји во оваа област“, нагласи Вучевиќ.