Македонија
Кривичниот суд ѝ врати на Апелација за „27 април”: Можевте веднаш да одлучите наместо да го вратите предметот
Кривичниот суд во однос на одлуката на Апелација за предметот што во јавноста е познат како „Организатори на 27 април“, кој го врати на повторно судење, испрати реакција до медиумите. Тие посочуваат дека Апелација можела да одлучи без предметот да го враќа на ново судење.
Реакцијата од Кривичниот суд во целост:
„Апелациониот суд – Скопје можел брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што причина за укинување на затворските казни е примената или непримената на Законот за амнестијата, како што е наведено во нивното соопштение, без притоа да навлегува во анализа на доказите и утврдување на фактичката состојба, особено што предметот повеќе од една година се наоѓал во нивно надлежно постапување. Доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестијата, тогаш судот можел веднаш да одлучи, пред сè, заради заштита на правата на обвинетите, кои беа во притвор и под мерки, правата на оштетените, кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка, која може да застари. Мора да се има предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување се прават дополнителни трошоци, одолжувања и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас.
Апелационите судии, наместо административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување и повеќе од една година да не постапуваат по нив, имаат законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат, со што ќе придонесат во неселективната борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда, што е заложба на целата држава и предуслов за европскиот напредок.
Сите високопрофилни предмети, без разлика на статусот на обвинетите, во Кривичниот суд се водат во крајно транспарентна постапка со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации, кои ја следат и ценат работата на правосудните органи. Нешто што е признаено и пофалено како пример и од меѓународниот фактор, но и од домашната јавност, што не е пример при одлучување во повисоките судови. Па во тој правец, но и во однос на јавните коментари, пред сè, од министерот за правда, апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави, кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и градење респектабилна репутација во општеството, напротив, ги деградираат независноста и непристрасноста. Зачудува што ваквите ‘добронамерни’ критики не доаѓаат во време кога судењата се одржуваат пред очите на јавноста, туку откога Апелациониот суд повеќе од една година чекање носи одлука“, велат од Кривичниот суд.
„Неутврдена е фактичката состојба“, „Има недостатоци поради кои не може да се испита законитоста“, „Пресудата е нејасна“, „Неутврдени дејства на обвинетите“, „Недоволно расправање за амнестијата“. Ова се неколку образложенија што ги користи Апелациониот суд за да му укаже на Кривичниот суд зошто ја укина пресудата за „Организатори на 27 април“. Судиите од Апелација, Татјана Дуковска, како претседател на советот, Лидија Зимбовска, Зоран Димитриевски, Тања Милева и Јусуф Ајрулахи, бараат Кривичен суд, односно нивниот колега Илија Трпков, да ги исправи овие недостатоци и да ја утврди точната состојба при повтореното судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.

