Скопје
Празни рафтовите за домати и благ пипер – се потрошиле или ќе чекаат повисока цена за продажба
Рафтовите каде стојат доматите и благите пиперки беа празни во три маркети, од три различни брендови, лоцирани во Скопје. Ваква слика затекна „Макфакс“ вечерва, а непосредно пред објавувањето на новите замрзнати цени кои ќе бидат зголемени. Во два од трите брендови, а кои важат за поевтини, немаше ниту краставици. Вработените не сакаа да коментираат дали немаат на залиха или се повлечени од продажба пред утрешното поскапување. Тие само кажаа: „Тоа што гледате тука, тоа е само сега“.

Од пиперки, на рафтовите имаше само благи. Од останатиот зеленчук кој го имаше на залиха затекнавме млад кромид, зелка, марула, магдонос – производи кои немаат замрзнати цени. На рафотвите каде стои овошјето, имаше скоро сѐ, по замрзнати цени. Па така, портокалите се продаваа по 55 денари, мандарините по 60 денари, лимоните по 55 денари.

Пред три дена, министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека во вторник, односно утре, ќе има корекции на некои од цените по утврдувањето дека увозниците пријавиле поскапи цени во Царинската управа.

„Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната“, рече тој.
Во понеделникот, минатата недела Владата донесе одлука со која свежите домати не може да се продаваат за повеќе од 70 денари, свежите краставици не може да се продаваат повеќе од 75 денари, кромидот не може да се продава повеќе од 60 денари, карфиолот не може да се продава повеќе од 7о денари, зелените пиперки не може да се продаваат повеќе од 90 денари, гравот не може да се продава повеќе од 75 денари, леќата не може да се продава повеќе од 110 денари, бананите не повеќе од 75 денари, портокалите не повеќе од 55 денари, мандарините не повеќе од 60 денари и лимоните не повеќе од 55 денари. Некои од овие производи ќе имаат нови цени поради новите увозни цени пријавени во Царинската управа иако во одлуката стоеше дека цените треба да останат до крајот на месецот. Веќе на почетокот на следниот месец се очекува домашното производство на пазарот, кое треба дополнително да ги намали цените на производите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Поставени сите уреди за мерење бучава – инспекциските служби вршат контроли на 30 локации во Центар
Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, Бул. „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.
Од општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата, служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, а врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.
Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.
Уредите се користат со посебен фокус на бучавата која потекнува од угостителски објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Центар, соопштуваат од Општината.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

