Економија
„Алкалоид“ потпиша нов меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за програмата за практикантство
Со цел овозможување дополнителни услови за професионално профилирање на студентите и за усвојување практични вештини под менторство на врвни професионалци во повеќе дејности, „Алкалоид“ АД Скопје склучи нов меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје во рамките на Програмата за развој на практикантство. Ова официјализирање на постојното меѓусебно партнерство, кое досега опфаќаше соработка на компанијата со 4 факултети при УКИМ, е со цел да се прошири опсегот на образовни профили за кои би постоела можност за практикантска работа на студентите, кои ја претставуваат идната работна сила на земјата.

Предметниот меморандум го потпишаа Генералниот директор и Претседател на УО на компанијата г. Живко Мукаетов и Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски. Работната група е составена од претставници на двете институции, предводени од раководителот на Одделот за човечки ресурси во „Алкалоид“ г. Никола Ефтимов и од раководителката на Центарот за кариера при УКИМ Скопје проф. д-р Јасмина Тониќ-Рибарска.
„Како општествено одговорна компанија ги отвораме вратите за што повеќе студенти кои имаат желба и волја пред прагот на своето професионално поглавје да се стекнат со соодветни практични знаења и вештини, под директно менторство на нашите докажани професионалци во различни сегменти од работењето на ’Алкалоид’. Со цел да создадеме силна синергија меѓу образовниот и реалниот сектор и да го подигнеме нивото на научноистражувачката дејност, им овозможуваме на студентите од повеќе факултети на УКИМ да се вклучат во секојдневните компаниски процеси и низ еден систем на високо поставени деловни вредности да го развијат својот професионален потенцијал“, истакна Генералниот директор и Претседател на УО на компанијата г. Живко Мукаетов.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски изрази благодарност за подготвеноста на компанијата „Алкалоид“ постојано да ги надградува капацитетите за квалификација на студентите, чии образовни профили се дел од кадровската структура на компанијата.
„Преку оваа соработка студентите се стекнуваат со практично искуство, кое ќе биде од непроценливо значење додека се подготвуваат за своите идни кариери. Сметаме дека оваа соработка со ’Алкалоид’ АД Скопје ќе ги задоволува потребите на нашите студенти, како и на компанијата“, истакна проф. д-р Јанкуловски.

Раководителката на Центарот за кариера при УКИМ го потенцираше значењето на практичното искуство во однос на барањата на пазарот на трудот.
„Со потпишувањето на овој договор за соработка со ’Алкалоид’, една од најдобрите фармацевтски компании во Југоисточна Европа, ќе им се овозможи на нашите студенти одлична можност да стекнат практично искуство и да учат од професионалци во индустријата. Преку оваа соработка очекуваме нашите студенти да добијат корисни искуства и, секако, продолжуваме да инвестираме во квалитетот на нашите дипломци и да создаваме кадар кој ќе одговара на очекувањата на пазарот на трудот“, истакна проф. д-р Јасмина Тониќ-Рибарска.
Практикантската работа во „Алкалоид“ ќе биде достапна како за студентите од факултетите при УКИМ, со кои традиционално се соработува (како Фармацевтскиот, Медицинскиот, Институтот по хемија на Природно-математичкиот, Технолошко-металуршкиот факултет) така и за студентите од останатите факултети од Универзитетот, како Машинскиот, Факултетот за електротехника и информациски технологии, Факултетот за компјутерски науки и инженерство и други факултети. Со овој концепт на практикантска работа, кој се изведува во работните простории на „Алкалоид“, студентите ќе имаат можност да се здобијат со практично искуство во делот на фармацевтската, козметичката, билната и хемиската индустрија.
Програмата за млади таленти оваа година ја очекува шестата генерација практиканти, а досега во нејзини рамки биле вклучени 205 практиканти, од кои 94 се веќе вработени во компанијата. Соработката меѓу „Алкалоид“ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, во делот на Програмата за практикантство, за првпат е започната во април 2018 година, а првиот циклус на практикантство со своевремено два факултети е заокружен во септември истата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

