Економија
Бабовски: Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија е независен орган на државната управа

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, денес и утре, во Подгорица, Република Црна Гора, на покана на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Црна Гора, учествува на конференцијата „Предизвиците на безбедноста и сигурноста на храната во Југоисточна Европа“. На конференцијата учествуваат повеќе од десет делегации на земји учеснички на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (СЕЕЦП), како и високи претставници на меѓународни организации од областа на безбедноста на храната. Целта на конференцијата е размена на искуства и знаења од оваа област од земјите од регионот и воспоставување нови соработки и партнерства.
„Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија е независен орган на државната управа одговорен за креирање политики и за спроведување на активности поврзани со безбедноста на храната и храната за животни, во сите фази на производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата. Покрај Законот за безбедност на храната, сите други закони по кои постапува Агенцијата комплетно се усогласени со европското законодавство постапувајќи во согласност со интегрираниот пристап од фарма до виљушка“, истакна Бабовски во обраќањето на првата сесија од конференцијата објаснувајќи ги надлежностите и активностите на АХВ.
Обезбедување безбедност на храната што се произведува, но и увезува во земјата, се целите кон кои се стреми АХВ бидејќи секој од нас како потрошувач има право да јаде безбедна и квалитетна храна. Одржувањето високо ниво на доверба на потрошувачите со преземање навремени и ефикасни активности за спречување опасности, ризици и закани во целиот синџир на исхрана, додаде Бабовски во обраќањето пред учесниците на конференцијата, како и поддршката на прехранбената индустрија во постигнување на високо ниво на усогласеност со правилата за безбедност и квалитет на храната, се дел од приоритетите кон кои се насочени активностите на нашата институција.
„Еден од најголемите предизвици за надлежните органи за безбедност на храната денес е спречување на измамите со храна, кои понекогаш може да имаат сериозни импликации врз безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите. Поаѓајќи од принципот безбедноста на храната е сечија одговорност, Агенцијата за храна и ветеринарство е посветена на спроведување активности за подобро информирање на потрошувачите, нивна едукација, спроведување контролни и превентивни мерки, обезбедување независна научна експертиза придружена со лабораториски капацитет за проверка на автентичноста на храната, воведување и одржување на системот за собирање, следење и анализирање информации поврзани со измамите со храна и развој на механизми и техники за истраги поврзани со нив, како и воспоставување соработка со мрежата за измами со храна на Европската Унија и доколку е можно, пристапување кон мрежата за следење на онлајн-трговијата“, потенцира Бабовски.
Агенцијата за храна и ветеринарство во последните години презема низа активности со цел да ја подигне јавната свест дека безбедноста на храната е одговорност не само на надлежниот орган, туку и на операторите со храна, потрошувачите и пошироката јавност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.