Свет
Украински хакери тврдат дека упаднале во електронската пошта на баран руски шпион
Украински хакери тврдат дека упаднале во е-поштата на руски воен шпион кој го бара ФБИ за хакирање на кампањата на Хилари Клинтон и другите американски демократи пред претседателските избори на Доналд Трамп во САД во 2016 година.
Групата која себеси се нарекува Сајбер Отпор вчера објави дека ја украла преписката на потполковник Сергеј Моргачев, кој во 2018 година беше обвинет дека помагал да се организира хакирање и протекување на е-пошта од Демократскиот национален комитет (DNC) и на Хилари Клинтон.
Ројтерс не можеше веднаш целосно да го потврди тврдењето, но некои од наводните лични информации за Моргачев, кои хакерите ги споделија со украинското издание InformNapalm, се совпаѓаат со претходно објавените податоци складирани од платформата за истражување на сајбер безбедност Constella Intelligence.
Стефан Соесанто, истражувач во швајцарскиот Федерален институт за технологија во Цирих, кој ги проучувал украинските хакерски групи, рече дека истекувањето изгледало доста веродостојно и истакна дека InformNapalm има историја на вкрстени проверки на податоците што ги добива од хакери.
InformNapalm рече дека го потврдил идентитетот на Моргачев со пребарување на лични досиеја и резимеа украдени од хакери, вклучително и еден документ што го идентификуваше како шеф на единицата 26165, позиција за која беше обвинет од ФБИ во 2018 година.
Не е сосема јасно какви информации успеале да украдат хакерите, ниту колку се важни. Е-поштата на Моргачев потенцијално би можеле да содржи увид во руските хакерски операции, вклучително и операцијата против Клинтон и демократите.
ФБИ во своето обвинение го опиша како офицер во руската воена разузнавачка агенција, сè уште познат по стариот акроним ГРУ. Се вели дека неговиот оддел е посветен на развивање и управување со малициозен софтвер, кој вклучува шпионски софтвер X-Agent што се користи за хакирање на DNC.
Ројтерс не можеше веднаш да најде контакт за групата Cyber Resistance, една од неколкуте украински хакерски банди кои добија меѓународна видливост по руската инвазија на Украина минатата година. Таа група за Моргачев рече: „Паметен хакер, но ние го хакиравме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: САД се подготвени за обврзувачки безбедносни гаранции за Украина
САД се подготвени да преземат правни безбедносни гаранции слични на член 5 од Договорот за НАТО. Ова го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, цитиран од „News.LIVE“. Повоениот мир за Украина мора да биде обезбеден со материјални и правни гаранции од САД и Европа, нагласи германскиот канцелар Мерц, додавајќи дека сојузниците повеќе нема да ги повторуваат „грешките од Минските договори“.
Овие гаранции треба да бидат сеопфатни, истакна Мерц, додавајќи дека нивната специфична содржина ќе биде разгледана подоцна: „Во случај на нов напад од страна на Руската Федерација, Украина би можела да се одбрани не само сама, туку и со поддршка на оние земји што ќе ги преземат обврските“.
Според канцеларот, Европејците ѝ ги предале на Русија своите предлози за обезбедување безбедносни гаранции и „топката сега е во дворот на Москва“. Мерц го повика Кремљ да покаже дека навистина сака мир и да се согласи на целосно прекин на огнот со Украина за време на божиќните празници.
Веќе има сигнали од украинската страна и од водечките земји од ЕУ дека е можно на крајот да има договор меѓу САД и Украина за тоа како треба да изгледа идниот мир. Но, Русија сепак ќе мора да биде убедена, дури и ако Украина и САД на крајот постигнат договор за Донбас. Американската страна, исто така, била задоволна од тоа како се одвивале преговорите, тврди Ројтерс, врз основа на свои извори.
„Разговорите не се лесни, но се продуктивни“, коментираше украинскиот претседател Володимир Зеленски и потврди дека Украина и САД имаат различни ставови за судбината на Донбас.
depositphotos
Свет
Зеленски: Не е постигнат компромис за територијалното прашање за време на преговорите во Берлин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека позициите на САД и Украина за поделбата на териториите сè уште се разликуваат. Тој го објави ова за време на заедничката прес-конференција со Фридрих Мерц на Германско-украинскиот економски форум, пренесува „Европејскаја правда“.
Тој нагласи дека САД дејствуваат како посредник во овие преговори.
„Секако, не сите прашања се едноставни. Постојат сложени работи, особено во врска со териториите. Секако, сите го покренуваат ова прашање. И тука е важно сите ние да работиме на тоа ваквите прашања да се решат апсолутно праведно. Дијалогот за териториите не беше доволен и ми се чини дека досега имаме различни позиции, да бидам искрен, но мислам дека колегите го слушнаа мојот личен став“, рече Зеленски.
Во исто време, тој истакна дека е постигнат напредок по многу прашања за време на неодамнешните преговори.
„Навистина имаше напредок по многу прашања. Искрено, не знам како Русија ќе го перцепира ова – во однос на релевантните резултати од нашите разговори“, нагласи украинскиот шеф на државата.
Во Берлин се одржа состанок на украинската делегација предводена од Володимир Зеленски со претставници на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф денес објави значителен напредок во преговорите.
depositphotos
Свет
САД: Разговараме за договор што обезбедува силни гаранции за безбедноста на Украина
САД соопштија дека ѝ понудиле на Украина силни безбедносни гаранции слични на оние од НАТО, а Вашингтон изрази увереност дека Русија ќе ги прифати. САД го опишаа потегот како потенцијален пробив во напорите за завршување на војната, објави „АФП“.
Американските претставници ги опишаа часовите разговори во Берлин со претседателот Володимир Зеленски како позитивни и рекоа дека претседателот Доналд Трамп ќе оствари телефонски разговори подоцна на 15 декември и со украинскиот лидер и со европските партнери за да го унапредат договорот.
Во исто време, американските претставници нагласија дека Украина исто така мора да го прифати договорот, за кој велат дека ќе обезбеди безбедносни гаранции во согласност со Член 5 на НАТО – принципот на колективна одбрана, според кој нападот врз еден сојузник се смета за напад врз сите.
„Основата на овој договор е во суштина да обезбеди навистина, навистина силни гаранции – слични на Член 5 – како и многу силно одвраќање преку обемот на украинските вооружени сили“, рече американски функционер, зборувајќи под услов на анонимност.
„Овие гаранции нема да бидат на маса засекогаш. Тие се на маса токму сега, ако се постигне заклучок на правилен начин“, додаде тој.
Трамп претходно ја отфрли можноста Украина формално да се приклучи на НАТО, идентификувајќи ги аспирациите на Киев за членство во алијансата како една од причините за инвазијата на Москва во 2022 година.
Сепак, друг американски функционер изрази увереност дека Русија ќе го поддржи предложениот договор.
„Мислам дека Украинците, како и Европејците, би ви кажале дека ова е најробусниот пакет безбедносни гаранции што некогаш го виделе. Ова е исклучително силен пакет“, рече вториот претставник.
„Се надевам дека Русите ќе го разгледаат и ќе речат: „Ова е прифатливо бидејќи немаме намера – им веруваме на збор – да го прекршиме“. Но, ако има прекршувања, тие ќе бидат решени преку овој безбедносен пакет“, додаде тој.
Првиот американски функционер призна дека сè уште нема договор за прашањето за територијата. Трамп постојано изјавуваше дека Украина неизбежно ќе мора да отстапи територија на Русија, исход што е неприфатлив за Зеленски по речиси четири години одбрана на земјата.
Истиот извор посочи дека САД разговарале со Зеленски за идејата за создавање „економска слободна зона“ во областите што моментално се предмет на воен спор.
„Поминавме многу време дефинирајќи што би значело тоа и како би функционирало. На крајот, ако можеме да го разјасниме тоа, тогаш од страните ќе зависи да ги решат конечните прашања поврзани со суверенитетот“, рече тој.
Разговорите во Берлин ги водеа Стив Виткоф – деловниот партнер на Трамп и патувачки глобален преговарач – и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател.

