Македонија
Договорот со „Бектел и Енка“ ќе стигне до институциите, не до граѓаните; Ковачевски: Договорот не е државна тајна, туку има степен на доверливост
Не е државна тајна, туку има степен на доверливост, посочува Ковачевски за договорот помеѓу Македнија и „Бектел и Енка“ наведувајќи го ова како причина зошто не го дава да го види јавноста. Прашан како тоа Владата потпишала договор со кој ветува дека ќе менува закони со цел да се почитуваат барањата на странски компании – премиерот Димитар Ковачевски немаше одговор, а новинарите ги упати да одат на нов брифинг со министерот за транспорт и врски и управувачкиот комитет.
Договорот не може да биде декласифициран оти не е ниту класифициран, туку има клаузула за доверливост на дел од него за што Ковачевски додаде: „Се работи за договор како и секој друг, со договорни страни, кои определуваат степен на доверливост. Од договорните страни зависи кои делови се доверливи и што може да се достави до јавноста“.
И на низата прашања дали некогаш овој договор ќе биде јавно објавен, Ковачевски повторуваше ист одговор.
„Се работи за договор како што има и други договори склучени со други компании. Станува збор за проект, со проектирање и изведба, во кој во договорот, како и секој друг договор, има ниво на доверливост, бидејќи има компании наведуваат како работат, произведуваат и нормално како во секој договор – не сакаат тие деловни тајни да бидат достапни до поширока јавност“, рече Ковачевски.
Ковачевски договорот ќе го даде само на институциите.
„Кога Обвинителство ќе го побара договорот, ќе го добијат во согласност со процедурите бидејќи имаат степен на доверливост, сертификат што таму работат. И направив уште еден повик, можеби петти пат го повторувам. Ги повикувам владата на САД и Турција да кажат дали некој од нив или компаниите од нивните земји има нешто побарано во врска со овој проект. Зошто? Бидејќи опозицијата обвинува дека некој сакал преку овие компании да оствари одредена корист и затоа ги повикувам и нив да дадат свој став“, додаде Ковачевски.
Еден од ретките одговори што новинарите ги договори е тоа со чии ресурси ќе го градат Коридорот 8.
„Бектел и Енка“ треба да користат 51 процент ресурси од државата, а другото од странство, за да го заврши проектот, рече Ковачевски.
Договорот помеѓу „Бектел и Енка“ наиде на низа забелешки од јавноста во однос на обврските што ги презема Македонија сѐ до менувањето закони, со кои ќе ѝ се удоволи на компанијата што треба да го гради Коридорот 8.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.
Македонија
Министерство за правда: Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Со мнозинство гласови пратениците ја изгласаа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет. Законот се проследува на второ читање, информираат од Министерството за правда.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање рече дека со овој закон во министерството е започната нова ера на работа и функционирање, во којашто секој битен и суштински закон за граѓаните на Република Македонија ќе се изготвува низ отворен, јавен и транспарентен процес.
,, Клучни новини кои се предвидени со Законот се:
Јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет,
За прв пат прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност,
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите,
Јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет,
Воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите,
Утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет, како и
бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ”, рече Филков.
Тој изрази жалење што дел од опозицијата не беше присутна на седницата за носење на, како што оценува, исклучително важен закон кој е дел од Реформската агенда.
Македонија
Утре, во утринските часови наместа со појава на магла, во текот на денот сончево со умерена облачност
Утре во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла.

