Европа
Разоткриена подземна банка: Испрани најмалку 180 милиони евра заработени од препродажба на тони кокаин

Заедничката акција на белгиската и шпанската полиција, со помош на Европол, разоткри подземна банка, која, како што се сомневаат, ја користеле разни криминалци за перење пари заработени од криминални активности, главно од трговија со кокаин.
Сомнежите се дека низ таа подземна банка поминале најмалку 180 милиони евра, односно дека тие пари се испрани, а ја користела криминална група составена од Мароканци, Шпанци и Белгијци.
Тие биле активни во Белгија и, според Европол, имале криминални подружници во Холандија, Шпанија, Јужна Америка и Дубаи.
Европол наведува дека осомничените развиле специјално дизајниран систем за перење пари заработени од шверц на кокаин. Низ пристаништата и аеродромите на ЕУ се шверцувала дрога, а во оваа акција биле уапсени шест лица, пет во Белгија и едно во Шпанија.
Дополнително, запленети биле три имоти, 1,2 милиони криптовалути, 50.000 евра, луксузни возила, накит, 23 телефони, три банкарски сефови, машина за броење банкноти.
Криминалната организација инвестирала во криптовалути, по што готовината ја дистрибуирала преку подземен банкарски систем.
Осомничените, парите ги инвестирале во луксузни недвижнини низ ЕУ и во неколку марокански градови. Истрагата беше започната во октомври 2021 година благодарение на дешифрирањето на пораките на „Sky ECC“. Станува збор за високо шифрирана апликација која беше хакирана од ФБИ и ја користеа криминалците ширум светот.
Собраните податоци биле проследени до полицијата ширум светот, која благодарение на нив почнала да разбива тешки криминални организации, пренесува „Вечерњи лист“.
Еден од нив е гореспоменатиот, кој се занимавал со шверц на кокаин од Јужна Америка во Европа. Дрогата била криумчарена скриена во товар на брод или авион, а се работи за вкупно неколку тони кокаин.
Откако дрогата дополнително била препродадена, криминалната организација заработила огромни суми пари кои некако морале да се легализираат.
Основале сопствена подземна банка за ваквите „инвестиции“ да изгледаат што е можно полегално.
Тие користеле и тајни компании, а обемот на таа работа останал скриен од властите додека не се дешифрирале комуникациите на Скај.
И покрај зголемената интервенција во борбата против дрогата, пазарот на нелегални дроги во Европа продолжи да расте, а Белгија стана главно пристаниште за шверцери, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Чешката влада: Првпат во историјата не сме зависни од руската нафта

Чешка стана целосно независна од руската нафта првпат во својата историја, соопштија денеска владини претставници откога го зголемија капацитетот на Трансалпскиот гасовод (ТАЛ), кој носи нафта од запад.
Првите зголемени зрезерви стигнаа до централното складиште за нафта во Чешката Република преку гасовод, изјави премиерот Петр Фијала на денешната прес-конференција емитувана на чешката телевизија.
Чешката влада се обиде да стави крај на својата делумна зависност од нафтоводот „Дружба“, кој транспортира нафта од Русија речиси 60 години.
Кон крајот на минатата година чешкиот нафтовод МЕРО ја заврши надградбата по должината на ТАЛ, кој транспортира нафта од танкери во италијанскиот град Трст до Германија, каде што се поврзува со гасоводот ИКЛ до Чешка.
Надградбата на ТАЛ го зголеми капацитетот со кој располага Чешка на осум милиони тони годишно, што е доволно за годишните потреби на земјата.
Чешката компанија за преработка на нафта „Орлен унипетрол“ ја набавуваше половина од својата сурова нафта од Русија, а другата половина од ТАЛ.
Компанијата ги користи државните резерви за да ги одржи претходните нивоа на производство откога испораките на „Дружба“ беа прекинати во март, но се подготвува да ја користи исклучиво нафтата што ќе ја добие од ТАЛ по зголемувањето на капацитетот.
Европа
Русите го нападнаа Днепар со дронови: двајца загинати, меѓу повредените и деца

Русија синоќа изврши масовен напад со дрон врз градот Днепар во југоисточна Украина, при што загинаа две лица.
Серхиј Лисак, гувернер на регионот Дњепропетровск, извести дека загинале две жени, а во моментов се знае дека се повредени 16 лица. Меѓу повредените има три деца, девојче на само девет месеци и момчиња на возраст од шест и единаесет години. Пет лица во моментов се на болничко лекување.
🇷🇺 Slavyangrad on Telegram posted this picture of Dnepropetrovsk hit by Geranium-2 drones
🕊️ℹ️ IMO given the necessary time, Russia will seek to liberate Dnipropetrovsk, Zaporizhzhia, Kharkiv, Kherson, Mykolayiv and Odessa pic.twitter.com/LzKGcLGk9F
— 🇿🇦🇨🇺🇵🇸 White EFF Fighter (@lula_leftist) April 17, 2025
Покрај тоа, Лисак додаде дека нападите предизвикале неколку големи пожари кои оштетиле приватни домови и згради, како и образовна институција. Борис Филатов, градоначалникот на Днепар, додаде дека руските беспилотни летала го гаѓале и градското собрание.
Претходната ноќ, црноморскиот пристанишен град Одеса повторно беше мета на руски беспилотни летала, а за време на тој напад беа повредени три лица, а беа предизвикани и пожари, како и оштетувања на куќите и цивилната инфраструктура.
Европа
Русите ја нападнаа Одеса

Во напад на руски беспилотни летала врз пристанишниот град Одеса на Црното Море во текот на ноќта повредени се три лица, предизвикани се пожари и оштетени се домови и цивилна инфраструктура, соопштија утринава властите во јужниот украински регион.
„Непријателот повторно ја нападна Одеса со масовен напад со беспилотни летала“, рече Олех Кипер, гувернер на регионот, чиј административен центар е градот Одеса, на апликацијата за пораки „Телеграм“, но сè уште не е познат целосниот обем на нападот.
Украинските воздухопловни сили обично известуваат за детали за руските напади што траат во текот на ноќта подоцна утрото.
Во објава на „Телеграм“ службите за итни случаи на Украина објавија дека три лица се повредени и дека како резултат на нападот избувнале неколку пожари во градот.
Градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов, објави фотографија на која се урнати станбени згради и други објекти, а на друга работниците за итна помош бараат низ урнатините, а куче ѕирка зад куп дрва.
„Ројтерс“ не можеше независно да ги потврди извештаите. Двете страни негираат дека целеле цивили во војната што Русија ја почна со сеопфатната инвазија на Украина пред повеќе од три години.
Кон крајот на март САД соопштија дека постигнале посебни договори со Украина и Русија за запирање на нападите над Црното Море и едни со други енергетски цели.
Двете страни постојано меѓусебно се обвинуваат за кршење на мораториумот.