Македонија
Митева: Оставка и кривична одговорност за Османи

Непочитувањето кое СДС и ДУИ го прават кон Македонија стана пракса за која никој од нив не понесува одговорност. Затоа бараме кривична одговорност за Османи, надлежните органи веднаш да поведат постапка и конечно во Македонија да се поведе соодветна постапка за дела против нарушување на угледот на државата како што е овој случај. Воедно, Османи веднаш да поднесе оставка од позицијата министер за надворешни работи, тоа е најмалце што може да го направи после ваквиот недржавнички потег кој е понижувачки кон сите граѓани на Македонија. Ова денеска преку прес-конференција го истакна Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
-Срамен, недржавнички и понижувачки е односнот на Бујар Османи кој во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба не го користи македонскиот јазик како официјален јазик на Република Македонија. Имено, од официјалната средба на Османи со министерот за надворешни работи на Шпанија преку прес конференцијата јасно се гледа дека Османи единствено го употребува албанскиот јазик, иако е јасно кој е службен јазик на Македонија за меѓународна употреба утврден со Уставот. Ова однесување е кршење на Уставот на државата, но и на самиот Рамковен договор. Бујар Османи во својство на МНР на Македонија во добро познатиот негов надмен и понижувачки стил говори на течен албански јазик иако е назначен да ја преставува Република Македонија, вели Митева.
Таа додава дека оваа власт на СДС и ДУИ, на чело со Османи како МНР трајно ги погазува македонските национални вредности, а македонскиот јазик е една од тие најголеми вредности кои ги има македонскиот народ. Додека граѓаните на Македонија ја плаќаат неговата министерска позиција најмалце што може Османи да направи е да ги почитува вредностите преку почитување на Уставот.
-Османи да престане да биде лицемерен државник кој не пропушта прилика да нагласи како Македонија е почитувана земја од другите држави и конечно да почне тој самиот да ја почитува државата чиј државјанин е, а воедно и официјално именувано лице платено од парите на граѓаните, потенцира Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити во Чаир, Касами во Тетово, Бакиу во Скопје – ВЛЕН ги објави кандидатите за градоначалници

Централното претседателство на ВЛЕН ги избра кандидатите за претстојните локални избори. Во Тетово за нов мандат ќе се бори актуелниот градоначалник, Билал Касами. Во Чаир, ќе се кандидира првиот вицепремиер, Изет Меџити, а во Струга, ВЛЕН го поддржува независниот кандидат Менди Ќира.
Во Кичево ќе го кандидира министерот за Социјална политика, Фатмир Лимани, во Дебар кандидат на ВЛЕН ќе биде заменик-директорот на Управата за јавни приходи, Фисник Мела.
Во Градот Скопје, ВЛЕН го предлага директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe, Башким Бакиу.
Во Сарај, кандидат на ВЛЕН ќе биде директорот на претпријатието „Номагас“, Мухамед Елмази, во Липково директорот на Државните резерви на нафта, Неџмедин Садику, во Арачиново ВЛЕН ќе настапи со Даут Беќири.
Во Желино актуелниот градоначалник на оваа општина, Блерим Сејдиу, во Теарце ќе се кандидира директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, во Боговина, ВЛЕН го кандидира Фети Абази, во Брвеница директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Хаќим Рамадани и во Долнени, ВЛЕН ќе се кандидира со наставникот Блерим Ислами од село Цернилиште.
Од ВЛЕН велат дека сè уште нема конечна одлука за кандидатите за општините Гостивар, Врапчиште, Студеничани и Чашка и дека во разговори се со неколку кандидати.
„Тука нагласуваме дека сите овие се кандидати на ВЛЕН и, како што претходно одлучивме, ниту еден од нив не се кандидира под партиско лого. Всушност, освен што се кандидати на ВЛЕН и идни градоначалници на општини, тие ќе бидат слуги на сите граѓани без оглед на етничката, религиозната и политичката припадност“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Метеж на границите: на Табановце и Богородица се чека по 45 и 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информира АМСМ.
Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез е околу 45 минути додека на ГП Богородица времето на чекање за влез и излез од државата е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делегации на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа по повод 2 Август, Денот на Републиката

Делегации на ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на Републиката, 2 Август, ќе положат свежо цвеќе на неколку локации низ Македонија, во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе ја предводи партиската делегација во Ташмаруништа, каде ќе положи свежо цвеќе заедно со претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга и заменик министер за правда, Ален Деребан и пратеникот Јован Јаулески.
Во Скопје на 3 локации, партиската делегација ќе ја предводат градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски и пратеничката, Катерина Димитровска. Тие ќе положат свежо цвеќе пред Споменикот на Претседателот на Крушевската Република, Никола Карев во 10:00 часот, пред споменикот на АСНОМ (парк Жена Борец) во 10:20 часот и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто (плоштад Македонија) во 10:40 часот.
Партиска делегација ќе положи свежо цвеќе и во Пелинце во 11 часот, која ќе ја предводи пратеникот Бране Петрушевски, а во состав на пратеникот и член на ИК, Миле Лефков, како и директорот на Државниот студентски дом Скопје, Александар Каровски.
Во Крушево, партиската делегација ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на хероите на месноста „Слива“ во 10 часот и на Мечкин Камен во 12 часот. Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево ќе ја предводи Генералниот секретар, Ѓорѓија Сајкоски, а истата ќе биде во состав на претседателот на Унијата на млади сили, Сергеј Попов, претседателката на Унијата на жени, Жаклина Пешевска, членот на ИК, Ристо Симеонов и членот на ИК, Олга Лозановска.
Делегации на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и Патриотскиот институт, утре ќе положат свежо цвеќе на бројни локации во општините низ државата.