Свет
Пјонгјанг го заврши развојот на шпионскиот сателит: Ким нареди лансирање

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави дека неговата земја го завршила развојот на својот прв воен шпионски сателит и им нареди на официјалните лица да го извршат неговото лансирање според плановите, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на извештај на државните медиуми во Пјонгјанг.
„Тој нагласи дека зајакнувањето на извидувачките капацитети е приоритет за спротивставување на заканите од САД и Јужна Кореја“, објави државната агенција КЦНА.
Во декември Северна Кореја изврши, како што ја нарече, важна последна фаза од тестот за шпионски сателит и најави дека ќе ги заврши подготовките за лансирање до април. Според извештајот, изградбата на сателитот е завршена, но не е прецизирано кога е планираниот датум за лансирање.
„Обезбедувањето информации во реално време за военото сценарио на непријателските сили е најважната задача“, рече Ким и го осуди распоредувањето на американските стратешки средства во регионот како обид „Јужна Кореја да се претвори во напредна база за агресија и арсенал за војна“.
Посетата на Ким на вселенската агенција доаѓа само неколку дена откако Северна Кореја тестира нова интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво.
По лансирањето, Јужна Кореја, САД и Јапонија во понеделникот почнаа заедничка воена вежба за противракетна одбрана во меѓународните води на Источното Море, со цел да ги зајакнат капацитетите за одвраќање на заканите од Северна Кореја, соопшти јужнокорејската морнарица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нетанјаху: Падот на иранското раководство не е целта, но може да биде резултатот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека промената на режимот или падот на раководството на Иран не е цел на нападите на Израел, туку може да биде резултат.
„Прашањето за промена на режимот или падот на овој режим е пред сè прашање на иранскиот народ. Никој друг не може да го стори тоа. И затоа не го претставив како цел. Може да биде резултат, но тоа не е наведена или официјална цел што ја имаме“, рече Нетанјаху во интервју за израелскиот јавен радиодифузер Кан.
Тој рече дека Израел може да ги уништи сите нуклеарни реактори на Иран, без оглед на тоа дали американскиот претседател Доналд Трамп ќе се придружи на нападот или не.
Нетанјаху ја даде изјавата пред Белата куќа да објави дека ќе одлучи во следните две недели дали САД ќе се приклучат на нападите врз Иран.
Воените аналитичари веруваат дека на Израел можеби ќе му биде потребна помош од американски бомби за разбивање бункери за да го уништи објектот за збогатување ураниум во Фордо, клучен објект во нуклеарната програма на Иран, кој се наоѓа под планина во близина на градот Ком.
На прашањето дали Израел може да го уништи Фордо без американска поддршка, Нетанјаху рече: „Можеме да ги уништиме сите наши цели, сите нивни нуклеарни објекти, но одлуката на претседателот е дали сака да се придружи или не. Тој ќе го направи она што е најдобро за Соединетите Американски Држави, а јас ќе го направам она што е најдобро за државата Израел и морам да кажам дека секој го прави својот дел.“
Во средата, Трамп рече дека Соединетите Американски Држави можат сами да го уништат Фордо. „Но, тоа воопшто не значи дека ќе го направам тоа“, рече Трамп.
Свет
Европски дипломат: Иранците не можат да седнат со Американците, додека ние можеме

Европските министри за надворешни работи денес ќе се сретнат со својот ирански колега, со цел да го отворат патот за дипломатија околу спорната нуклеарна програма, и покрај тоа што САД активно размислуваат да се приклучат кон израелските напади врз Иран. Министрите на Велика Британија, Франција и Германија, познати како Е3, како и шефот за надворешна политика на Европската Унија, разговараа со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, претходно оваа недела и се координираа со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Во редок повик до Аракчи, тие ја нагласија потребата тој да се врати на преговарачката маса и да избегне понатамошна ескалација. На предлог на Иран, двете страни се согласија да се сретнат лице в лице. Разговорите ќе се одржат во Женева, каде што во 2013 година беше постигнат почетен договор меѓу Иран и светските сили за ограничување на неговата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, пред сеопфатен договор во 2015 година.
Преговорите меѓу Иран и САД пропаднаа кога Израел ја започна операцијата против нуклеарните објекти и капацитетите на Иран за балистички ракети. „Иранците не можат да седнат со Американците додека ние можеме“, рече еден европски дипломат.
„Ќе им кажеме да се вратат на маса за да разговараат за нуклеарното прашање пред најлошото сценарио, а во исто време да ја изразиме нашата загриженост за балистичките ракети на Иран, неговата поддршка за Русија и притворањето на нашите граѓани.“
Европските сили, кои не беа дел од нуклеарните преговори на Иран со САД, беа сè повеќе фрустрирани од преговарачката стратегија на САД во разговорите. Тие ги сметаа некои од барањата за нереални, плашејќи се од слаба почетна политичка рамка за преговорите.
Двајца дипломати изјавија дека има мала надеж за напредок во Женева, каде што ќе биде присутен и шефот за надворешна политика на Европската Унија. Но, тие рекоа дека е клучно да се соработува со Иран бидејќи по војната, нуклеарната програма на Иран ќе остане нерешена, со оглед на тоа дека ќе биде невозможно да се искорени стекнатото знаење, што потенцијално ќе овозможи тајно оживување на програмата.
Иранскиот функционер рече дека Техеран отсекогаш ја поздравувал дипломатијата, но ја повика Е3 да ги искористи сите расположливи средства за да изврши притисок врз Израел да престане да го напаѓа Иран. „Иран останува посветен на дипломатијата како единствен начин за решавање на споровите, но дипломатијата е нападната“, рече функционерот.
Европејците се единствените што можат да го активираат механизмот за повторно воведување на санкциите, а дипломатите рекоа дека трите земји се обиделе да постават рок до крајот на август за неговото лансирање. „Иран повеќе пати изјавуваше дека активирањето на овој механизам ќе има сериозни последици“, рече иранскиот функционер.
Европа
Чешкиот претседател: Кина е на исто ниво со Русија кога станува збор за хакирање

Кина е на исто ниво со Русија кога станува збор за државно спонзорирано хакирање и шпионажа, изјави чешкиот претседател Петр Павел за „Фајненшл тајмс“.
„Пекинг и Москва се „еднакви во однос на сајбер заканата““, рече тој, додавајќи: „Сведоци сме на сајбер напади од двете страни, речиси на исто ниво“.
Минатиот месец, Чешката Република ја обвини Кина дека е одговорна за „злонамерна кибер кампања“ насочена кон мрежа што се користи за некласифицирани комуникации во нејзиното Министерство за надворешни работи.
Кина ги отфрли обвинувањата.