Свет
(ВИДЕО) Украинската полиција со автомати упадна во Киевско-Печерската лавра

Украинската полиција вооружена со автоматско оружје денеска упаднала во просториите на Киевско-Печерската лавра и ги блокирала влезовите, соопшти Сојузот на православните новинари на Украина, пренесува „РИА новости“.
„Полицијата дојде на територијата на манастирот, блокирајќи го влезот во просториите,“ објавено е на каналот на сојузот на Телеграм.
Вооружените полицајци на влезот од галеријата Ближи катакомби биле пресретнати од парохјаните, кои побарале од нив да го покажат судскиот налог кој ги оправдува нивните постапки. Насобраните парохијани го пееле велигденскиот тропар „Христос воскресе од мртвите“.
Меѓутоа, ситуацијата почнала да ескалира, па верниците почнале да ги туркаат припадниците на безбедносните сили од влезот, врескајќи им да се срамат, но полицајците не реагираат на ескалацијата и не се повлекуваат.
Претходно, адвокатот на лаврата, Нитика Чекман, кој ги застапува интересите на канонската Украинска православна црква (УПЦ), посочи дека претставници на споменикот на културата Киевско-печерска лавра утринава без судска одлука незаконски упаднале во една од просториите на манастирот и ја запечатиле.
„Претставници на националниот споменик во придружба на полиција го оштетија имотот на манастирот. Тие ги искршиле бравите, влегле во просториите на 39. блок и го запечатиле. Полицајците не ги пуштија внатре претставниците на манастирот и на тој начин се вмешаа во незаконското постапување на претставниците на националниот споменик,“ вели Чекман.
Верниците подоцна ја скршиле вратата и влегле во просторијата на лаврата, која претходно била запечатена и во која имало лица кои полицијата ги затворила.
Конфликтот околу Киевско-Печерската лавра ескалираше откако украинското Министерство за култура еднострано и без судска одлука го раскина договорот за закуп и побара монасите на канонската УПЦ да го напуштат манастирот до 29 март.
Ним им беше дозвоено да останат само под еден услов: ако се префрлат во расколничката Православна црква на Украина.
Како што изјави игуменот на манастирот, митрополитот Павел, монасите на УПЦ имаат намера да останат во манастирот до крај. Игуменот беше ставен во домашен притвор под обвинение за поттикнување секташка омраза и поддршка на дејствата на Русија.
Во изминатата година, украинските власти го организираа најжестокиот прогон на УПЦ во поновата историја на земјата. Осврнувајќи се на нејзината поврзаност со Русија, локалните власти во различни региони на Украина одлучија да ја забранат работата на УПЦ, а до парламентот во Киев беше поднесен предлог-закон за нејзина де факто забрана во Украина.
Службата за безбедност на Украина почна да покренува кривични постапки против свештенството на УПЦ и да спроведува контраразузнавачки мерки – претреси на епископи и свештеници во цркви и манастири – во потрага по докази за наводна „антиукраинска активност“.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија жестоко ги осудува акциите на украинската полиција во Киевско-Печерската лавра.
„Нашиот став е многу добро познат и е конзистентен. Ние одлучно ги осудуваме овие дејства“, изјави Песков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел ќе го насочи фокусот кон уништување на тунелите во Газа

Министерот за одбрана на Израел, Исраел Кац, изјави дека и наредил на израелската армија (ИДФ) да се подготви за уништување на сите тунели на Хамас во Појасот Газа.
– Главниот предизвик за Израел по фазата на враќање на заложниците ќе биде уништувањето на сите терористички тунели на Хамас во Газа – директно од страна на ИДФ и преку меѓународен механизам што ќе се воспостави под водство и надзор на САД, напиша тој на Х.
– Ова е основното значење на спроведувањето на договорениот принцип за демилитаризација на Газа и разоружување на Хамас, изјави Кац, додавајќи дека „и наредил на ИДФ да се подготви за извршување на задачата.“
Не е јасно како ИДФ ќе ги уништи тунелите на Хамас во деловите на Газа што не се под контрола на армијата според договорот за прекин на огнот.
Свет
Над 500.000 лица се вратиле во градот Газа откако стапи во сила прекинот на огнот

Агенцијата за цивилна заштита на Газа, која е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500.000 лица се вратиле во градот Газа откако првата фаза на прекинот на огнот стапи во сила претходниот ден.
– Повеќе од половина милион лица се вратиле во Газа (Сити) од вчера, изјави Махмуд Басал, портпарол на цивилната одбрана, службата за спасување која работи под надлежност на Хамас.
На снимки објавени од светските медиуми се гледаат Палестинци кои се враќаат во градот Газа, многумина од нив веејќи палестински и египетски знамиња.
Свет
Обилни врнежи поплавија патишта во Шпанија и принудија десетици жители да бидат евакуирани

Обилни врнежи во регионот Мурсија, во југоисточна Шпанија, поплавија патишта и принудија десетици жители да бидат евакуирани, соопштија локалните власти.
Лидерот на медитеранскиот крајбрежен регион, Фернандо Лопез Мирас, ги предупреди граѓаните во областите Кампо де Картахена и Мазарон да „избегнуваат непотребни патувања и да бидат внимателни“, пренесе државната телевизија РТВЕ.
Градоначалникот на Лос Алказарес, Марио Перез Сервера, на Инстаграм ги повика жителите на ниско поставените делови од општината да се качат на првиот кат од своите домови со храна, вода, комплети за прва помош и батерии. Според Мирас, нема загинати.
Во регионот Мурсија и соседните области беше издадено црвено предупредување, највисоко ниво на тревога, со известувања испратени до мобилните телефони на граѓаните.
Ситуацијата подоцна се подобри и за одредени области беше издадено жолто предупредување, намалено ниво на тревога, пренесе ДПА.
Според весникот „Мајорка Цајтунг“, неколку настани беа откажани на островот Мајорка, кој е популарен меѓу туристите.
Причината за обилните врнежи беше нова DANA – шпанска акронимија за „изолирана горна депресија“, именувана „Алиса“. Ова се однесува на метеоролошки феномен каде џеб на многу студен воздух, познат како „студен капка“, се изолира од главните атмосферски струења и спуштајќи се предизвикува екстремни временски услови.
Типично за медитеранскиот регион, овој феномен се случи и кон крајот на октомври 2024 година, кога речиси 230 луѓе загинаа во последиците од поплавите.
Доцните предупредувања тогаш доведоа до тоа властите сега да бидат повнимателни при обилни врнежи и да издаваат предупредувања порано.