Македонија
Вандалски чин во Струга, исчезната бистата на Славко Јаневски

Бистата на македонскиот поет Славко Јаневски е исчезната од постаментот во склоп на алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим, соопштија од Општина Струга.
Исто така, бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин биле видливо разнишани во очигледен обид да се откорнат од постаментите.
Кражбата е пријавена во полициската станица во Струга од страна на директорот на СВП, Тодорче Тасевски.
„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славко Јаневски, како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција, од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови!“, велат од Општината.
Сличен вандалски чин се случи на 1 октомври 2021 година кога бистата на познатиот македонски поет Анте Поповски беше откроната од постаментот и беше фрлена во крајбрежјето. Таа беше санирана, дополнително зацврстена и вратена на постаментот.
Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на НУМ Струшки вечери на поезијата, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација, како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата. Апелираме сите добронамерни граѓани и почитувачи на поезијата да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата: Ќе го прифатиме секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за економија и труд, заменик-министерот за економија и труд, државниот секретар во Министерството за финансии и советникот во Кабинетот на претседателот на Владата одржа средба со претставници на синдикатите.
Се разговараше за минималната плата, колективниот договор и репрезентативноста на синдикатите.
„Ставот на Владата во врска со зголемувањето на минималната плата е јасен и поврзан со закон. Имено, согласно закон Владата е обврзана да го определи нивото на минималната плата најдоцна до 31 март. Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите, во моментот кога тој ќе биде постигнат во рамките на економско социјалниот дијалог“, велат од Владата.
Македонија
Утре променливо облачно време со локален дожд попладне

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има локален дожд, а на планините повремен снег.
Ќе дува умерен, а во источните делови и вдолж Повардарието засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на стабилно и топло време, освен утре и во сабота кога ќе има локални врнежи од дожд. Утринските и дневните температури ќе бидат во пораст.
Македонија
Работен состанок за решавање на предизвиците од областа на судските и дисциплинските постапки

Министерството за внатрешни работи се одржа работен состанок помеѓу претставници на МВР, Државниот правобранител на РСМ, Основниот граѓански суд-Скопје, Апелациониот суд-Скопје и Државната комисија за одлучување во управна постапка.
Целта на средбата беше дискусија за отворените прашања во врска со роковите за носење на решенијата во дисциплински постапки и други прашања од областа на судските и дисциплинските постапки.
Претставниците на институциите се договорија овие работни средби да продолжат и во иднина со цел меѓуинституционално решавање на сите предизвици со крајна цел заштита на правата на работниците и избегнување на финансиски импликации на штета на буџетот.