Регион
Путин третпат во посета на Словенија
Во периодот кога односите меѓу Русија и Западот се затегнати, рускиот претседател Владимир Путин во саботата по третпат ќе ја посети Словенија, земја членка на НАТО и ЕУ, којашто Љубљана под притисокот на западните сојузници ја најавува само како комеморативна, а Москва и како работна.
За важноста којашто Словенија ѝ ја придава на доаѓањето на рускиот претседател Владимир Путин, зборуваат и големите безбедносни мерки, но и медиумското известување, бидејќи е предвидено целата посета да ја следи во директен пренос словенечката национална телевизија, што досега се има случено само во текот на двете посети на папата Јован Павле Втори.
Путин во Словенија ќе допатува во саботата околу 13 часот и на две места ќе им се поклони на советските и на руските војници загинати на словенечка почва во двете светски војни.
На превој Вршич, кај ткн Руска капела, ќе се одржи комеморација по повод стогодишнината од трагичниот настан, кога голем бројни руски воени заробеници во зимата 1916 година загинале во снежна лавина кога биле принудени да градат планински патишта.
На оваа свеченост говор пред околу 3.000 луѓе од словенечката општествена и политичка елита говор ќе одржи Владимир Путин, како и неговиот домаќин, словенечкиот претседател Борут Пахор.
Во текот на посетата на Путин на Словенија во саботата попладнето се очекува и негово кусо престојување во Љубљана, каде ќе им искаже почести на војниците на Црвената армија кои загинале на словенечка почва во текот на Втората светска војна, пред споменикот кој неодамна е подигнат на љубљанските гробишта Жале. Колонадата со осум столбови од словенечки мермер, на кои се запишани имињата на загинатите војници неодамна е поставена, а ја финансираше Руската Федерација.
Пред завршувањето на посетата во вечерните часови е предвидено Путин и Пахор да им се обратат на многубројните акредитирани новинари за овој настан на кој Словенија му придава голем значење и поради неговата промотивна вредност, бидејќи преку него земјата повторно се наоѓа во фокусот на светските медиуми.
Кон средината на март Пахор му упати писмо на Путин со кое го покани годинава кога се одбележува заокружена годишнина од трагичниот настан да присуствува на церемонијата на Вршич, и изјави дека тоа би било добро за европско-рускиот дијалог без разлика на разликите во гледиштата на меѓународните прашања кои постојат меѓу Словенија како членка на ЕУ и НАТО и Русија.
Медиумите потсетуваа дека станува збор за многу чувствително прашање, имајќи предвид дека рускиот премиер Дмитриј Медведев, ланската посета на Словенија ја искористи за да упати остри критики кон Европската унија поради наметнатите санкции кон Русија.
На надворешно политичките димензии од упатување на покана на Пахор за Путин, наводно на Минхенската безбедносна конференција на почетокот од март предупредила помошничката на американскиот државен секретар Викторија Нуланд, а мариборскиот дневен весник Večer пишуваше дека Американците стравуваат од „пробивањето“ на меѓународните санкции и политиката на изолација на Путин која е наметната токму со волјата на Вашингтон поради неговата политика во однос на конфликтите во Украина и во Сирија.
Вашингтон, наводно, потегот на Љубљана кон Москва го смета за оддалечување на ЕУ од американската стратегија на изолација на Русија, бидејќи посетите на руските функционери ова лето предвидуваат и некои други држави како Австрија а Финска на почетокот од јули веќе ја посети Путин.
Доаѓањето на рускиот претседател во Словенија во време на затегнатите односи меѓу Русија и Западот, во прв ред има комеморативен и пиететен карактер, поради 100-годишнината од подигнувањето на ткн Руска капела, но и потврда на традиционалното пријателство на двата народа и нивните држави, изјави Пахор во петокот за руската агенција ТАСС.
Повторно истакна дека Словенија вредносно, безбедносни и политички ја врзуваат членството во ЕУ и во НАТО, имајќи предвид дека во домашните политички кругови во периодот кога му беше упатена поканата на Путин имаше негодување поради „чувството на искокнување“ на Словенија од заедничките политики на ЕУ и НАТО кон Русија.
Според Пахор, пријателството со Русија продолжува и има традиција, и покрај сегашните различни ставови на двете држави околу некои актуелни прашања. „Мислам дека токму поради тие причини посетата на рускиот претседател на моја покана добива дополнително на значењето, со тоа го јакнеме уверувањето за неопходноста од дијалог“, вели словенечкиот претседател.
Путин во Словенија доаѓа во саботата околу 13 часот, по што од аеродромот Брник веднаш ќе се упати кон превојот Вршич кај Крањска Гора, на централната комеморативна свеченост. Пахор ќе го пречека Путин на Вршич, а не на аеродромот, со што Љубљана сака да означи дека посетата има „пиететен и приватен“ карактер, без политички ноти.
Поради тоа, на Путин ниту при доаѓањето ниту на заминување нема да му бидат искажани воени почести, што е вообичаено кога станува збор за високи гости во државничка посета, а не е предвидено ниту потпишување на никакви билатерални договори, ниту разговори на делегации на политички теми.
Москва, пак, на посетата ѝ дава изнијансиран и помалку поинаков карактер, па портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во средата изјави дека посетата на Путин во Словенија, иако куса ќе има два аспекта. Од една страна, рече, таа е комеморативна, бидејќи се одбележува загинувањето на руските и советските војници на словенечка почва, а од друга страна има и работен дел, и Москва очекува разговори за меѓународни прашања, безбедноста и ситуацијата во регионот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Над илјада лица протестираа во Атина против нападите врз Иран
Повеќе од илјада лица маршираа во неделата низ Атина до американската и израелската амбасада во знак на протест против нападите врз Иран. Според полицијата, на протестот учествувале над 1.300 демонстранти.
Протестот бил организиран претежно од поддржувачи на Комунистичката партија на Грција, кои носеле транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Иран“ и „Затворете ја базата Суда“. Амбасадите на САД и Израел биле обезбедени со полициски кордони.
Συγκέντρωση στο πάρκο Ελευθερίας και πορεία προς την αμερικανική πρεσβεία πραγματοποίησαν εργατικά σωματεία και φορείς κατά των επιθέσεων των ΗΠΑ και Ισραήλ στο Ιράν.
🎥orange press#ingr #news #αθηνα #iran pic.twitter.com/q5IcH44kzk
— in.gr/news (@in_gr) March 1, 2026
Ден претходно, грчките власти ги засилиле безбедносните мерки во поморската база Суда на островот Крит, која ја користат САД како стратешка точка во источниот Медитеран.
Фото: ЕПА
Регион
Оштетена амбасадата на Србија во Техеран во утринските напади
Во утринското бомбардирање на Техеран е оштетена зградата на Амбасадата на Србија во Иран, дознава српски „Телеграф“.
Според информациите на медиумот, била гаѓана блиската база на Басиж, а од силата на ударот е предизвикана материјална штета и на објектот во кој се наоѓа српската дипломатска мисија.
Во нападот нема повредени меѓу персоналот на амбасадата.
Во тек е нов бран напади на Израел и САД врз воени објекти во Иран, особено во Техеран.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

