Скопје
Три лица искасани од кучиња скитници во Скопје, меѓу нив и малолетник во школски двор

Три лица биле искасани од кучиња скитници, покажува полицискиот билтен. Меѓу повредените, има и малолетник, кој според пријавата бил нападнат во школски двор. Сите случаи се во Скопје.
„Во 09.30 часот во Полициската станица Центар Ф.Х.(47) од Скопје пријавила дека на бул.“Мајка Тереза“ била касната од куче скитник. Во 17.00 часот во Полициската станица Аеродром С.Ш.(43) од Скопје пријавила дека во кругот од основно училиште на подрачјето на Аеродром нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник. Во 19.00 часот во Полициското одделение Петровец В.А.(49) од Скопје пријавила дека во с.Ржаничино била касната од куче скитник“, стои во полицискиот билтен.
И вчера беа пријавени три каснувања од кучиња. Изминатата недела, имаше и остри реакции за нетретрирањето на бездомните животни, кои се оставени на улиците без храна и вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Првенците од Кисела Вода ќе летуваат бесплатно

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски им додели награди на најдобрите ученици, првенци на генерацијата од сите осум основни училишта на територијата на општината.
Вкупно 24 ученици, односно тројцата најуспешни ученици од секое училиште, добија бесплатно летување во летниот едукативно-рекреативен камп SCOUT во Охрид, додека девет од нив, кои според рангирањето имаа најголем број на поени, беа дополнително наградени со висококвалитетни очила за сонце, извести општина Кисела Вода.
„Оваа активност е дел од јасната и доследна заложба на општината да препознае, поддржи и да ги награди трудот и знаењето кај младите, но и да создаде амбиент во кој успехот се вреднува, а учениците се мотивираат да продолжат по патот на учење и личен раст.
Општина Кисела Вода, преку ваквите проекти, ја исполнува својата мисија да гради стимулативна средина во која секое дете ќе има шанса за напредок и афирмација, препознавајќи го образованието како клучна алатка за индивидуален и општествен развој“, соопштува Општината.
„Ние како општина градиме систем кој ги поддржува младите и им дава поттик да се стремат кон повеќе. На овој начин не само што им ги честитаме извонредните достигнувања на овие млади луѓе, туку и испраќаме порака до сите ученици дека трудот, знаењето и истрајноста секогаш ќе бидат препознаени и наградени. Остануваме посветени на креирање услови во кои секое дете ќе има можност да расте, да се развива и да го реализира својот потенцијал. Горди сме што во Кисела Вода растат генерации што ветуваат“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Герасимовски: Даночната канцеларија во Центар нуди побрза и поедноставна услуга за нашите жители

Општина Центар ги информира сите граѓани кои сѐ уште не добиле Решение за наплата на данок на имот за 2025 година дека можат да ги регулираат своите обврски со директно обраќање во општинската даночна канцеларија.
„Истурената даночна канцеларија значи побрза и поефикасна услуга. Целта ни е граѓаните навремено и лесно да ги завршат своите обврски“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Граѓаните преку општинската канцеларија можат да добијат решенија за данок на имот за физички и правни лица, информации за состојбата со платените решенија, можност за промена на податоци во постојни решенија (како адреса, сопственик или имотен лист), пријава на нови обврзници, допријава на имот од легализација, како и корекција на квадратурата според имотниот лист.
Канцеларијата е отворена секој работен ден, од 08:00 до 16:00 часот, во Општина Центар, барака број 5, соба 15.
За повеќе информации можете да се обратите на телефонскиот број 070 316 796, кај одговорното лице Маја Дичева или на е-пошта на следната адреса: [email protected].
Македонија
(Фото) 400 ученици од Гази Баба заминаа на летен камп

Утрово 400 ученици од општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба заминаа на училишен летен камп, кој се реализира во организација на Сојузот на училишен спорт на Гази Баба со субвенционирање од општината.
„Во рамките на кампот, учениците ќе бидат дел од спортски, едукативни и забавни активности, а дополнително ќе имаат обука за основна пливачка техника.
Општина Гази Баба со реализација на оваа мерка успеа да донесе радост кај децата, а една од клучните цели која се постигнува е поголема социјализација на учениците“, велат од Општината.
На испраќањето на учениците, покрај родителите присуствуваше и градоначалникот Бобан Стефковски кој им посака среќен пат и добра забава на учениците.
Овој камп се релизира трета година по ред.