Скопје
Остри реакции за бездомните кучиња во Скопје: Пополека умираат од глад и жед, а се и сериозна опасност
Скопјани реагираат на проблемот со бездомните кучиња. Ги има во повеќе маала низ градот, најголем дел оставени без храна и вода. Се сведочи и за цели глутници, кои во најголем случај се мирни. Жителка на Карпош бараше дислоцирање на кучиња кои биле во близина на училиште. Скопјанец сведочи како седум кучиња умираат под Железничката станица, а смета и дека се опасност за минувачите. Засега „Лајка“ нема решение за овие кучиња, бидејќи приципот на кој работи претпријатието е залови, третирај, врати на иста локација.
Христијан Богдановски, скопјанец, преку објава на социјалните мрежи аламираше дека бил сведок на жална глетка. Посочува дека и самиот бил жртва на куче кое го нападнало за нога додека возел велосипед. Посочува дека ова што се случува во Скопје е срамота.
„Пред саат време на Железничка, жална глетка, гладни, жедни и истоштени од дивеење на скопските улици, болни, пополека умираат. Мислам дека е многу поразумно и похумано, ако веќе не планираат да ги згрижат (од градов/државните институции, или пак невладиниве организации за права/заштита на животните, кои што зимаат еден куп пари од донации за таа намена, а само знаат да ни попуваат како да се однесуваме со животните, а не прават ништо суштински, ниту за заштита и подобрување на правата и условите на животните, ниту пак за луѓето), подобро ќе биде барем да се умртват, односно еутаназија на дивите кучиња во градов, зошто вака се стварно греота, a уште поважно и пострашно се сериозна опасност, не само за деца и жени, туку дури и за возрасни мажи“, стои во дел од објавата на Богдановски.
Ова не е единствена реакција изминатите денови. Жителка на Карпош, бараше реакција од „Анима мунди“ и „Лајка“ за дислокација на кучиња, за кои посочува, дека биле истовирани близу училиште.
„Денес околу 10 часот во Карпош 4 на улица Волгоградска, кај ‘Зур маркетот’, беа истоварени 6 огромни црни кучиња. Дали може да ги замолам ЈП Лајка – Скопје и Анима Мунди да помогнат да се дислоцираат или да се преземе нешто друго? Во близина се на градинка и школски двор, дајте да превенираме на време, да не ни се случат уште една Пинтија или уште една Струга. Не е едно куче, глутница е, затоа и пишувам и молам да се преземе нешто на време“, пишува во дел од објавата.

„ЈП Лајка“ во неколку наврати, прашани за одговорноста за глутниците кучиња, пред два месеци, ни одговори дека тие се последниот обрач за ставање под контрола на проблемот.
„Одговорноста за перпетуирањето на проблемот со постоењето на бездомните кучиња е на институциите кои ги креираат законите и ги спроведуваат. ЈП Лајка е последниот обрач во ланецот за ставање под контрола на овој проблем, но за жал во јавноста само нас не препознаваат како одговорна институција за решавање на проблемот со уличната популација на кучиња. Нашата позиција во моментот е да го амортизираме проблемот кој други надлежни институции како Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Министерствоото за внатрешни работи навремено не го превенираат но и не делуваат соодветно“, стоеше во одговорот на ЈП „Лајка“.
Само денеска, во дневниот билтен на МВР стои дека во полиција се пријавени четири каснувања од кучиња. Пред два месеци, беше објавено и видео од Аеродром, на кое се гледаше како глутница бездомни кучиња нападнаа домашен миленик, додека сосптвеникот се обидуваше да го оттргне.
Скопје не е единствен град кој има проблем со бездомните кучиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект на водоводна цевка Ф 80мм. на булеварот Илинден бб. во кругот на Ј.П.Парови и Зеленило Скопје, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на булеварот Илнден од крстоницата со улицата Франклин Рузвелт до крстосницата со булеварот 8ми-Септември, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00часот до завршување на работните активности.

