Топ
Полицијата со нова акција: Шестмина уапсени за дрога за само 24 часа

Денес рано наутро во 02.40 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници ги лишиле од слобода Б.М.(25) и М.А.(30) двајцата од Скопје затоа што кај нив била пронајдена и одземена бела прашкаста материја.
Малку по полноќ, во 00.20 часот денеска, на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Л.И.(31) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена бела прашкаста материја.
Рано утрово во 02.30 часот во угостителски објект во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Х.Б.(24) од Струга затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја.
Доцна вчера во 23.30 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.А.(37) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена бела прашкаста материја.
Вчера попладнето во 17.50 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.Џ.(38) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена прашкаста материја.
По целосно документирање на случаите ќе следи соодветен поднесок, ссоопштуваат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се зголемува цената на бензините и на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,63 % во однос на одлуката од 9.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 4,088%, кај дизелот за 5,626%, кај екстра лесното масло за 5,127% и кај мазутот зголемувањето е за 5,691%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,6205%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,293 ден/кг и сега ќе изнесува 39,779 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 17.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Свет
Иранскиот парламент демантира дека земјата се повлекува од договорот за неширење нуклеарно оружје

Иранскиот парламент денес негира дека разгледува закон за повлекување на Техеран од договорот за неширење нуклеарно оружје (ННП) како форма на одговор на израелските напади, објави иранската новинска агенција „Мехр“.
„Извештаите во медиумите за ова прашање не одговараат на реалноста“, се вели во соопштението на парламентот.
Порано денес „Ројтерс“ објави дека портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Исмаил Багаи, изјавил дека парламентот на земјата подготвува закон за повлекување на Техеран од ННП.
Багаи рече дека Техеран сè уште се спротивставува на развојот на оружје за масовно уништување, објави „Ројтерс“.
Израел, кој не го потпишал глобалниот договор за неширење нуклеарно оружје (ННП), објави дека има цел да го спречи Иран да развива атомско оружје.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во четвртокот усвои резолуција во која се наведува дека Иран ги крши своите обврски според ННП.
Се верува дека Израел поседува нуклеарно оружје, според британската агенција.
Свет
Иран се повлекува од договорот за неширење нуклеарно оружје

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеј, денес изјави дека иранскиот парламент подготвува закон за повлекување од договорот за неширење нуклеарно оружје (НПТ) додавајќи дека Техеран останува против развојот на оружје за масовно уништување.
Тајната програма за збогатување ураниум на Иран беше откриена во 2002 година, што предизвика загриженост дека се обидува да развие нуклеарна бомба, со што ги прекрши своите обврски од НПТ, што Техеран го негира.
Западните земји, предводени од САД, и Израел, заколнатиот непријател на Иран, се сомневаат дека Техеран сака да развие нуклеарно оружје. Техеран негира дека има такви воени амбиции, но во исто време потсетува и го истакнува своето право да користи нуклеарна енергија за цивилни цели во согласност со одредбите од НПТ.
Сепак, Иран е единствената земја што нема нуклеарно оружје и збогатува ураниум до високо ниво од 60 проценти, според МААЕ.
Нуклеарните разговори меѓу Иран и САД, што требаше да се одржат вчера во главниот град на Оман, Мускат, беа откажани отога Израел ја почна операцијата „Лавовски подем“ во петокот наутро со ненадеен напад, што елиминира дел од военото раководство на Иран и оштети нуклеарни постројки.
Израел рече дека кампањата дополнително ќе се интензивира во наредните денови, а Иран вети дека ќе „ги отвори портите на пеколот“ како одмазда.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи рече дека неговата влада не гледа смисла во продолжувањето на преговорите по големиот напад врз нуклеарните постројки на Иран.
Иран ја повика Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да го осуди Израел по нападот врз неговите нуклеарни постројки. „Мирните нуклеарни постројки на земја што беше под постојан надзор од страна на МААЕ беа нападнати. Очекуваме (Агенцијата и нејзиниот раководител Рафаел Гроси) да заземат цврст став со кој ќе го осудат овој чин“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, за време на денешниот вонреден состанок.