Свет
Речиси три милиони луѓе го следеле летот на Лавров од Москва до Њујорк

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пристигна во Њујорк, каде што ќе учествува на седниците на Советот за безбедност на ОН, соопшти денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Сергеј Лавров пристигна во Њујорк. Утре ќе има седница на Советот за безбедност на ОН со негово претседавање“, напиша таа на својот канал на „Телеграм“, пренесува агенцијата ТАСС.
Захарова додаде дека неговиот лет за САД го следеле рекорден број луѓе, односно над три милиони луѓе го следеле движењето на авионот преку апликацијата Flightradar.
Шефот на руската дипломатија денеска ќе се сретне со генералниот секретар на ОН. Антонио Гутереш. Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, претходно изјави дека Русија „има многу теми за разговор“.
Лавров ги покани и највисоките дипломати на неколку земји, вклучително и американскиот државен секретар Антони Блинкен, да учествуваат на седниците на Советот за безбедност на ОН, со кои претседава Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Би-Би-Си“: Израелските напади врз иранските нуклеарни постројки нема да предизвикаат нов Чернобил

Нападите врз иранските капацитети за збогатување ураниум, како оној во Натанц, не носат ризик од нуклеарна катастрофа од размерите на Чернобил или Фукушима, објави „Би-Би-Си“, повикувајќи се на проценки на нуклеарни експерти.
Според Би-Би-Си, цел биле објекти за збогатување ураниум, а не активни реактори каде што се случува нуклеарна фисија. Токму поради ова, опасноста од ширење на радиоактивноста е минимална.
„Нема нуклеарна реакција во постројката за збогатување ураниум, за разлика од нуклеарната централа“, објаснува за Би-би-си Симон Мидлбург, експерт за нуклеарни материјали од Универзитетот Бангор. Во електраната се одвива контролирана фисија – разделување на атомите на ураниум – што создава топлина, како и високо радиоактивен отпад.
Во збогатувањето ураниум, напротив, постројките произведуваат само гориво – не се случува нуклеарна реакција.
Честичките на ураниум може да завршат во околината, но нема да има експлозија
Ако таков објект се бомбардира, вели Мидлбург, честичките на ураниум во процесот на збогатување би можеле да бидат ослободени во животната средина, но нема да има нуклеарна експлозија или раширена радијација.
„Опасноста ќе остане локализирана, без радиолошки ризик надвор од помалата зона околу погодениот објект“, рече Мидлбург.
Би-Би-Си потсетува дека синоќа израелските сили извршија нови напади врз објекти во Натанц. Засега нема информации за истекување на радиоактивен материјал.
Свет
(Видео) Ракетата „Спејс Икс“ на Илон Маск експлодира за време на тестирањето

Ракетата на компанијата „Спејс икс“ која беше тестирана во Тексас експлодира, а извршниот директор Илон Маск објавил дека нема опасност во безбедносната зона околу таа локација.
Компанијата денеска соопшти дека тоа се случило додека леталото се подготвувало за својот десетти пробен лет на лансирањето во јужен Тексас.
Holy cow Starship pic.twitter.com/ch2R88wzs3
— Chris Combs (iterative design enjoyer) (@DrChrisCombs) June 19, 2025
„За време на целата операција, се одржуваше безбедносна зона околу локацијата и целиот персонал е безбеден“, соопшти „Спејс Икс“ на социјалните мрежи.
Тие побараа од луѓето да не се обидуваат да се приближат до локацијата.
Компанијата најави и дека соработува со локалните власти.
Свет
Израел: Ќе ги засилиме нападите врз Иран

Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац изјави дека земјата ќе го зголеми интензитетот на нападите врз стратешките цели во Иран, вклучително и оние во главниот град Техеран.
Најавата доаѓа по израелскиот ракетен напад врз нуклеарниот реактор во Арак и иранскиот напад врз болницата Сорока во јужен Израел.
„Премиерот и јас дадовме наредба на ИДФ да го зголеми интензитетот на нападите врз стратешките цели во Иран и врз владините цели во Техеран, со цел да се елиминираат заканите за државата Израел и да се поткопа режимот на ајатолахот“, рече Кац на социјалната мрежа „Икс“.
Нападот на болницата предизвика низа реакции во израелската политичка елита, нагласувајќи дека станува збор за цивилен објект. Од друга страна, иранските државни медиуми тврдат дека целта била воена база на израелската армија која се наоѓа во непосредна близина на болницата.