Топ
Возел пијан и во спротивна насока – обвинител започна истага за сообраќајката кај Ѓавато во која загина жена
Битолското обвинителство поведе постапка против едно лице од Ресен поради сообраќајната несреќа кај превојот „Ѓавато“, пришто загина 57-годишна ресенчанка.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот за тешката сообраќајна несреќа возел пијан и преминал во спротивната насока од патот.
„Осомничениот, на 23 април, како учесник во сообраќајот на магистралниот пат А3 Битола – Ресен, управувал автомобил „Mерцедес“ со ресенски регистарски таблички во насока од Битола кон Ресен. Но, притоа не се придржувал кон одредбите за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно возилото го управувал со недозволено количество на алкохол од 0,67 промили алкохол во крвта. Освен ова, тој не го држел автомобилот во движење блиску до десниот раб на коловозот. Кога дошол на критичното место, на околу 700 метри од местото викано „Кај чешмите“, со возилото преминал преку надолжната средишна неиспрекината линија на левата коловозна лента, гледано во насока на неговото движење. Во таа коловозна лента во спротивна насока, движејќи се од Ресен кон Битола, наидувало возило „Сеат Ароса“ со ресенски регистарски таблички во кое имало две лица“, велат од Обвинителството.
При судар на двете возила оштетената – возач на автомобилот „Сеат Ароса“ се здобила со тешка телесна повреда од која веднаш починала, додека нејзиниот совозач се здобил со телесна повреда.
Надлежниот јавен обвинител уште при извршениот увид на лице место даде наредба за обдукција на телото на починатата и други наредби потребни за обезбедување на трагите и доказите.
Основното јавно обвинителство Битола до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомниченото лице, поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и вештаците и можност да го повтори кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

