Свет
Американски генерал: Русија продолжува со небезбедни и непрофесионални воздушни активности во Сирија

Русите продолжуваат да изведуваат небезбедни и непрофесионални воздушни активности од во Сирија, изјави висок американски генерал за „Ал Арабија“.
„Сè уште сме сведоци на небезбедни и непрофесионални воздушни активности од Русите“, истакна генерал-мајор Метју Мекфарлан коментирајќи ги борбите против ИСИС во Ирак и во Сирија.
Мекфарлан, кој ја предводи коалицијата против ИСИС, посочи дека американската војска има воспоставено комуникациска врска за спречување конфликт со Русите и за намалување на сите зголемени ризици предизвикани од руските активности.
Тој сепак истакна дека коалицијата против ИСИС останува посветена и фокусирана на мисијата истакнувајќи дека може да го спроведат тоа без да им попречуваат разни играчи на бојното поле, кои се обидуваат да ги фрустрираат.
Американскиот генерал го пофали напредокот постигнат во борбата против ИСИС за која рече дека е воено поразена и дека нема територија.
„Нивната идеологија останува неограничена, а терористичката група се обидува да се консолидира и да продолжи со своите напади во регионот и во светот. Но, благодарение на нашите напори и на коалициските партнери, драматично ја намаливме активноста и ефикасноста на ИСИС во нашата област на операции“, истакна Мекфарлан.
САД на терен соработуваат со Сириските демократски сили (СДФ), кои изгубија илјадници борци во борбата против ИСИС. Турција, која им е клучен сојузник во НАТО, е фрустрирана од ова партнерство и постојано ги напаѓа борците на СДФ.
Турските сили бомбардираа и курдски цели во Сирија и Ирак оправдувајќи ги овие напади како неопходен одговор на ноемврискиот бомбашки напад во Истанбул. Турција ја обвини курдска милиција за извршување на нападот, што Курдите жестоко го негираа.
Анкара наводно стои и зад нападот на конвој во кој бил клучен курдски функционер, придружуван од американски персонал претходно овој месец. Во нападот немаше повредени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците

Само неколку дена пред планираната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека Украина мора да биде вклучена во сите разговори за нејзината иднина.
„Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците, кои се борат за својата слобода и безбедност повеќе од три години“, напиша Макрон на X.
„Бидејќи и нивната безбедност е во прашање, Европејците исто така мора да бидат дел од решението, рече тој.
Макрон претходно разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер, напиша тој.
По разговорот со Макрон, Зеленски напиша на X: „Украина, Франција и сите наши партнери се подготвени да работат што е можно попродуктивно за вистински мир“.
Трамп треба да се сретне со Путин во Алјаска во петок. Според „Волстрит џурнал“, Путин бара целосна руска контрола врз источните региони на Украина, Донецк и Луганск, што Зеленски категорично го отфрла.
Свет
Ердоган за Газа: Одлуката на Израел е неприфатлива, поддршката за Палестина продолжува

Одлуката на Израел да преземе воена контрола врз Газа е апсолутно неприфатлива, му рекол турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на палестинскиот претседател Махмуд Абас во телефонски разговор, пренесува Анадолу.
Според турската Дирекција за комуникации, тие разговарале за израелските напади врз Газа и за најновите случувања во регионот.
За време на разговорот, Ердоган повторил дека Турција ќе продолжи да стои зад Палестина.
Нарекувајќи ги изјавите на Франција, Велика Британија и Канада за можното признавање на палестинска држава достојни за внимание, Ердоган го истакна растечкиот бран критики кон Израел на Западот и додаде дека Турција ќе продолжи со своите напори за мир во регионот.
Свет
Идентификувани останките од три жртви од нападите на 11 септември

Останките од три жртви од нападите на 11 септември се идентификувани благодарение на напредокот во ДНК технологијата.
Службениците во четврток објавија дека ги идентификувале останките на 26-годишниот трговец со валути Рајан Д. Фицџералд, 72-годишната пензионирана директорка на непрофитна организација Барбара А. Китинг и уште една жена, чие име се чува во тајност на барање на нејзиното семејство.
Останките се идентификувани преку подобрено ДНК тестирање на останките пронајдени во урнатините по нападите на 11 септември 2001 година, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач во Њујорк. Останките на Китинг и жената, чиј идентитет не е објавен, се пронајдени во 2001 година, а останките на Фицџералд се пронајдени следната година.
Китинг се враќала дома во Калифорнија со летот на „Американ ерлајнс“ кога членови на Ал Каеда го киднапирааа и намерно го удрија во северната кула на Светскиот трговски центар. Парче од нејзината банкарска картичка било пронајдено во остатоците.
Во нападите од 11 септември, два авиона се урнаа во Кулите Близначки во Њујорк, трет се урна во Пентагон, а четвртиот се урна во Пенсилванија. Вкупно 2.977 луѓе загинаа, од кои 2.753 во Њујорк. Околу 1.100 жртви остануваат неидентификувани, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач.
Во 24-те години од терористичките напади, нови останки се идентификувани благодарение на напредокот во технологијата.