Македонија
Пазарна заплени овошје на Кванташки, го подаруваат по училишта, психијатриската болница Бардовци, на гинекологија, на затвореници во „Идризово“

Директорот на државен пазарен инспекторат Горан Трајковски посочи дека денеска се запленети големи количини на овошки и зеленчук. Тој објави фотографии како заплената од Кванташки пазар ја подарува по училишта, болници, клиники.
„По завршување на координираната акција на Кванташкиот пазар која денес Државниот пазарен инспекторат ја спроведе заедно со Управата за финансиска полиција, Министерство за внатрешни работи и Агенцијата за управување со одземениот имот, одржавме средба со г-дин Дритон Небиу, директор на Агенцијата и заеднички одлучивме запленетата роба од овошје и зеленчук да биде донирана во државните установи каде што е најнеопходна“, напиша директорот и додаде:
„Донации од запленетите овошје и зеленчук предадовме во ЈУДД „11 Oктомври“ – Скопје, Државно училиште за рехабилитација за деца и младинци со оштетен вид ‘’Димитар Влахов ‘’ Скопје, ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална терапија и медицинска рехабилитација – Скопје, Здружение за слепи лица – Куманово, Ј.З.У Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“, ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“ – Скопје, Институт за белодробни заболувања кај децата Козле, ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци – Скопје и во КПУ Идризово“.
Тој изрази благодарност до премиерот на Владата и министерот за економија за дадената поддршката и цврстиот став за решавање на проблемот со високите цени на производите.
„Се работи за доброто на граѓаните и секое заобиколување на законите ќе се санкционира, затоа што системот мора да функционира во целост со доследно почитување на законските прописи. Им благодарам и на пазарните инспектори и на колегите од надлежните институции кои несебично и најпрофесионално си ја завршија работата. Продолжуваме понатаму со активностите на терен“, завршува Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.