Македонија
Потпретседателот на Судскиот совет побара претседателката да поднесе оставка, ако не, ѝ најави план Б
Селим Адеми, потпретседател на Судскиот совет, очекува оставка од претседателката Весна Дамева оти имало караници меѓу членовите. Според него, мнозинството не е задоволно од нејзиното раководење, па тој сметал дека Дамева денеска заедно со оставката ќе закаже седница за утре за избор на нов претседател. Дамева беше децидна дека оставка не дава. Адеми рече дека има и план Б – да се предложи разрешување.
„Ништо не е лошо ако се смени претседател на Судски совет, со сила не се седи претседател. Подобро кажувам да не губиме време, како што беше случајот со Павлина Црвенковска, 14-15 месеци, за на крајот да даде оставка. А кавгите не престанаа. Мислев и бев уверен дека со Весна ќе се прекине. Кога гледа дека станува пожестока и подебатна. Јас гледам дека моментно со Весна Дамева нема да се смени ситуацијата со одредени членови на Судскиот совет, кои даваат тенденција за сите. Не може да се седи со сила претседател кога мнозинството не е задоволно од работењето. Јас очекувам Весна да постапува свесно и одговорно и да каже за мир во куќа: ‘Еве, јас си давам оставка’. Пак ние ќе избереме претседател. Пак од нас ќе има претседател. Добро е да биде претседател од редот на судиите. Ако не, некој ќе треба да предложи разрешување на претседателот на Судскиот совет“, рече Селим Адеми, потпретседател на Судскиот совет.
Претседателката Весна Дамева рече дека се гледа која била целта на Адеми криејќи се зад писмото од Амбасадата на САД. Посочи дека оставка не дава, а ако ја разрешат, таа ќе иде со крената глава.
„Целта беше, а која се спрема 2-3 недели, и причините што ни се познати нам и на јавноста – Весна Дамева да си оди. Претседателот на Судскиот совет претседава со седниците и ги става точките на дневен ред. И не дозволи точките да се тргнат, без пазарење и договарање – за итно да се вршат посети во судовите и тие да се процесираат. Целото плукање да го занемариме оти нема факти и докази. Јас оставка не поднесувам бидејќи сметам дека во секој момент и со мојот интегритет не сум придонела ништо надвор од она што беше изнесено лично“, посочи Дамева.
Предлогот за разрешување го даде самиот Адеми. Претседателката Дамева рече дека нема да го стави на гласање бидејќи е незаконски. Рече дека ќе размисли дали да поднесе оставка, но за тоа ќе види наредните денови.
Претходно, имаше караници и престрелки во Судскиот совет. Имаше и барање за разрешување на Весна Дамева од претседателската функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

