Свет
Поранешна колумнистка сведочеше против Трамп: „Ме турна во кабина и ме силуваше“
Писателката Е.Џин Керол, која го обвини Доналд Трамп дека ја силувал пред речиси 30 години, сведочеше на нејзиното судење во Њујорк, каде на поротниците им кажа дека поранешниот претседател сексуално ја нападнал, а потоа ја клеветил лажејќи за инцидентот.
„Тука сум затоа што ме силуваше Доналд Трамп. Кога пишував за тоа, тој излажа и рече дека тоа не се случило. Лажеше и ми го уништи угледот. Тука сум да се обидам да си го вратам животот“, рече Керол пред федералниот суд на Менхетен.
Поранешната колумнистка на магазинот „Ел“, бара отштета од Трамп, кој е водечки кандидат за претседателска номинација на Републиканската партија. Висината на обештетувањето се уште не е позната, пишува „Гласот на Америка“.
Керол тврди дека го запознала Трамп во стоковната куќа Бергдорф Гудман на Менхетен кон крајот на 1995 или почетокот на 1996 година, дека тој ја поканил да пазарува женска долна облека со него и дека се задевале меѓусебе нешто заедно да пробаат. Керол вели дека завршиле во една од соблекувалните, каде Трамп ја закачил за ѕид и ја силувал, пред да успее да се ослободи и да побегне.
На прашањето на адвокатот, дали таа му рекла „не“ на Трамп, Керол одговори: „Не се сеќавам дека го кажав тоа. Можеби кажав“.
Керол додала дека тогаш се обвинувала себеси и се плашела дека ќе ја изгуби работата и дека Трамп ќе ѝ се одмазди доколку го пријави. Таа рече дека трпи долгорочни последици бидејќи не може повеќе да биде во „романтична врска“.
Трамп не присуствуваше на судењето, не е ниту обврзан на тоа. Станува збор за граѓански случај, што практично значи дека, без разлика на исходот, Трамп нема да оди во затвор.
Поранешниот претседател продолжи да ја критикува Керол на својата социјална мрежа, што го натера судијата да го предупреди дека може да се соочи со дополнителни правни проблеми ако продолжи да зборува за случајот.
„Дали некој верува дека во тоа време ќе внесе речиси 60-годишна жена која не ја познавав во мало сепаре од влезот на многу фреквентна стоковна куќа (а имајќи предвид дека сум, во најмала рака , многу познат)? Таа не врескаше? Нема сведоци? Никој не го виде тоа? – напиша Трамп.
Обвинувањата на колумнистката ги нарече „измама“ со порака дека се работи за „лажна приказна и лов на вештерки“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во пораки од 2018 година пишува дека Епстин платил 5.000 долари за 23-годишна Русинка
Во најновата серија досиеја на Епстин е објавена преписка која што се чини дека е серија текстуални пораки разменети помеѓу Џефри Епстин и неидентификувано лице во септември 2018 година.
Во разговор што се одвивал во текот на два дена преку iMessage услугата на Apple, неидентификуваното лице (чиј идентитет и телефонски број се затемнети) споменува жена опишана како 23-годишна поранешна манекенка од Русија.

Лицето му се обраќа на Епстин со „Џефри“ и пишува: „Можеби имам убава, паметна девојка за вас, господине“, на што Епстин одговара со прашањето: „Паметна девојка?“
Неидентификуваното лице одговара: „Да, многу интелигентна и фина личност“, пред да му испрати две фотографии од жената со покриено лице. Епстин потоа прашува за нејзиното име и детали, но тие детали остануваат редактирани во документите.

Во пораките се наведува дека жената поминала „половина година во Сан Диего на размена од Московскиот универзитет“ и дека сака да остане во Соединетите Држави. Неидентификуваното лице додаде дека ќе му открие „повеќе детали во живо“ на Епстин.
Потоа Епстин бара банкарски податоци од третото лице, а во порака испратена пет часа подоцна, тој вели: „Денес ти испратив 5.000 долари“. Следниот ден, тој проверува дали парите се депонирани.

Овие пораки, според објавените документи, биле разменети помалку од една година пред Епстин да биде пронајден мртов во затворска ќелија во август 2019 година, по неговото апсење под обвинение за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација.
Свет
Трамп: Го замолив Путин да не ја напаѓа Украина една недела, тој се согласи
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил на еднонеделна пауза во ракетните напади врз Украина откако изрази загриженост за екстремно ниските температури што ја погодуваат земјата.
Во разговор со новинарите во Белата куќа, Трамп рече дека директно го контактирал Путин за да побара привремена пауза во ракетните напади, особено оние што ги таргетираат големите градови.
„Го повикав претседателот Путин“, рече Трамп, истакнувајќи дека и Русија поминува низ силен студен бран, но дека температурите во Украина се значително постудени.
„Имаат огромен студен бран“, рече тој, додавајќи дека го замолил Путин да ги одложи нападите една недела за да не бидат испукани ракети врз Киев или кој било друг град. Според Трамп, Путин се согласил.
„Тоа е нешто“, заклучи американскиот претседател.
По изјавите на Трамп, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Трамп го замолил Путин да ги запре нападите врз Украина, но не сакаше да потврди дали рускиот претседател се согласил со барањето.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.

