Економија
„Алкалоид“ со позитивни финансиски резултати за периодот јануари – март 2023г
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2023 година продажбите достигнуваат 3.104.714.658 денари, што е за 15 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 4.346.596.075 денари, што е за 20 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 3 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 28 %. Од вкупните консолидирани продажби 28 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 72 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР, …) се остварени 20 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари во споредба со првиот квартал од 2022 година бележат продажбите остварени во Ерменија каде продажбите се зголемени за 3 пати, потоа во Романија (раст од 51 %), Грузија (раст од 40 %), Грција (раст од 22 %), Хрватска (раст од 13 %), Црна Гора (раст од 12 %), Бугарија (раст од 11 %), Косово (раст од 9 %), Велика Британија (раст од 9 %), Словенија (раст од 7 %), Унгарија (раст од 6 %) итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 33 %, препаратите ОТЦ со 18 %, кардиолошките препарати со 11 %, невролошките препарати заземаат 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 2 %. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри фармација и козметика во споредба со остварените во истиот период од 2022 година. Сегментот фармација бележи раст од 22 %, а козметика раст од 19%.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2023 година изнесуваат 346.520.151 денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 598.921.588 денари, бележи зголемување од околу 12 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 355.523.149 денари и е зголемена за 19 %. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 758.445.142 денари и бележи раст од 19 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 441.583.321 денари е зголемена за 22 %.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше над 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари-март 2023 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 47 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2023 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од нето износ од 36.500 денари.
Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.678 вработени, од кои 2.039 се во земјата, а 639 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2023 година се движеше од 17.200,00 денари до 18.100,00 денари, или просечно 17.787,37 денари за една акција. На 31.03.2023 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.365 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше над 25,64 милијарди денари.
Бизнис-план за 2023 година
Бизнис-планот за 2023 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2022 година, предвидува инвестирање на околу 11% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 10% на консолидираните продажби во однос на 2022 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2022 година. Бизнис-планот за 2023 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2023 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од енергетската и економската криза. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози успешното работење на друштвото. Во согласност со очекувањата, она што доминираше во 2022 година, а продолжува и во првиот квартал од 2023 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи. Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Инвестираме 21 милион евра за набавка на нови пет електрични локомотиви
Инвестираме 21 милион евра за набавка на пет нови електрични локомотиви кои ќе бидат од суштинско значење за зголемување на карго-транспортот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директотот на МЖ Транспорт, Дејан Кошутиќ го потпишаа Договорот за заем од ЕБРД за набавка на нови електрични локомотиви.
Николоски кажа дека со новата флота од пет локомотиви и постојните четири кои се понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.
„Од постојните 11 локомотиви, четири се понови, а седум се постари. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај. Ова е особено важно за Коридорот 10, кој треба да бележи раст во наредните години, како и за Коридорот 8, кој во моментов интензивно го развиваме преку значајни инвестиции во железничката инфраструктура“, рече Николоски.
Истовремено, додаде тој, оваа инвестиција е дел и од пошироката визија за Скопје, подобрување на квалитетот на воздухот преку воведување на градскиот воз.
„Во моментов се работи на една од трите линии во делот на инфраструктурата, а во следните две години ќе се работи и на преостанатите две. Кога целиот проект ќе биде завршен, по тие линии ќе сообраќаат исклучиво електрични возови, со јасна цел, целосно да се елиминира употребата на дизел локомотиви и дизел возови во главниот град и да се придонесе за подобар квалитет на воздухот. Сега влегуваме во потешкиот, но клучен дел, успешно спроведување на набавката. Се надевам дека до март, во соработка со ЕБРД, ќе успееме да го објавиме повикот и потоа успешно да ја реализираме испораката на новите локомотиви“, рече Николоски.
Економија
Развојната банка повлече кредитна транша од над 9 милиони евра за поддршка на 17 македонски компании
Развојната банка денеска ја повлече десетата и последна транша од ЕИБ 7 кредитната линија наменета за зелена транзиција. Вкупниот износ на оваа транша е 9.251.488 евра. Средствата од оваа транша се наменети за поддршка на 17 македонски компании кои се со претежна производствена дејност.
Со повлекување на оваа транша, Развојната банка успешно ја заврши реализацијата на седмата фаза на кредитната линија со средства од Европската инвестициона банка во износ од 100 милиони евра.
Реализацијата на седмата фаза од ЕИБ кредитната линија започна со потпишување на Финансиски договор за заем помеѓу Развојна банка на Северна Македонија и Европска Инвестициона Банка за МСП и MID-CAP компании и зелена транзиција. Кредитите се пласираа преку 5 квалификувани банки – учеснички со каматна стапка до 3,5% годишно кон крајните корисници. Рокот на отплата на кредитите е до 12 години за инвестициони кредити и Mid-cap проекти и до 3 години за кредити за обртни средства.
„Со средства од кредитната линија ЕИБ 7 поддржани се 259 проекти на македонските компании. Кредитната линија ЕИБ 7 ја оствари целта за која беше креирана: зголемување на ликвидноста на стопанството, задржување на постојните и отворање на нови работни места, зголемување на извозот, обезбедување на економски раст и конкурентност на трајна основа, како и стимулирање на компаниите во инвестиции за зелена транзиција со цел долгорочна заштеда на средства преку намалена потрошувачка на енергенси и зачувување, заштита или подобрување на животната средина“, соопшти Развојната банка.
Досега, преку Развојната банка се реализираа седум фази на кредитната линија ЕИБ во износ од 650.000.000 ЕУР. Со средства од овие кредитни линии поддржани се 2.621 проекти на домашните компании и креирани 9.260 работни места.
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.

