Македонија
(Видео) Затворски полицајци од „Идризово“ добиваат и не пријавуваат закани, голем дел земале боледувања за да не одат на работа
Низа боледувања и земени одмори има од затворската полиција во затворот „Идризово“, потврдува директорот Зоран Јовановски во интервју за „Макфакс“. Ова се случува во период кога интензивно беа палени автомобили, а добивале и закани по живот. Околу 15 проценти од затворската полиција во моментов има извадено боледување, а Јовановски посочува дека „штом матичен доктор дал боледување, тогаш се болни“. Тој открива дали затворската полиција отвора боледувања оти се плашат од закани.
Одредени затворски полицајци воопшто не пријавуваат закани од затвореници, а Јовановски вели: „На мое прашање зошто не пријавуваат, велат, за да немаат проблеми“.
„Имаме соработка со МВР, работиме на расчистување на случаите на палењето, закани има и ќе има од страна на затворениците, да биле чесни и поштени луѓе немало да завршат позади решетките“, посочува Јовановски.
Прашан дали се точни информациите дека полицајците добиваат закани и по нивните семејства, тој додава: „Исказите на вработените го потврдуваат тоа дека им се заканувале и дека резултатот на заканите е палењето на возилата“.
„Има такви случаиви што даваат отказ, меѓутоа со зголемување на бројот на затворска полиција би се сузбило тоа заканување“, додава Јовановски.
Јовановски посочува дека присуството на недозволени телефони во затворот, овозможува затворениците да пристапат до социјалните мрежи.
„На социјалните мрежи нашите вработени имаат фотографии од сопруги, деца, така што многу лесно затворениците да го симнат тој профил и да детектираат и која му е сопруга, кои му се деца“, додава Јовановски.
Повеќе за состојбата во „Идризово“ и како 12 години вработените немаат униформи, одговара директорот Јовановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АВМУ реагира по пресудата за новинарката Лиридона Вејсели, загрозена е слободата на изразување
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост поради првостепената судска пресуда од 12 јануари годинава против новинарката Лиридона Вејсели Тафили, оценувајќи дека ваквата одлука испраќа негативна порака за слободата на изразување и медиумските слободи.
Од Агенцијата посочуваат дека кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции, во контекст на нивната професионална работа, создава притисок врз медиумите и директно го ограничува правото на јавноста да биде информирана. Според АВМУ, сите релевантни чинители треба активно да придонесат кон обезбедување услови за непречено остварување на слободата на изразување и информирање, како и за заштита на новинарите и медиумските слободи.
Реакцијата на АВМУ следува откако новинарката и дигитална креаторка од Тетово, Лиридона Вејсели Тафили, беше осудена во Основниот суд во Гостивар на парична казна од 700 евра, односно 43.000 денари, за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пресудата се однесува на новинарски прилог објавен на социјалната мрежа ТикТок, во кој таа го навела името и презимето на судија од Основниот суд во Тетово.
„Осудена сум од Основниот суд во Гостивар со 700 евра казна за изнесување лични податоци, затоа што при известувањето за една тема што ја обработував го спомнав името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово. Станува збор за случај во кој возрасно лице уценувало малолетник, му испраќало порнографски материјали и му се заканувало, а судијата му изрече казна од три месеци ефективен затвор“, изјави Вејсели Тафили за случајот за кој е осудена.
Во конкретниот предмет, Основниот суд во Гостивар, односно судијката Магдалена Мишоска, постапувала по предлог за издавање казнен налог поднесен од Основното јавно обвинителство Тетово, за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ по член 149 став 1 од Кривичниот законик.
Во образложението на пресудата се наведува дека на 28 октомври 2024 година, околу 9 часот во Тетово, обвинетата без согласност на оштетениот Назиф Илјази, судија во Основниот суд Тетово, користела негови лични податоци спротивно на законските услови. Според судот, Вејсели Тафили на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок објавила видеа во кои го навела неговото име и презиме, со што му нанела штета на честа и угледот, како и на професионалната дејност што ја врши повеќе од 37 години.
Случајот предизвика реакции во јавноста и во новинарската фела, при што се отвори дебата за границата меѓу заштитата на личните податоци и правото на јавноста да биде информирана за работата на носителите на јавни функции, особено кога станува збор за прашања од висок јавен интерес.
Македонија
Од утре внимавајте, Безбеден град почнува официјално да казнува со суми од 20 до 500 евра и одземање на возачката дозвола
Од утре официјално започнува примената на системот Безбеден град, со што автоматското снимање и санкционирање на сообраќајните прекршоци влегува во полна функција. Станува збор за интегриран техничко-информациски систем кој преку камери и софтверски алатки ќе ги регистрира прекршоците во сообраќајот, без потреба од директно присуство на полициски службеници на терен.
Во првата фаза, Безбеден град ќе санкционира четири видови прекршоци: пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување возило со истечена регистрација и непрописно запирање или паркирање. Камерите поставени на клучни сообраќајници и раскрсници автоматски ќе го регистрираат прекршокот, ќе ја идентификуваат регистарската табличка и ќе ја процесираат снимката преку централен систем за верификација.
Откако прекршокот ќе биде утврден, сопственикот на возилото ќе добие известување со фотографски доказ, време и локација на настанот, како и соодветна прекршочна санкција. Постапката е целосно дигитализирана, а човечкиот фактор е сведен на минимум, со цел да се избегнат селективност, субјективност и можни злоупотреби.
Казните за пречекорување на дозволената брзина се определуваат според надминувањето на лимитот:
-
до 20 km/h над дозволеното – 20 евра во денарска противвредност
-
од 20 до 30 km/h – 45 евра
-
од 30 до 50 km/h – 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци
-
над 50 km/h – 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување најмалку 12 месеци
Во населено место, санкциите се построги и може да достигнат и до 500 евра, со задолжителна забрана за управување со возило.
Системот Безбеден град автоматски санкционира и минување на црвено светло, за што е предвидена парична казна од 250 евра, како и забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци. Доколку прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода, се применува и кривична одговорност.
За управување возило со истечена сообраќајна дозвола, предвидена е казна од 100 евра за возачот и 250 евра за сопственикот на возилото, доколку станува збор за друго лице. Проверката се врши автоматски преку регистрите на МВР.
Казните за непрописно запирање или паркирање изнесуваат 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра доколку возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место наменето за лица со попреченост. Во случаи кога возилото претставува ризик за безбедноста, се применува и подигнување со пајак-служба, со дополнителни трошоци.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа само 50 проценти од износот. По истекот на рокот, санкцијата се наплатува во целост, со можност за присилна наплата.
Надлежните институции посочуваат дека целта на Безбеден град не е репресија, туку превенција и зголемување на сообраќајната безбедност. Очекувањата се дека со автоматското санкционирање ќе се намали бројот на сообраќајни несреќи, особено оние со тешки последици, како и дека ќе се воведе повисоко ниво на сообраќајна дисциплина.
Со стартот на системот, Безбеден град означува нова ера во контролата на сообраќајот – ера во која прекршоците повеќе не зависат од присуство на полициска патрола, туку од тоа дали возачите ги почитуваат правилата.
Македонија
Сезоната за спортски риболов на водите во НП „Маврово“ почнува од утре
Од утре почнува сезоната на спортски риболов по Радика и Мавровското езеро, информираат од управата на Националниот парк „Маврово“. Риболовот ќе биде дозволен до крајот на октомври.
Од НП „Маврово“ појаснуваат дека спортскиот риболов на Мавровско Езеро е дозволен до 31 мај за време на викенд и државни празници, а понатаму ќе може да се риболови секој ден. Спортскиот риболов на Мавровско Езеро е дозволен за сите видови риби, освен пастрмка, која е во период на природен мрест.
По Радика и притоките дозволени денови за риболов од 01.02.2026 година до 30.09.2026 година се: петок, сабота, недела и државни празници. Во летните месеци јули и август, риболовот ќе биде дозволен секој ден.
За ловење риби на територијата на НП „Маврово“ потребно е да се купи риболовна дозвола и да се поседува легитимација за спортски риболов со платена членарина за тековната година.
Од Националниот парк „Маврово“ испраќаат апел до сите спортски риболовци да ги почитуваат законските одредби, забраните за риболов на одредени видови риби во одредени периоди од годината, како и дозволениот број и минималната големина на уловот.
Дневната риболовна дозвола чини 300,00 денари, годишна, 5.000,00 денари, додека за категориите ученици, студенти и пензионери годишната дозвола чини 3.000,00 денари. За месното население износите се за половина пониски од редовните. Дозволите може да се набават во Информативниот туристички центар во Маврови Анови и онлајн на сајтот на паркот.

