Свет
Зеленски: Носам пиштол и знам да пукам

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервјуто емитувано денеска за украинската телевизија призна дека носи пиштол и знае како да го користи.
„Знам да пукам. Можете ли да замислите (наслов како) „Претседателот на Украина заробен од Русите?“ Тоа е срамота. Верувам дека тоа би било срамота“, изјави Зеленски за украинската телевизија 1+1.
Тој додаде дека се борел до смрт заедно со своите најблиски соработници кога Русите го нападнале неговиот штаб во Киев на почетокот на војната, пренесува Ројтерс.
Во првите денови од нападот на таа земја, украинските власти тврдеа дека руските разузнавачки единици се обиделе да влезат во Киев, но биле поразени и не стигнале до улицата Банкова во центарот на градот, каде што се наоѓа кабинетот на претседателот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Несреќата со три жртви во Хрватска ја предизвикал пијан возач

Вчера вечер околу 23 часот во градот Подградина, во општина Сливно, Хрватска се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа три лица.
Полициската управа на Дубровничко-неретванската жупанија соопшти дека за несреќата е виновен 73-годишен маж. При вклучување во сообраќај со патничко возило, тој не ги пропуштил сите возила што се движеле по коловозот означен како пат со првенство на минување.
Тој со своето возило удрил во патничко возило со дубровнички регистарски таблички, кое поради силата на ударот се одбило и ја пробило заштитната ограда, по што слетало во коритото на реката Мала Неретва и потонало на дното.
Загинале три лица кои биле во потонато возило. Станува збор за хрватски државјани на возраст од 77, 61 и 48 години.
73-годишниот маж кој ја предизвикал оваа сообраќајна несреќа претрпел полесни повреди, а алкотестот утврдил дека возел под дејство на алкохол во концентрација од 1,46 г/кг. Тој моментално е во полициски притвор каде што против него се води кривична истрага за кривично дело предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици, објавија хрватските медиуми.
Свет
Претседателот на Азербејџан, сепак, не доаѓа во Москва на Денот на победата

Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев нема да присуствува на свеченостите во Москва по повод 80-годишнината од победата над нацистичка Германија, потврди помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.
„За жал, не информираа дека Алиев нема да дојде. Тие објаснија дека ќе учествува на домашни настани поврзани со неговиот татко, поранешниот претседател Хејдар Алиев“, најави Ушаков.
На утрешната воена парада во Москва ќе присуствуваат 27 странски лидери. Во Москва вчера пристигнаа кинескиот претседател Кси Џјинпинг, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, српскиот претседател Александар Вучиќ… На парадата треба да учествува и лидерот на босанските Срби Милорад Додик. И покрај предупредувањата од Брисел, во Москва треба да пристигне и словачкиот премиер Роберт Фицо.
Индискиот премиер Нарендра Моди првично требаше да дојде во Москва, но нема да присуствува поради последната ескалација на ситуацијата со Пакистан.
Бројот на странски лидери кои присуствуваат на прославите на Денот на победата значително се намали анексијата на украинскиот полуостров Крим во 2014 година. Во 2022 година, нешто повеќе од два месеци откако Русија ја почна својата инвазија на Украина, ниту еден странски лидер не дојде да прослави во Москва.
Свет
Пакистанскиот премиер му се заблагодари на Ердоган

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф објави дека разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кого го нарекол драг брат. Шариф му се заблагодари на Ердоган за неговата солидарност и поддршка на Пакистан во овој, како што вели, критичен момент.
Шариф, исто така, го информирал Ердоган за храбрите напори на пакистанската војска.
„Ќе ги заштитиме нашиот суверенитет и територијален интегритет по секоја цена. Пакистан е благодарен за напорите на Турција во промовирањето на деескалација и одржувањето на мирот во Јужна Азија“, рече тој.
Пакистан и Турција се блиски партнери. Во средата, турското Министерство за надворешни работи предупреди дека индиските ракетни напади врз Пакистан и пакистански Кашмир го зголемуваат ризикот од сеопфатна војна.