Регион
Скеле и ѕид од зграда паднаа среде улица во центарот на Загреб

Се урнаа скеле и дел од ѕид од зграда во центарот на Загреб, јавуваат загрепските пожарникари.
По пристигнувањето на местото на настанот, било утврдено дека на тротоарот паднало градежно скеле со материјал, а оштетени се и автомобили. Скелето било долго 20 метри, пишува „Јутарњи лист“ споделувајќи фотографии.
Според првичните информации, нема повредени.
Јавната противпожарна служба на Град Загреб излегла на терен со три возила и 10 пожарникари, а на местото на несреќата била и итната помош.
Во тек е интервенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Сериозно е нарушена здравствената состојба на Александар Вучиќ

Александар Вучиќ ја откажа планираната посета на САД поради влошување на здравствената состојба и побара медицинска помош веднаш по враќањето во Белград, објави претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ.
Таа изјави дека здравствената состојба на шефот на државата Александар Вучиќ, кој го прекина престојот во Флорида и попладнево се врати во Белград, е сериозно нарушена.
Вучиќ бил примен на Военомедицинската академија, каде што го пречекале министерот за здравство Златибор Лончар и Драган Динчиќ, поранешен лекар на поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ, објави „Блиц“.
Ана Брнабиќ изјави дека била планирана средба меѓу Вучиќ и американскиот претседател Доналд Трамп на Флорида.
Регион
Вучиќ е префрлен во Военомедицинската академија во Белград, се испитува од што му се слошило

Српскиот претседател Александар Вучиќ пристигна во Белград, а веднаш од аеродромот беше префрлен во Военомедицинската академија (ВМА) во Белград, пренесуваат неофицијално српските медиуми.
Претседателот беше пречекан на ВМА од министерот за здравство Златибор Лончар.
На претседателот на Србија ненадејно му се слошило за време на посетата на САД, по што побара медицинска помош и по прегледот одлучи да се врати во Србија. Поради ова, претседателот на Србија не се појави на главните настани за кои дојде во САД.
Според информациите на Танјуг, на Вучиќ му се слошило во раните попладневни часови по локално време. Во тој момент, во просторијата со претседателот Вучиќ, подготвувајќи се за состаноците, биле министерот за финансии Синиша Мали и советничката за медиуми Сузана Васиљевиќ.
Канцеларијата на претседателот Вучиќ ќе ја информира јавноста за што точно станува збор во наредните денови.
Регион
Две години од масовното убиство во „Рибникар“: Тешка трагедија која Србија никогаш нема да ја заборави

Поминаа две години од страшното масовно убиство кога 13-годишно момче уби девет деца и училишен чувар во ОУ „Владислав Рибникар“. Убиени беа Мара Анѓелковиќ, Бојана Асовиќ, Ангелина Аќимовиќ, Ана Божовиќ, Адријана Дукиќ, Ема Кобиљски, Катарина Мартиновиќ, Софија Негиќ, Андрија Чикиќ и чуварот Драган Влаховиќ.
Минатата година, во декември, беа осудени Владимир и Миљана Кецмановиќ, а првостепено беа осудени родителите на момчето.
Владимир Кечмановиќ е осуден на 14,5 години затвор, а Миљана Кечмановиќ на три години затвор. Инструктор на стрелиште е осуден на 15 месеци затвор поради лажно сведочење.
3 мај е. Пристигнува вест за пукање во близина на училиштето „Владислав Рибникар“, по што веднаш се појави информација дека е убиен училишниот чувар. Сепак, глетката надвор од училиштето укажува дека се случило нешто многу пострашно.
Пред училиштето имало голем број амбулантни и полициски возила, учениците биле евакуирани, родителите трчале од сите страни кон училиштето за да ги земат своите деца. Учениците зборуваа за тоа дека ученик на „Рибникар“ пукал во училиштето. Според првите информации, во училиштето имало повредени, но не и загинати деца. Имаше вест и дека е ранета учителка. Околу половина час по објавувањето на веста за пукањето, полицијата го извела момчето со лисици и јакна преку главата за да го заштити неговиот идентитет како малолетник. Влегол во автомобилот, кој потоа се оддалечил.
Следните часови се претворија во мачно чекање за родителите. Децата ги изнесоа на вториот влез, класа по класа. Ги чекаа нивните вознемирени родители. Оние кои не ги пречекаа децата, прашуваа по болниците. Паника владеела и кај учениците. Некои виделе школски другари како лежат таму и не знаеле дали се живи.
По сите настани во мај, приказната за „Рибникар“ замолкна поради спроведување на детална истрага. На таткото и мајката на момчето и двајца вработени во стрелиштето денеска им се суди во кривична постапка, додека граѓанска постапка се води против момчето, неговите родители, ОУ „Владислав Рибникар“ и Република Србија.
Во тек е кривична постапка која е затворена за јавноста, како и три активни граѓански постапки, а се очекува да започне четвртата по тужбата на оштетениот наставник по историја.