Македонија
(Видео) Ако власта предложи, ВМРО ќе поддржи една изборна единица оти СДСМ и ДУИ, според Милошоски, седум години манипулираат
СДСМ и ДУИ, освен за системското решение со кое ќе се намалат енормно зголемените плати на функционерите, може да сметаат на поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и за моделот за една изборна единица. Пратеникот Антонијо Милошоски денес рече дека, освен тоа што ќе го поддржат, подготвени се и да учествуваат во утврдување на конечниот текст за една изборна единица.
„Владата на СДСМ и ДУИ седум години ги манипулира и јавноста и помалите политички партии за менување на моделот во една изборна единица како подемократски изборен модел. Втората манипулација беше дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го попречи ваквото менување на изборниот модел. Ние уште пред две години кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа изборен модел со една изборна единица. Тоа ќе донесе еднаквост на гласот во секоја општина и на целата територија на Македонија. Ја повикуваме власта да излезе со вакво решение. Доколку власта излезе со решение за една изборна единица, ние ќе ја поддржиме и ќе го дадеме нашиот придонес во утврдувањето на конечниот текст“, рече Милошоски.
ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи, но нема да учествува во процесот доколку власта предложи несуштински мали измени по забелешките од ОБСЕ и ОДИХР. Милошоски вели дека тие нема да учествуваат за да не им дадат политички легитимитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

