Свет
Амбасадата на САД во Киев стравува од ракетни напади од Русија
Амбасадата на САД во Киев во средата ги советуваше американските државјани во Украина да не ги игнорираат можните звучни тревоги за воздушен напад и соодветно да се засолнат предупредувајќи дека безбедносната ситуација во Украина може бргу да се влоши по нападот на украински беспилотни летала врз Кремљ за кој руските власти го обвинија Киев.
Американскиот Стејт департмент и Амбасадата на САД во Киев во средата вечерта издадоа безбедносно предупредување за „засилена закана од руски ракетни напади“ во Украина, вклучително и во главниот град на Украина и околината, наведувајќи ги како причина неодамнешниот пораст на нападите во Украина и запаливата реторика од Москва.
„Амбасадата на САД ги повикува граѓаните на САД да ги следат воздушните тревоги, соодветно да се засолнат, да ги следат упатствата од локалните власти и од дополнителни безбедносни информации во претходното безбедносно предупредување. Бидете свесни дека дури и ако напаѓачките проектили или беспилотните летала бидат пресретнати, паѓањето на нивните остатоците претставува значителен ризик“, се вели во предупредувањето од Амбасадата.
Во него исто така се додава дека секој Американец што сè уште е во Украина мора да има план за вонредни ситуации што не се потпира на помошта на американската влада и дека треба да ја напушти земјата во мигот кога ќе биде безбедно да го стори тоа.
Претходно во средата, руските власти предупредија дека ќе се одмаздат за нападот врз Кремљ што Русија го опиша како однапред планиран терористички чин на украинските сили и обид за загрозување на животот на рускиот претседател Владимир Путин. Киев негира каква било одговорност за нападот.
Прес-секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави во средата дека САД не ја охрабруваат и не ѝ овозможуваат на Украина да напаѓа надвор од своите граници.
Само за потсетување, Вашингтон претходно месецов ѝ испрати на Украина неодреден број беспилотни летала „латиус 600 камикаѕе“. Со бојна глава од три килограми и дострел од 445 километри овие дронови речиси може да прелетаат од североистокот на Украина до Москва.
Дополнително, САД ѝ обезбедија на Украина ракетни бомби за нејзините системи ХИМАРС, како и премолчено одобрение за Киев да го користи ова оружје против Крим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пет деца во Индија заразени со ХИВ по трансфузија на крв
Пет деца кои страдаат од таласемија во индиската држава Мадја Прадеш биле заразени со вирусот ХИВ по примање трансфузии на крв, објавија локалните власти, објави денес Би-Би-Си.
Најновите случаи на ХИВ инфекција предизвикаа загриженост во врска со начинот на кој се даваат трансфузии, а властите формираа комитет за истражување на инцидентот.
Овие случаи следеа по слични инфекции во источната држава Џарканд во октомври, каде што пет деца под осумгодишна возраст беа заразени со вирусот по примање трансфузии на крв во државна болница, потсетува Би-Би-Си.
Властите во државата Гуџарат започнаа истрага во 2011 година откако 23 деца со таласемија беа позитивни на вирусот по примањето трансфузии во болницата.
Родителите на пациенти со таласемија минатата недела го повикаа индискиот парламент да го усвои Националниот закон за трансфузија, за кој велат дека ќе ги заостри регулативите поврзани со собирањето на залихите од крв, нивното тестирање и трансфузија.
Фото: депозитфотос
Свет
Трамп: Не ја исклучувам можноста за војна со Венецуела
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека ја остава отворена можноста за војна со Венецуела, според интервју за Ен-би-си објавено денес. „Не ја исклучувам таквата можност“, изјави тој за „Ен-би-си њуз“ во телефонско интервју.
Трамп исто така рече дека ќе има дополнителни запленувања танкери за нафта во близина на венецуелските води, според објавеното интервју.
Во вторникот Трамп нареди тотална блокада на сите санкционирани танкери за нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела во најновиот потег на Вашингтон за зголемување на притисокот врз владата на Николас Мадуро, насочена кон нејзиниот главен извор на приходи.
Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар од „Ројтерс“. Трамп исто така објави во вторникот дека режимот на венецуелскиот претседател Мадуро е означен како странска терористичка организација.
Нафтата е главен извор на приход за Каракас. Венецуела, која е во ембарго од 2019 година, ја продава својата нафта на црниот пазар по значително пониски цени, особено на Кина.
Трамп претходно го обвини режимот на Мадуро дека ја користи нафтата за финансирање наркотероризам, трговија со луѓе, убиства и киднапирања.
фото/депозитфотос
Свет
(Видео) Снег падна во Саудиска Арабија: зимска магија во пустината
Пустинските и планинските делови на Саудиска Арабија побелеа со снежна покривка што покри неколку региони претворајќи ги планините опкружени со пустина во зимска земја на чудата. Студеното време и обилните дождови донесоа снежни врнежи во некои од градовите.
Саудискиот главен град Ријад побеле под снежна покривка, па сите училишта во градот ја прекинаа наставата. Националниот центар за метеорологија очекуваше повеќе снег во северните делови од регионот Ријад, а провинциите Ал-Маџма и Ал-Гат, северно од Ријад, исто така се под снежна покривка. Има повеќе снег на планинските венци, а врнежите дури и не стигнаа до дел од пустината, објавува РТС.
Sieh dir diesen Beitrag auf Instagram an
Хусеин ал-Кахтани, официјален портпарол на Националниот команден комитет (NCM), објасни дека временските услови што го погодија северниот дел од регионот Ријад се резултат на студена воздушна маса што напредува во областа, придружена со облаци што носат дожд.
🇸🇦❄️Saudi Arabia joins in the festive spirit
Residents were left in shock as snow began to fall pic.twitter.com/1TgCydZT2x
— Lord Bebo (@MyLordBebo) December 18, 2025
Ова придонесе температурите да паднат под нула Целзиусови степени на некои локации создавајќи услови за снежни врнежи.
Ал-Кахтани истакна дека центарот издал рани предупредувања во врска со временските услови додавајќи дека специјализирани тимови продолжуваат да го следат развојот на ситуацијата. Се очекува уште посилен мраз, што е невообичаено за неколку области од северните и централните региони на Кралството.
Некои од жителите на Арабија се радуваа на снежните врнежи.
Ветровите над Црвеното Море ќе бидат од северозападен до североисточен правец и ќе дуваат со брзина од 25 до 50 километри на час.
Во Арапскиот Залив ветровите ќе бидат од северозападен до западен правец, со брзина од 25 до 60 километри на час.
Генералниот директорат за цивилна заштита повика на претпазливост и почитување на упатствата поради неповолните временски услови.
На жителите им беше советувано да избегнуваат одење во долините во овој временски период. Снег падна и во Катар.
Фото: депозитфотос

