Регион
Нови закани од млади момчиња за напади во Србија и во БиХ – негативен тренд меѓу младите според анализа на српските медиуми
По вчерашниот инцидент во Белград, каде што 14-годишно момче уби деветмина лица, денеска српските медиуми поставуваат прашање дали ова е негативен тренд меѓу младите да објавуваат нови закани. Медиумите претходно известија за нова закана во Босна и Херцеговина и уште една таква во Белград.
Во полиција во Белград било пријавено дека деветгодишен ученик во трето одделение во основно училиште прави список со ученици, кои наводно сакал да ги убие, дознава „Танјуг“. Белградските медиуми јавуваат дека станува збор за ученик од основното училиште „Десанка Максимовиќ“ во Белград, а истрагата е во тек.
Претходно, и младо момче со иницијали А. З. од Бихаќ на „Инстаграм“ се закани дека ќе изврши масакр сличен на оној што вчера се случи во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, пренесуваат медиумите во регионот.
Тој на својот инстаграм-профил напиша дека ќе ги убие учениците и наставните работници во економското училиште.
Осум деца и еден чувар биле убиени во средата наутро во вооружен напад на тринаесетгодишен ученик во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград. Шест ученици и еден наставник биле повредени, а напаѓачот уапсен. Тринаесетгодишното момче К. К. влегло во училиштето со два пиштола и четири „молотови коктели“. Имал список за ликвидација на деца, како и план како тоа да го направи. Резултатот од неговата крвава гозба е девет убиени и седум ранети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Косово оди на нови избори по неуспехот да формира влада
Косово ќе оди на вонредни парламентарни избори на 28 декември 2025 година, објави претседателката Вјоса Османи, откако пропаднаа обидите во Собранието да се обезбеди мнозинство за да бидат донесени бројни клучни акти, меѓу кои и буџетот за 2026 година.
Османи го избрала подоцнежниот датум поради технички барања и очекувањата за поголем одѕив.
Таа изрази жалење што граѓаните повторно одат на избори, но нагласи дека тоа е резултат на политичките актери кои од февруари не успеале да формираат влада.
Земјата западна во политичка криза по парламентарните избори одржани на 9 февруари 2025 година, откако ниту една од партиите не освои мнозинство од 61 глас во 120-члениот Парламент.
Регион
Српскиот претседател се соочува со пријава во случајот со „снајперскиот туризам“ во 90-тите во Сараево
Хрватски истражувачки новинар поднел пријава до обвинителите во Милано против српскиот претседател Александар Вучиќ, поради неговата наводна вмешаност во аферата „Сараевско сафари“, во која снајперисти од Италија и други земји наводно патувале во главниот град на Босна за да убиваат цивили за време на четиригодишната опсада на градот во 1990-тите години.
Последната недела, обвинителите во Милано започнале истрага насочена кон идентификација на Италијанците кои наводно се вмешани, под обвиненија за доброволно убиство под околности – суровост и ниски побуди, пишува „Гардијан“.
Според истражителите, групи „снајперски туристи“ наводно учествувале во масовни убиства откако плаќале големи суми пари на војници од армијата на Радован Караџиќ – поранешниот лидер на босанските Срби, кој во 2016 година е прогласен за виновен за геноцид и други злосторства против човештвото – за да бидат пренесени на ридовите околу Сараево, каде што можеле од задоволство да пукаат по населението.
Повеќе од 10.000 луѓе биле убиени во Сараево од гранатирање и снајперска огнена сила меѓу 1992 и 1996 година, во тоа што се смета за најдолга опсада во модерната историја, по прогласувањето независност на Босна и Херцеговина од Југославија.
Снајперистите биле можеби најстрашниот аспект од животот под опсада во Сараево, бидејќи неселективно ги таргетирале луѓето на улица, вклучувајќи и деца.
Истрагата произлегла од правна пријава поднесена од Ецио Гавацени, писател од Милано кој собрал докази за обвинувањата, како и од извештајот што обвинителите го добиле од поранешната градоначалничка на Сараево, Бењамина Кариќ.
Гавацени изјавил дека првично прочитал за наводните „снајперски туристи“ во италијанскиот печат во 1990-тите, но дури кога го гледал „Сараево сафари“, документарец од 2022 година на словенечкиот режисер Миран Зупанич, започнал подетално да истражува.
Во средата, истражувачкиот новинар Домогој Маргетиќ ја поднел својата пријава против Вучиќ пред обвинителите кои го водат случајот.
Како што беше објавено во Сараево, последниве денови Маргетиќ на социјалните мрежи објавил докази дека Вучиќ, тогаш млад доброволец, бил присутен на една од воените позиции во Сараево од кои, според сведоци, странски државјани и српски ултранционалистички единици пукале и убивале цивили .
Гавацени тврдел дека „многу, многу, многу Италијанци“ наводно биле вмешани, без да наведе бројка. Тој додал: „Имаше Германци, Французи, Англичани… луѓе од сите западни земји кои плаќаа големи суми пари за да бидат одведени таму и да пукаат на цивили.“
Александар Вучиќ досега нема коментар за најновите обвиненија, но шпекулации за неговото присуство на сараевското боиште кружат со години.
Во интервју за една босанска телевизија во 2021 година, српскиот претседател изречно негирал дека некогаш пукал на опколениот град. Тогаш тој ги опишал обвиненијата како политичка манипулација заснована врз националистичката реторика на неговата младост и врз кревката рамнотежа на силите во регионот.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.

